Загубеното значење на „објективноста“

Една од големите забуни околу новинарството, пишуваат Бил Ковач и Том Росенстил во The Elements of Journalism, е концептот на објективност. Кога концептот првично еволуирал, немал намера да имплицира дека новинарите не смеат да бидат пристрасни. Сосема спротивното.

Изразот почна да се јавува како дел од новинарството кон крајот на 20-иот век, особено во 1920-ите, како резултат на сè поизразеното сознание дека новинарите се полни со пристрасност, често несвесно. Објективноста бараше од новинарите да развијат доследен метод на проверка на информациите – транспарентен приод кон доказите – со цел личните и културните предрасуди да не ја поткопаат веродостојноста на нивната работа.

Во втората половина на 19-иот век, новинарите зборуваа за нешто што се вика „реализам“, наместо за објективност. Тоа беше идејата дека доколку новинарите само ги ископаат фактите и ги подредат по правилен редослед, вистината придоно ќе излезе на виделина.

Објективноста бараше од новинарите да развијат доследен метод на проверка на информациите – транспарентен приод кон доказите.

Релизмот се појави во време кога новинарството се одделуваше од поврзаноста со политичките партии и стануваше поверодостојно. Истовремено се појави и она што новинарите го нарекуваат „обратна пирамида“, во која новинарот ги подредува фактите од најважниот до најмалку важниот, мислејќи дека со тоа ѝ помага на публиката поприродно да ги сфати нештата.

На почетокот од 20-иот век, меѓутоа, некои новинари стануваа загрижени за наивноста на реализмот. Делумно, новинарите и известувачите стануваа посвесни за засилувањето на пропагандата и улогата на новинарските агенти.

Во времето кога Фројд ги развиваше своите теории за несвесното и сликарите како Пикасо експериментираа со кубизмот, новинарите развиваа нова свест за човековата субјективост.

Методата е објективна, не новинарите.

Во 1919, Волтер Липман и Чарлз Мерз, помошник уредник за NewYork World, напишаа влијателен и критичен текст за тоа како културната кратковидост го избличила известувањето на New York Times за Руската револуција. „Во најголем дел, вестите за Русија беа одраз не на она што се случувало, туку на она што некој сакал да види дека се случува“, пишуваа тие. Липман и други почнаа да бараат начини за новинарот „да остане ослободен од неговите нерационални, непроверени, непризнаени предрасуди при набљудувањето, разбирањето и презентирањето на вестите“.

Новинарството, изјави Лимпан, го практикуваа „необучени случајни сведоци.“ Добрите намери, или како што некој може да ги нарече „искрените напори“ на новинарите, не беа доволни. Вербата во нерафинираниот индивидуализам на суровиот новинар, она што Лимпан го нарече „цинизам на професијата“, исто така не беше доволно. Ниту пак беа некои од новите иновации на времето, како авторските текстови или колумнистите.

Решението, тврдеше Липман, беше новинарите да стекнат поистакнат „научен дух… Можно е само едно единство во свет толку разновиден како нашиот. Се работи за единство на метода, наместо на цел; единство на дисциплиниран експеримент.“ Со тоа Лимпан сакаше да каже дека новинарството треба да се стреми кон „заедничка интелектуална метода и заедничка област на валидни факти“.

За почеток, сметаше Липман, младото поле на новинарско образование треба да биде трансформирано од „професионални училишта чија цел поединецот да стекне вештини кои ќе му обезбедат повисока плата во постојната структура.“ Наместо тоа, главна цел на таквото образование треба да биде изучување на докази и нивна верификација.

Иако тоа беше ера на верба во науката, Лимпан имаше неколку илузии. „Не е важно што вестите не подлежат на математички израз. Всушност, само затоа што вестите се комплексни и лизгави, доброто известување бара примена на највисоките научни доблести“.

Во оригиналниот концепт, со други зборови, методата е објективна, не новинарите Клучот беше во дисциплината на занаетот, не во целта.

Оваа поента има некои важни импликации.

Едната е тоа што непристрасниот глас на многу новински организации – тој познат, наводно неутрален стил на пишување вести – не е фундаментален принцип на новинарството. Наместо тоа, тој е често корисно средство кое го користат новинските организации да истакнат дека се обидуваат да произведат нешто добиено по пат на објективни методи.

Втората импликација е дека овој неутрален глас, без дисциплината на верификацијата, создава маска која покрива нешто шупливо. Новинарите кои бираат извори за да го истакнат всушност нивниот став, и потоа користат неутрален глас за да го направат да изгледа објективен, вршат еден вид измама. Со тоа се оштетува кредибилитетот на занаетот така што го прави непринципиелен, нечесен и пристрасен.

Непристрасниот глас на многу новински организации – тој познат, наводно неутрален стил на пишување вести – не е фундаментален принцип на новинарството.

Новинарите подоцна го рафинираа концептот кој Липман го имаше на ум, но вообичаено само приватно, и во име на техника или рутини на известување наместо на повисоката цел на новинарството. Идејата за објективна метода на известување постои во делови, пренесувана вербално од новинар на новинар.

Развојниот психолог Вилијам Дамон од Стенфорд, на пример, идентификуваше различни „стратегии“ кои новинарите ги развиле за да го верификуваат известувањето. Дамон ги прашал своите испитаници каде ги научиле овие концепти. Речиси сите одговориле: преку обиди и грешки, сами или од пријател. Ретко кој новинар рекол дека ги научил во новинарска школа или од неговиот уредник.

Напишани се многу корисни книги. IRE (Investigative Reporters and Editors) на пример, се обиделе да развијат методологија за користење на јавна евиденција, читање документи и конципирање барања за закони за слободно информирање.

Најчесто, сепак, овие неформални стратегии не се споени во дисциплината која Лимпан и други ја замислуваа. Не постои ништо налик на стандардни правила за докази, како во законите, или прифатена метода на опсервација, како во спроведувањето на научни експерименти.

Ниту пак постарите конвенции на верификација се проширија да одговараат на новите форми на новинарство. Иако новинарството можеби развило различни техники и конвенции за утврдување факти, помалку е сторено за да се развие систем за тестирање на веродостојноста на новинарското толкување.

Овој прирачник, како и многу други во делот Journalism Essentials на API, во најголем дел се темели на истражување и наоди на Committee of Concerned Journalists – конзорциум на известувачи, уредници, продуценти, издавачи, сопственци и академици кои 10 години придонесуваат кон дискусијата помеѓу илјадници новинари за тоа што сториле, како го сториле тоа и зошто е важно. Авторот, Волтер Дин, беше директор за обуки на CJJ и Извршениот директор на API Том Розенстил е поранешен ко-претседавач на комитетот.