Му требаат ли дописници на македонското новинарство?

Моника Талеска Цивил

Менде Петковски“ е единствената награда во Македонија, којашто 12 години на некој начин го валоризираше трудот на новинарите од внатрешноста. Фактот што „Дневник“, во месец кога вообичаено се доделува, не го распишал ни конкурсот за оваа награда, ја разбранува јавноста и ги отвори дилемите: „Дневник“ ќе ја прекине наградата или, сепак, ќе најде сили за поддршка на македонските дописници?

Семејството на починатиот, истакнат новинар-дописник од Битола, Менде Петковски во чија чест „Дневник“ ја востанови оваа награда, се огласи со реакции, дури и со иницијатива да ја преземе наградата. Дописниците бурно реагираат и предлагаат, ЗНМ да ја доделува наградата. Од „Дневник“ се без дециден одговор што натаму, дури и не размислувале на оваа тема, поради тековните проблеми, со кои долго време се соочува овој дневен весник, како дел од компанијата Медиа Принт Македонија. И ова е за оправдување, ако се има предвид фактот, дека дописниците, не само на „Дневник“, туку на МПМ, од август не добиле ни денар хонорар. Поточно јулскиот хонорар го добија во декември, со 5 месечно задоцнување, откако ССМ реагираше со опомена пред тужба. Од десетина, верни на дописничката работа, што ќе рече повеќе храбри да продолжат да работат и без хонорар, останаа само двајца.
Платите на вработените се исплаќаат со задоцнување, работното место на многу новинари во дневните весници на компанијата „МПМ“ виси на конец. Впрочем, вработените во „Утрински весник“ го кренаа гласот и бараа правда за сите.
И не е само наградата „Менде Петковски“, и не е само „Дневник“ и издавачката компанија „МПМ“. Телевизија „Телма“ драстично го редуцираше списокот на свои соработници од внатрешноста. Телевизија „24 Вести“, исто така функционира со мал број дописници. А, барем до неодамна, месечните хонорари беа на ниво на хонорар еден прилог во пристоен медиум. Ова особено поради фактот што сега новинарите треба да бидат „момци за сѐ!“. За да се зачува или „заработи“ местото – дописник во Македонија, за најголем број медиуми, треба да се биде баш „сезнајко“: новинар, снимател, монтажер, возач… Паралелно, треба дописникот да се „прости“ пред време од семејството, да расчисти со својата приватност, зашто работно време – нема, нема одмори, нема празници, нема ден и ноќ… Новинар-дописник значи „питач“ по информации, со ранецот на рамо!
И што е уште побитно, тоа го прават со самоинвестиција, без субвенции од државата. Сами купуваат камери, вложуваат во лаптопи, возила – пристојни за да не изгинат по патиштата, сами си ги плаќаат трошоците за амортизација на опремата, возилото, а „гратис“ им доаѓа студот во зима, пеколните горештини во лето, непроспиените ноќи, стресот на домашните при читање на „оффот“, при монтажа на прилозите, откажувањето на низа средби со своите пријатели, кои за да им останат пријатели, мора да имаат безрезервна доверба, зашто, дописниците и не знаат кога воопшто ќе имаат слободно време за нив…!!!
Згора, да не говориме дека професионалните дописници, кои за жал, малку ги има, одамна се во костец со средината во којашто живеат. На прес-конференциите само тие се „црни овци“, кои и натаму имаат дигнитет да се изборат, макар и само со прашање, за вистината! Зашто, во средина каде што „сите се познаваат меѓу себе“, тешко е да се задржат пријателските релации со претставниците на институциите и со поединци, кога се трага по вистината и се следи истражувачкото новинарство!
Висината на хонорарот што го добиваат дописниците е приказна, сама по себе. Хонорарите се симболични и ако новинарот не одлучи „ да биде нечиј сервис“, за да опстане, принуден е да работи за повеќе медиуми, за да состави минимална плата со која себе си ќе си обезбеди егзистенцијата!
И после сѐ, во време кога македонското новинарство му го препушти тронот на квазиновинарството, на партиските полтрони кои простете, но не се ни толку писмени за да состават просечен состав по македонски јазик во средно училиште, кога партиските портали го поплавија интернетот, новинарите-дописници, кои прифатија сѐ, ама баш сѐ, само да го зачуваат дигнитетот во професијата, им остана еднаш во годината можноста да се соберат, дружат и да ја имаат можноста да аплицираат за дописничката награда „Менде Петковски“, која што „Дневник“ одлучи – од 2005 -та, годината на неговото упокојување – да ја доделува од родниот град на истакнатиот дописник, Петковски.
Оправдани се реакциите на дописниците, затоа што тие се „последните Мохиканци“ на македонското новинарство. Остаа мартири на перото, правдата и вистината, хроничари на времето во локални рамки, виртуози во репортерската работа, луѓе кои имаат сенс и кои продуцираат прекрасни приказни, кои низ годините се наоѓаа на насловните страници на странските медиуми.
И сега, „Дневник“ нема идеја како натаму со наградата! Но, третманот на дописничката награда, всушност, само го отсликува статусот на дописникот во македонското новинарство. Како никогаш порано, денес дописниците се турнати на маргините! И тоа е разбирливо ако таму ги ситуираат политичарите, бизнисмените, центрите на моќ кои од лукративни интереси бараат да се „отарасат“ од трагачите по вистината. И тогаш не боли, толку!
Но, зарем последниот камен за да ги „дотолчат“, ќе го фрлат колегите?