Ќе се радикализира штрајкот во МПМ

Штрајкувачките одбори на редакциите Вест, Утрински и Дневник решија да го зголемат времетрањето на штрајкот од 4 на 6 часа заради игнорантскиот однос на менаџментот кој иако уредно информиран со недели не покажа интерес за средба со синдикалните претставници.
Утре, 21 февруари, 2017 година ќе излезе 5.000 број на дневниот весник „Вест“. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк.
Во претходните денови наместо разговор за решавање на проблемите се засилија притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и закани со отпуштања и казнувања.
За сето ова ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции затоа што правото на штрајк е уставно загарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет.
Решителноста на новинарите и медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува.
Преку одбрана на нивните колективни права тие застанауваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата.