Често поставувани прашања за работните права

Во рамките на кампањата „Став, не страв“ на адресата на ССНМ беа испратени повеќе прашања на кои се дадени правни совети.Станува збор за одговори кои можат да ја зголемат информираноста на медимските професионалци за нивните права од областа на работните односи.

1. Фирмата во која работев не ми ги уплатувала придонесите. Сега дознав за тоа. Што треба да направам?

Овие права можете да си ги остварите по судски пат, а законските прописи врзани за оваа проблематика укажуваат на следново.

Според член 115 од ЗРО паричните побарувања застаруваат во рок од 3 години од денот на настанувањето на обврската. Меѓутоа ова не се однесува на неисплатените придонеси. Имено согласно член 6 став 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, прават од пензиско и инвалидско осигурување на можат да застарат, освен пристигнатите, а неисплатени износи на пензии и на други парични примања, во случаите утврдени со закон.
Согласно пак во член 184 од истиот закон, за застареност, отпишувањето, присилната наплата на придонесот за ПИО како и за казнените камати се применуваат прописите за даноци на граѓаните. Овој член пак упатува на член 84 став 2 од Законт за даноците на имот каде е наведено дека правото на наплата на данокот и правото на наплата на трошоци за присилна наплата застарува за 5 години по истекот на годината во која требало да се изврши наплатата, а согласно член 85 став 2 правото на утврдување, наплата и враќање, во секој случај застарува по истек на 10 години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден, наплатен, односно во која износте биле платени.
Поради ваквите два контрадикторни става во Законот  за пензиско и инвалидско осигурување во пракса судовите вообичаено сметаат дека овие права не застаруваат, а оној помал дел судии кои сметаат дека овие побарувања застаруваат во период од 5 односно 10 години апсолутен рок истите ги засметуваат од моментот на сознанието. Меѓутоа она што ни се јавува за потребно е податокот за кој временски период кај Вас не се исплатени овие придонеси. Имено со исплатата на бруто платата не е можна исплата на плата, без да бидат платени придонесите. Доколку во овој период во Прегледот на регистрирани податоци во матична евиденција  од Фондот за ПИОМ излегува податок за неплатени придонеси, а притоа имате земено плата, најверојатно се работи за неажурирање на податоците во Фондот. Меѓутоа доколку се работи за временски период пред 2009 година тогаш ќе биде потребно да доставите доказ за висината на исплатената плата врз основа на која би се пресметале износите на неисплатени придонеси за спорниот период.

2. Работам хонорарно во еден медиум. Со месеци не ми е исплатен хонорарот, дали имам начини да ги тужам или некако да ги добијам парите?

Доколку имате склучено договор за дело со медиумот (правното лице) за кое работите, можете врз основа на договорот да поднесете тужба во која ќе барате на име долг да Ви бидат исплатени договорените хонорари и тоа во рок од три години од задоцнувањето со исплатата. Меѓутоа доколку немате ваков договор, тогаш работите стојат малку поинаку. Имено во ваква ситуација потешко е докажувањето на основот врз основа на кој го темелите Вашето барање. Во теоријата и праксата постојат начини преку докажување на постоење на таков договор со фактот дека истиот е во претежен дел исполнуван од двете договрни страни, што во конкретниот случај треба да се докажува со докази за изведувањето на работата и со претходни плаќања од страна на спротивната страна. Сепак иако постои начин најдобро е секогаш да се инсистира на склучување на писмени договори во кои ќе бидат уредени сите права и обврски на договорните страни.

3. Имам шанси да се вработам но ми нудат Договор во кој не е наведена сумата и е на одредено време. Дали да прифатам или да барам измени на Договорот?

Согласно Законот за работни односи секој Договор за вработување кој работодавачот го склучува со работникот задолжително треба да биде составен во писмена форма  и истиот се чува
Во работните простории на работодавачот каде што работи работникот, а еден примерок од истиот му се врачува на рбаотникот заедно со заверена фотокопија од М1/М2 образецот или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата и тоа во рок од 3 дена од денот на стапување на работа.
Инаку договорот за вработување меѓудругото согласно челн 28 од ЗРО треба да содржи и одредба за висината на основната плата на работникот за вршење на работата како и одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата. За секој работник од примарно значење е висината на неговата плата, особено со оглед на фактот дека се работи за егзистенцијален елемент во животот на секој поединец.
Од друга страна во пракса е многу честа појавата каде на работникот за полното работно време му се исплатува минимална плата, а разликата од минималната плата и реално договорената плата работодавачот да му ја исплатува по основ на договор за дело (авторски агенци и слично). Ова е важно од аспект на фактот што работодавачот придонесите за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување ги уплатува на износот на минималната плата на која работникот е пријавен, а не на таа која што е договорена, што влијае на висината на пензијата во иднина. Оттука од големо значење е да барате во договорот да бидат внесени одредбите кои се однесуваат на висината на платата, роковите и условите под кои истата ќе Ви биде исплатувана, затоа што особено тешко е докажувањето дека сте заработувале повеќе од оној износ на кој Ви биле исплатувани придонесите, а на овој начин ќе можете во иднина да ги остварите Вашите заштитени права од работен однос. Исто така, Вие како работниците можете да имате увид на износот на кој сте пријавени и висината на придонесите кои Ви се уплатувани преку писмената пресметка за платата, придонесите на плата и надоместоците на плата за платниот период, која работодавачот е должен секој месец да Ви ја доставува најдоцна 15 дена од денот на исплатата на платата, како и од заверениот збирен извештај по истекот на годината најдоцна до 15-ти февруари наредната година.

4.Ми најавија отказ како технолошки вишок. Кои се моите права и каква е процедурата?

. Законот за работни односи како еден од начините за престанок на работен однос го предвидува и отказот од деловни причини или популарно наречен технолошки вишок. Едно од основните прашања што се поставува при прогласување на технолошки вишок е начинот на определување на работниците на кои ќе им престане работниот однос.  Ваквите критериуми кои се всушност и мерила за утврдување на приоритетот при задржување на работното место не се опфатени во одредбите на Законот за работни односи, но се дефинирани во важечките колективни договори на ниво на гранка, оддел односно на ниво на работодавач, па дури и со акти на работодавачот (правилник и слично).

Кога работодавачот има намера да спроведе колективни отпуштања тој е должен да започне постапка на консултации со претставниците на работниците, најмалку еден месец  пред почетокот на колективното отпуштање и да ги обезбеди сите релевантни информации пред започнувањето на консултациите заради постигнување договор. За да им овозможат на претставниците на работницте да подготват конструктивни предлози, работодавачот навреме треба да ги обезбеди  релевантни информации и тоа за:

– Причините за планираните отпуштања
– Бројот и категориите на работници кои се отпуштаат
– Вкупниот број и категории на работници кои се вработени
– Периодот за кој планираните отпуштања треба да се случат

Инаку, под  колективно отпуштање согласно Законот за работни односи се смета:

– престанок на работен однос на поголем број работници (повеќе од 150 работници  или 5% од вкупниот број работници кај работодавачот пред престанокот на работниот однос)
– престанок на работен однос на најмалку 20 работници за период од 90 дена при секој претсанок на работен однос без оглед на вкупниот број на работниците кај работодавачот)

Во однос на процедурата, работодавачот исто така е должен по завршувањето на консултациите, писмено да ја извести службата надлежна за посредување при вработување (Агенцијата за вработување) заради помош и услуги од посредување при вработување, како и да достави копија од известувањето доставено до службата надлежна за посредување при вработување до претставниците на работниците по кое истите можат да дадат свои предлози до службата. Известувањето работодавачот е должен да го достави најдоцна до 30 дена пред донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос на работниците.

Инаку работодавачот доколку постојат можности пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини може на работникот да му понуди вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач) или пак нов договор за вработување.

Исто така во случај на откажување на договорот за вработување порад деловни причини на работникот му следува испратнина како еднократен паричен надоместок што му се исплатува со денот на престанок на работниот однос зависно од должината на стажот, а основицата за пресметка е всушност просечната нето плата на работникот во последните шест месеци пред отказот, но истата не може да биде помала од 50% од просечната нето плата исплатена по работник  во Република Македонија во последниот месец пред  отказот.

Кога работодавачот и покрај противењето на претставниците на работниците да се донесе одлука за отказ од деловни причини, работодавачот сепак донесе такава одлука, против одлуката индивидуално секој работник има право на приговор во рок од 8 дена од денот на добивањето на одлуката за отказ. Конечната одлука по приговорот се донесува во рок од 8 дена од денот на поднесувањето на приговорот, а во ситуација кога не е донесена одлука по приговорот во овој рок или кога работникот не е задоволен од одлуката донесена по приговорот има право со тужба  да поведе спор пред надлежниот суд и тоа во рок од 15 дена од врачувањето на одлуката од страна на работодавачот. Одлуката за отказ во секој случај се носи во писмена форма со наведување на основот и причината за отказ, правната заштита и правата од осигурување во случај на невработеност.
Друго право покрај правната заштита објаснета погоре и правото на испратнина , работникот на кој му е врачен отказ поради деловни причини , има права  кои му следуваат согласно Законот за осигурување во случај на невработеност. Имено на невработеното лице му следува:

– Паричен надоместок
– Подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација)
– Право на здравствена заштита
– Право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување на невработеното лице корисник на паричен надоместок на кое му недостасуваат најмногу 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија , а кое нема 15 години стаж на осигурување, до оставрување на 15 години стаж на осигурување
– Права на инвалидни лица за вработување под поволни услови

Овие права невработеното лице ги остварува по основ на писмено барање поднесено до Агенцијата за вработување.

Работникот на кој му престанал работниот однос со отказ од деловни причини може да го остари правото на паричен надомест доколку бил во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, како и за невработеното лице да се уплатувани придонеси од задолжително осигурување за времето поминато во работен однос.  Овој паричен надоместок се исплатува зависно од стажот на работникот, а основицата за негова пресметка е просечната месечната нето плата на работникот за последните 24 месеци утврдена од пресметаните и исплатените  плати кај работодавачот . Паричниот надомест му припаѓа од денот на престанок на работниот однос, ако невработеното лице поднесе барање до  Агенцијата кај која е уплатуван придонесот за вработување  во рок од 30 дена од денот на престанок на работниот однос.
Исто така невработеното лице кое користи право на праичен надоместок  има обврска да се јавува во Агенцијата за вработување на секое 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец.

5. Во медиумот во кој работам ми кажаа дека ќе ме отпуштат и ми дадоа отказен рок од месец дена .Дали е тоа во ред или ми следува повеќе?
Постои разлика во времетраењето на отказните рокови и тоа зависно од фактот дали отказот го дава работникот или работодавачот.
Во првата ситуација кога отказот го дава работникот, отказниот рок изнесува 1 месец, со можност со договорот за вработување или со колективниот договор да  биде договорен подолг отказен рок, меѓутоа не подолг од 3 месеци.
Ако отказот го дава работодавачот, во тој сличај минималниот отказен рок е 1 месец во случај на индивидуален престанок на рбаотен однос ( каков што е случајот кај Вас) или на помал број на работници, а два месеци во случај на престанок на работен однос на повеќе од 150 работници или 5% од вкупниот број работници кај работодавачот.
Инаку отказниот рок започнува да тече наредниот ден од денот на врачувањето на одлуката за отказ на договорот за вработување. Работодавачот е должен да му овозможи на работникот отсуство од четири часа во текот на работната недела заради барање на ново вработување, а за часовите пак на отсуство работникот сепак има право на надоместок на плата.

6. Дали времето кое сум работел во медиум кој веќе не постои влегува во стаж?
Времето кое сте го поминале на работа кај работодавач кој веќе не постои се засметува во работниот стаж, под услов конкретниот работодавач да ги има подмирено своите законски обврски во смисла на платени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување.
Секој лице може да ги добие податоците за стажот на осигурување, платите, надоместоците на плата  и основиците на осигурување во Подрачната единица на Стручната служба на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Имено со лично обраќање во Подрачната единица, ќе добиете извод од регистрираните податоци во матичната евиденција на Фондот на ПИОМ, а притоа потребно е да имате документи за лична идентификација (лична карта или пасош). Фондот ја води оваа евиденција врз основа на увид  во оригиналната документација на обврзникот за плаќање на придонесот и евиденцијата на Фондот за месечните податоци на пресметан и уплатен придонес за секој осигуреник пооделно.
Во ситуација кога придонесите се редовно уплатувани меѓутоа фали неопходната документација за проверка на точноста на истите, а обврзникот за уплата на придонесот(работодавачот) веќе не постои, истата се обезбедува од други државни органи или овластени лица (на пример Државен архив, стечаен управител и слично). Но доколку работодавецот престанал да постои најчесто со стечај, а Вие не сте успеале да ги намирите Вашите предјавени побарувања во смисла на плати, придонеси и слично од формираната стечајна маса, или не сте предјавиле воопшто побарување во стечајната постапка, во тој случај нема начин на кој би можеле да го остварите своето право на неуплатените плати и придонеси и истиот период нема да може да Ви биде засметан во работниот стаж. Ова се однесува на периодот пред 2009 година пред да почне да се применува концептот на исплата на бруто плати според кој не може работодавачот да го исплати износот на нето платата без да бидат платени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување.

7. Што ако сопственикот не ми ги плаќал редовно давачките и против него се води судска постапка. Имам ли начини да бидам обесштетен за неплатените години стаж и придонеси?
Актуелниот Закон за работни односи зазаема став дека паричните побарувања од работен однос (право на побарување на неисплатена плата, надоместок на плата и надоместок на трошоци) застаруваат во рок од три години од денот на настанување на обврската. Во однос пак на придонесите во пракса судовите вообичаено сметаат дека овие права не застаруваат, а оној помал дел судии кои сметаат дека овие побарувања застаруваат во период од 5 односно 10 години апсолутен рок истите ги засметуваат од моментот на сознанието.
Во ситуација кога во поведената судска постапка против работодавачот биде донесена правосилна пресуда со која се задолжува работодавачот да  ги надомести неисплатените плати за времето поминато на работа како и да ги уплати неисплатените придонеси со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, истиот има право рокот кој е предвиден во изреката на пресудата доброволно да постапи по истата и да ги испочитува обврските на кои е задолжен со пресудата. Доколку пак работодавачот во досудениот рок не постапи согласно пресудата, истата станува извршна и работникот може со Барање за извршување поднесено кај надлежен извршител да бара присилна наплата на досудените износи и нивна уплата во надлежните институции. Наплатата ќе може да се реализира ако работодавачот располага со парични сретства, подвижен или недвижен имот.
Доколку пак се води стечајна постапка против работодавачот потребно е во рокот утврден во огласот за отварање на стечајната постапка писмено да ги предјавите Вашите побарувања за неплатени плати и придонеси со доказ за побарувањето. Ако Вашите  побарувањата бидат признати од стечајниот управител и доколку работодавачот во оваа постапка на негово престанување се утврди дека располага со имот кој ја сочинува стечајната маса (продажба на инвентарот, недвижностите, возила и слично), зависно од наплатниот ред (во кој како работник имате приоритет) ќе може да си ги остварите Вашите права. Но доколку истиот нема имот кој влегува во стечајна маса, во тој случај нема многу што да се направи.

8. Ме ангажираа хонорарно, но треба да плаќам и 10% персонален   данок на УЈП. Дали е тоа обврска на новинарот или на оној што ме ангажира и што можам дa направам за да се заштитам?

Персоналниот данок на доход се плаќа годишно и тоа на износот на нето приходите од сите извори освен на приходите кои се измени од оданочување согласно Законот за данок на доход. Во случај на хонорарно ангажирање на работник за извршување на одредени работни задачи, обврската за плаќање на пресоналниот данок на доход е договорна што значи може персоналниот данок на доход да го плати и хонорарецот или пак оној кој го ангажира. Се зависи од начинот на кој во Договорот за ангажирање е уредено ова прашање.
Имено доколку самиот хонорарец (работник) согласно договорот се обврзува да си го плаќа персоналниот данок на доход, во тој случај оној кој го ангажира (работодавачот) е должен да му го исплати на работникот  бруто износот кој е договорен како надомест за реализираните работни активности и задачи, на кој износ самиот работник веднаш по пристигнатиот прилив плаќа персонален данок. Исто така работникот е должен за примените парични сретства како и платените даноци да поднесува Даночна пријава до Управата за јавни приходи најдоцна до 15 Март.
Во случај пак кога работодавачот е тој кој ја презема обврската за плаќање на персоналниот данок на доход за ангажирањето на определен работник, истиот од висината на бруто износот кој е договорен го пресметува персоналниот данок на доход и го уплатува веднаш откако ќе му ја  исплати разликата од договорениот надоместок на работникот.

9. Во фирмата ме пријавуваат на 6 месеци а потоа ме одјавуваат на 6 месеци. Што можам да направам? Кои се моите права?

Законот за работни односи познава неколку видови на договори за засновање на работен однос меѓу кој и Договорот за вработување на определено време кој како договор може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Работниот однос заснован на определено време, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на 5 (пет) години под услови и на начин утврдени со закон.  Оваа одредба од Законот создава можност за различни злоупотреби од страна на работодавачите со оглед дека предвидува обврска за вршење на исти работи како услов за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. Имено работодавачите со прераспределба на работникот на нови работни задачи можат да вршат манипулација и да го скратуваат ова право на работникот. Исто така Законот не предвидува максимално траење на прекинот помеѓу два работни односа засновани на определено време во рамки на 5 години.

10. Пријавена сум на пола работно време .Не смеам да пријавам затоа што ќе ја загубам работата. Постои ли начин да бидам заштитена а сепак да ми се помогне?

Постои начин на анонимно пријавување на ваквите злоупотреби од страна на работодавците, до инспекторите на трудот. Меѓутоа за да истите видат дека работодавецот Ве пријавил на пола работно време, а Вие работите полно работно време, потребно е да постои запис во електронската евиденција на работното време или истото да го увидат од некој друг доказ (тетратка за евиденција или слично). Доколку инспекцијата го констатира ова, работодавецот ќе биде казнет и ќе му биде наложено да ја отстрани оваа неправилност.
Секако, доколку сте член на Синдикатот можете да ги алармирате колегите и тие во ваше име да поднесат пријава и да извршат притисок.

11. Дали постои можност сами да си уплатуваме стаж?

Според нашето позитивно право не постои начин сами да си уплатувате стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, затоа што обврската за тоа е на Вашиот работодавец. Меѓутоа кај нас постои така наречен трет пензиски фонд или доброволен пензиски фонд каде граѓаните може сами да уплатуваат средства, кои кога ќе исполнат услови за пензија ќе им бидат исплатувани во вид на пензија, надвор од износите на старосна пензија, кои се исплатуваат од Фондот за ПИОМ. Овие пензии се исплатуваат од страна на Доброволните пензиски фондови регистрирани во нашата земја.

12. Менаџментот ми го укина Договорот за вработување и ми понуди нов, понеповолен. Можам ли да го одбијам и кои се моите права?
Доколку не се согласувате со новиот понуден договор имате право истиот да го одбиете, меѓутоа во тој случај стапува во сила одлуката за отказ, на која имате право на приговор во рок од 8 дена. После овој приговор, доколку работодавачот не ви одговори во рок од 8 дена  или по одговорот од кој не сте задоволен можете да покренете судски спор во рок од 15 дена. Во оваа постапка треба да се оспорува основаноста на таквата одлука, како и нејзината незаконитост. Меѓутоа за да не се доведете во незавидна финансиска ситуација, можете да го потпишете новиот договор, да почнете да ги извршувате новите работни задачи, па независно од тоа да поднесете и приговор и да покренете судски спор во кој ќе ја докажувате неоснованоста и незаконитоста на одлуката, независно што сте во работен однос.

13. Со години не добивам годишен одмор повеќе од две недели. Кои се моите права?
Според чл.137ст.1и 2 од ЗРО е утврдено дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, со тоа што со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена. Во чл.138 од ЗРО се нагласува дека траењето на годишниот одмор во секој одделен случај се определува според времето поминато  во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор. ЗРО предвидува можност годишниот одмор да се користи во два дела со тоа што првиот мора да трае најмалку 12 работни дена и да се искористи до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни наредната година. Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за право на користење на годишен одмор. Императивниот карактер на одредбите со кои е уреден годишниот одмор го потврдуваат и прекршочните одредби од ЗРО (чл.264 ст.1 т.15, ст.2и 3), со кои е предвидена прекршочна одговорност на работодавачот ако на работникот
а) не му обезбеди годишен одмор во согласност со ЗРО и
б) не издаде решение за годишен одмор. Па согласно ова, доколку вашиот работодавач не ги почитува одредбите од законот, може да се обратите до државниот трудов инспекторат и да побарате заштита на ова Ваше право. Исто така во чл.145 ст.1 од ЗРО е предвидено дека Работникот по престанувањето на работниот однос по кој било основ има право на обесштетување за неискористениот годишен одмор.

14. Кои се обврските на работодавачот во случај на отказ?

Работодавачот, треба пред се, да го изготви отказот во писмена форма и лично да го достави до работникот. Само во исклучителни ситуации, кога не е возможна лична достава, ниту пак истата е можна во местото на живеалиште на работникот, дозволено е доставата да се врши преку огласна табла на работодавецот. Работодавецот мора јасно, недвосмислено и поткрепено со докази дека е водена дисциплинска постапка (кога тоа го бара законот) да го образложи решението за отказ и да ја докаже основаноста на истото. Тој мора да го подучи работникот дека има право на приговор во рок од 8 дена од добивањето на Решението и да наведе до кој орган.Работодавачот е должен во рок од 3 дена да му ги врати на работникот сите негови документи и да му издаде потврда за видот на работата што ја вршел, како и потврда за искористен годишен одмор или истиот да му го исплати. Работодавачот не смее во потврдата да наведе ништо што би му го отежнало на работникот склучувањето на нов договор за вработување.

15. Кога се вработував знам дека потпишав Спогодбен отказ со празни линии за датум и сега работодавачот може да ме отпушти кога сака. Дали има начини да го поништам?

Законот за облигационите односи ги познава следниве мани на волјата кои доведуваат до рушливост на ваков вид спогодби: закана, заблуда и измама. Заканата доведува до рушливост на договорите кога таа е недозволена. По својата суштина, таа преставува предизвикување на оправдан страв, упатен кон договорната страна , поради која таа го склучила договорот што не би го склучила без предизвикувањето на стравот. Поради тоа што во конкретниов случај се претпоставува дека работникот е под закана поради тоа што спогодбата му се нуди во момент на склучување на договор за вработување и дека истиот нема да биде потпишан од работодавецот доколку не се потпише прво спогодбата, има простор да се поништува поради мани на волјата. Меѓутоа битно е да се истакне дека роковите во кој може да се бара поништување на спогодбата е субјективно-објективен и изнесува 1 год од узнавањето за рушливоста односно од престанувањето на принудата (субјективен рок), односно 3 години од денот  на склучувањето на спогодбата (објективен рок), после што доаѓа до конвалидација. Од друга страна пак, докажувањето на мана на волјата воопшто не е лесно и зависи од случај до случај, па поради тоа потребно е работникот секој конкретен случај да го пријави до синдикалната организација, чиј член е, а со цел да добие дополнителни информации во зависност од конкретен случај или до својот адвокат за правна помош.

16. Дали би можеле да ми кажете што би можел да направам со неисплатените плати дали можам да тужам и ако тужам колкави се шансите да добијам на суд?

Доколку не Ви се исплатени платите имате право истите да си ги побарувате со тужба пред надлежен суд. Меѓутоа она што треба да го знаете дека согласно чл.115 од ЗРО овие парични побарувања од работен однос застаруваат во рок од 3 години од денот на настанување на обврската. Шансите да го добиете овој спор се големи, доколку побарувањето не е застарено (што не е случај кај вас).