Прекарна работа во медиумите

prekarna naslovna Во македонската јавност терминот прекарна работа е релативно непознат. Тоа го потврдува и истражувањето на ССНМ меѓу новинарите – за две третини од испитаниците во анкетата спроведена на оваа тема, зборот е сосема непознат. Но, тоа и не е чудно, терминот е релативно нов. Во употреба е некаде по Втората светска војна, а пофреквентна употреба има од 80-тите години на минатиот век.
Но, суштината на прекарната работа и на прекаријатот како посебна  класа на оние што се осудени на долготрајна, зависна, повремена или привремена работа, во целосна егзистенцијална и професионална несигурност, на работа на договори што траат одредено време, кои не даваат никакви права и заштита и кои можат да се раскинат без какви било последици за работодавачот, за жал, многу добро им се познати на новинарите и не само ним, како што се гледа во публикацијата што е пред вас.
Прекарната работа, независно дали се јавува во вид на лажни „хонорани соработници“ или со договори на определено време, како во Македонија, Босна и Херцеговина или Србија,  или како РДО статус во Хрватска или како „изнајмени“ работници во Црна Гора има една иста карактеристика – тоа е несигурна, непостојана, незаштитена и слабо платена работа која од новинарите прави фрустрирани, незадоволни  послушници.
Како што забележува еден од нашите автори „новинарството е дејност со нагласена потреба за професионална самостојност и финансиска независност“. Со непостојани вработувања, незаштитени и слабо платени, новинарите престануваат да бидат борци и чувари на демократијата, жртвувајќи го својот  професионален дигнитет за егзистенција.
Имено, големата несигурност која владее во редакциите во Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија има драматични последици врз професионалноста, квалитетот и пред сѐ, врз слободата на журнализмот, а преку тоа и врз слободата на јавниот збор, квалитетот на јавната дебата, на правото на јавноста да биде информирана и така информирана да носи одлуки.
Прегледот на состојбите во регионот, од аспект на прекарната работа, покажува дека ваквиот вид работен ангажман сѐ повеќе зема замав, без каков и да е отпор во медиумската заедница. За прекарната работа не се зборува, таа се зема здраво за готово, како неизбежна судбина, а можноста од колективно (синдикално) организирање се третира како „мислена именка“, според зборовите на еден од анкетираните новинари во Македонија.

Симни ја публикацијата Прекарна работа во медиумската индустрија