Новинарството не е натпревар за популарност

Како да одговори печатот на тврдењето на Доналд Трамп дека „медиумите кои пласираат лажни вести“ се „непријател на американскиот народ“?

Така што ќе си ја врши својата работа. И тоа добро.

Коментарите на Трамп ја ставија дискусијата за важноста на печотот во нашата демократија во петта брзина. Тие исто така го потпалија оганот кој веќе тлееше за тоа што ќе биде со Вечерата на здружението на дописници од Белата куќа, годишен настан кој го слави слободното и независно новинарство, но и кој е често критикуван дека остава впечаток на преблизок однос со славните и Белата куќа. Кој може да го заборави перформансот на Карл Роув или решетањето на тогашниот Претседател Барак Обама на Доналд Трамп, кој тогаш беше само ѕвезда на реално шоу, додека се вртеа прашања за употребата на тортура од страна на администрацијата на Буш или за наклонетоста на Обама кон војувањето со дронови.

Откажувањето на вечерата ќе им даде тежина на обвинувањата за либерална пристрасност, додека пак нејзиното одржување нема да ја земе целосно предвид потенцијалната закана на зборовите на Трамп. Но одлуката што да се прави со една вечера, колку и таа да е на високо ниво, па дури и тоа како да се процесираат зборовите на Трамп, треба да биде второстепена грижа.

Довербата во новинарството го допре дното минатата година, според Галуп. Само 32 проценти од Американците „многу“ или „значително“ ѝ веруваат на институцијата.

Има причина зошто независното новинарство е заштитено со Првиот амандман. Причината не е тоа што новинарството е –или некогаш било – популарно. Новинарството задира во мрачни места и открива грдост која многума не сакаат да веруваат дека постои.

Тоа ги повикува на одговорност најмоќните, и служи како бедем на заштиа од најстрашните инстинкти и ексцеси на моќните.

Новинарството, во најдобар случај, не е натпревар за популарност. Затоа Трамп знаеше дека избрал лесна мета за да го одвлече вниманието од многуте проблеми со кои е соочена неговата администрација.

Медиумите не се совршени. Ниту една институција не е.

Довербата во новинарството го допре дното минатата година, според Галуп. Само 32 проценти од Американците „многу“ или „значително“ ѝ веруваат на институцијата. Тоа е делумно резултат на хипер-пристрасната атмосфера во која многу Американци им веруваат само на извори кои им го кажуваат она во што тие сакаат да веруваат. Друга причина е тоа што новинарството правеше грешки и игнорираше или потценуваше стории кои заслужуваа повеќе внимание.

Тоа е само уште една причина повеќе да не се фокусираме толку на нападите на Трамп врз новинарите туку да се обидуваме да најдеме одговори на прашањата за способноста на Русија да ја поткопа нашата демократија, за тоа што ќе се случи со сиромашните кои се потпираат на законот за јавно здравство кој може да биде укинат, за судбината на кривичната права, образованието и реформата за имиграција. Истражувањето на ефектите од политиките и личностите е подобар начин да се искористи медиумското време и скапоцените ресурси отколку да се одговара на секоја критика од претседателот.

Времињата како овие бараат сериозно и трезвено известување и анализа.

Тоа е мисијата. Тоа е целта. Сè друго би било запоставување на должноста.

Шарлот Обзервер