Статут

Врз основа на член 188 од Законот за работни односи (Сл.весник бр. 62/2005) и Записникот за одржано Собрание на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од 03.11.2012 година, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го усвои следниот:

 

С  Т  А  Т  У  Т

на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници

– ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ-

1.       ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е самостојна, демократска, непрофитна и независна организација  на новинарите и медиумските работници во Република Македонија во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални, работно-правни, професионални, образовни, културни и други поединечни и колективни права и интереси на своето членство.

Член 2

Во изразувањето и заштитувањето на интересите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници поаѓа единствено од волјата на своето членство.

Член 3

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници може да остварува соработка со други сродни синдикати,  организации, здруженија и асоцијации во земјата и странство.

Член 4

ССНМ може да го формираат најмалку 20 новинари и медиумски работници кој што можат да бидат членови утврдени согласно одредбите на овој статут.

Свикувањето на основачкото собрание на ССНМ го врши иницијативниот одбор од најмалку 5 члена.

Одлуката за формирање на Синдикатот ја носи основачкото собрание.

 

2.       ИМЕ И СЕДИШТЕ

Член 5

Име на синдикатот е: Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници

 

Член 6

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Република Македонија има скратено име: ССНМ

 

Член 7

Седиште на синдикатот:

ул. Мито Хаџивасилев Јасмин бр.22/17

 

3.       ПРИНЦИПИ НА ССНМ

 

член 8

ССНМ делувањето го заснова на следните принципи:

–           Доброволност на зачленувањето;

–           Демократичност во изразувањето и одлучувањето;

–           Взаемност и солидарност;

–           Права и одговорности на членовите на органите на ССНМ;

–           Јавност во информирањето

 

4.       ЦЕЛИ И МЕТОДИ

 

член 9

 

Основни цели и задачи на ССНМ се:

 

–           Подготовка, преговарање, составување и реализација на колективни договори;

–           Подобрување на условите за исплаќање на плата и други начини на заработка во (хонорари) првенствено преку склучување на колективни договори или тарифни договори;

–           Заштита на материјалните, работните, статусните и социјалните интереси;

–           Заштита на професионалните и стручните права, интегритетот на професијата и личниот интегритет на новинарите и членовите на синдикатот;

–           Подобрување на општите животни и работни услови на членовите;

–           Давање правна помош на своите членови;

–           Заштита на правата на работниците во согласност со Законот за работни односи, заштита на правата на работниците кои не се во постојан работен однос (преку Регистарот на даночни обрзници, Агенција за вработување и сл.), заштита на невработените членови;

–           Повисоки права на социјално, здравствено, пензиско и инвалидско осигурување;

–           Повисоки права на дневен, неделен и годишен одмор;

–           Осигурување на работните места на членовите на синдикатот;

–           Застапување на посебните интереси на слободните новинари;

–           Партиципација во носењето на сите одлуки кои битно влијаат на работните услови, вработеноста, кадровските решенија и основните начела на издавачката политика;

–           Обврска за осигурување на новинарите и другите вработени во медиумите при заминување во кризни или опасни подрачја каде може при извршувањето на работните задачи да биде загрозен нивниот живот, здравје, слобода и достоинство;

–           Зајакнување на влијанието на донесување и примена на законите и другите прописи од областа на медиумите;

–           Заштита и промовирање на слободата на печатот, на електронските медиуми, говорот и другите облици на изразување и информирање;

–           Соработка со меѓународните синдикални организации и новинарските синдикати од други земји;

–           Поефикасна превентивна здравствена заштита;

–           Унапредување на условите за работа;

–           Создавање мотивација за креативен и квалитетен труд за унaпредувањето на новинарското и медиумското работење.

 

член 10

ССНМ ги остварува целите преку:

–           Застапување на своите членови пред работодавачот, органите на работодавачи, здруженија на работодавачи, државни и други органи и владини институции;

–           Обезбедување на правна помош за своите членови;

–           Иницирање и водење преговори со работодавачите за потпишување на колективни договори;

–           Вклучување во колективно преговарање со организациите на работодавачи на национално ниво, на секторско ниво, како и со работодавачите на одделни медиумски куќи во согласност со одредбите од овој статут и одлуките на собранието;

–           Организирање на меѓусебна помош на членовите и за таа цел формирање на фондови;

–           Организирање секакви форми на синдикални акции: протесни писма и декларации, јавни собири и митинзи, протестни прошетки и демонстрации и штрајк;

–           Утврдување начини на спроведување синдикални акции и спроведување на штрјак;

–           Предлози на измени и дополнување на законски акти и предлози за нови законски и други решенија;

–           Ги застапува членовите во меѓународни синдикални асоцијации и федерации на новинари и медиумски работници;

–           Издавање прирачници, билтени и други печатени материјали;

–           Информирање на јавноста преку соопштенија, конференции за печат, директни настапувања преку јавните медиуми, истакнување на плакати на јавни места, интернет страница и друго;

 

5.       ЧЛЕНСТВО НА ССНМ

 

член 11

 

–           Во Синдикатот може да се зачленат сите лица на кои новинарството им е главно и постојано занимање;

–           Новинари во работен однос во сите типови на медиуми;

–           Привремено невработени новинари;

–           Слободни новинари кој поголемиот дел од приходите претежно ги стекнуваат со вршење на новинарска професија;

–           Пензионирани новинари;

–           Вработени во медиумите и соработници кои соработуваат со новинарите во изработка на новинарските печатени, радио, телевизиските и онлајн продукти;

–           Останати работници вработени во правните сектори кои делуваат во областа на медиумите;

–           Новинари кои се оспособени за работа преку едукација но се уште не се вработени;

–           Вработени во сродни и останати области кога тоа е во интерес на синдикатот и медиумската заедница  и кога тоа е дел од стратешкиот развој и политика на синдикатот;

 

член 12

Зачленувањето во ССНМ е доброволно без разлика на политичките и религиозните убедувања, националната, етичката, расната и половата припадност.

 

член 13

Зачленувањето се врши со потпишување на пристапница со која се потврдува прифаќањето на статутот и правилата за работа на ССНМ и уплата на првата членарина.

Со потпишување на пристапница на секој член му се издава и членска книшка со која го докажува членството во ССНМ.

Членската книшка е сопственост на ССНМ.

 

член 14

Во раководството на ССНМ не може да бидат предлагани и избрани:

–           Сопственици, директори и раководни работници кои работодавачот ги овластил да донесуваат одлуки сврзани со работниот однос на работодавците;

–           Членови на органите на политички партии на сите нивоа на нивното организирање;

–           Претставници на политички партии во државните и други институции и други организации

6.       ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ССНМ

 

член 15

 

Членот на ССНМ ги има следните права:

–           Право да добива заштита во ССНМ во остварување на правото на работа;

–           Да користи права од колективни договори;

–           Да користи права од синдикалниот фонд на ССНМ;

–           Да користи бесплатна правна помош и заштита;

–           Да учествува во одлучувањето и во реализацијата на одлуките на ССНМ;

–           Право да бира и да биде избран во телата на синдикатот;

–           Право на покренување иницијативи и предлози на сите нивоа на синдикатот;

–           Право на слободно изразување на сопствените интереси и цели и нивно усогласување со интересите на другите членови на синдикатот;

–           Слободно да го изразува мислењето и да го брани на состаноци, конференции, советување и конгреси;

–           До синдикалните ограни да доставува барања, мислења, предлози, критички забелешки и жалби поврзани со синдикалните проблеми и да бара одговор и активност за нивно решавање;

–           Право да биде известен за работата на синдикатот;

–           Право на контрола на работата на органите на синдикатот во согласност со одредбите на овој статут и други акти;

–           Право на стручно образование и оспособување за работа во синдикатот;

–           Право на застапување на интересите во колективното договарање;

–           Да остварува други права кои ке ги обезбедува ССНМ

 

член 16

Сите права утврдени во член 15, членот на синдикатот ги остварува само доколку редовно ја плаќа синдикалната чланарина.

 

член 17

Сите права на членовите на синдикатот се лични и доброволни и не може да се наследуваат.

 

член 18

Членот на ССНМ ги има следните обврски:

–           Да го почитува и спроведува статутот, другите акти и одлуки кои се усвоени во согласност со статутот;

–           Активно да се вклучува во сите активности на синдикатот кои се организирани во синдикатот или во соработка со други синдикати;

–           Солидарно заедно со другите членови да ги брани интересите на синдикатот;

–           Со своето делување да ги промовира целите на синдикатот и да не му штети на неговиот углед;

–           Да ги почитува и спроведува одлуките на собранието и органите на ССНМ;

–           Да го гради единството на ССНМ и да го штити неговиот авторитет;

–           Во активностите на ССНМ да не делува од позиција на политичка, национална, етичка или расна припадност како и од религиозно обединување;

–           Редовно да плаќа синдикална чланарина

 

член 19

 

Членството во ССНМ престанува:

–           Со потпишување на изјава за престанок на членство, односно со доброволно истапување на членот со давање на писмена изјава до Статутарната комисија при што се враќа и членската книшка;

–           Со бришење на евиденцијата во случај на неплатена чланарина подолго од три месеци;

–           Со промена на работниот статус – доколку членот стане директор или работодавач;

–           Со исклучување, во случај членот да делува спротивно на Програмата и Статутот на синдикатот или незаконски да го користи неговиот имот

 

член 20

Одлуката за исклучување на членот на синдикатот донесува Извршен одбор по предлог на Статутарната комисија. Предлог до Статутарната комисија дава било кој член на Статутарната комисија во рамки на своите статутарни надлежности или на барање на членовите на синдикалната група на која припаѓа членот.

Одлуката за исклучување на членот на синдикатот му се доставува лично  во рок од 15 дена од нејзиното донесување.

Членот врз кого е примената мерката за исклучување има право на жалба во рок од 8 дена до Собранието на ССНМ. Со поднесување на жалбата неговото членство мирува се до одржувањет на првото Собрание, а доколку Собранието ја одбие жалбата тогаш исклучувањето е правосилно.

 

член 21

Членот на кој му е престанато членството доколку изрази желба повторно да се зачлени во ССНМ треба писмено да се обрати до Статутарната комисија, која предлогот го доставува до Извршниот одбор. Извршниот одбор на првиот нареден состанок може да одлучи да го прими во членството и да го внесе во евиденција со потпишуваење на пристапница и издавање на нова членска книшка.

По правило, исклучените членови и членовите кои доброволно го напуштиле ССНМ, без да имаат објективна причина за тоа, не треба повторно да бидат зачленувани.

Членот чие барање за повторно зачленување е одбиено од страна на Извршниот одбор има право на жалба во рок од 8 дена до Собранието на ССНМ.

 

 

  1. 7. ОРГАНИЗАЦИОНА СТРУКТУРА НА ССНМ

7.1  СИНДИКАЛНА ГРУПА

член 22

ССНМ го сочинуваат сите членови на синдикатот преку основни единици на здружување – синдикални групи.

Синдикална група може да основаат

–        најмалку 3 члена вработени во еден медиум. Во еден медиум е можно да се формира само една синдикална група

–        најмалку 3 члена кои имаат статус на невработени лица и новинари      кои се оспособени за работа преку едукација но се уште не се вработени

–         најмалку 3 члена од пензионираните новинари и останати работници вработени во правните сектори кои делуваат во областа на медиумите;

–        најмалку 3 члена од вработени во медиумите и соработници кои соработуваат со новинарите во изработка на новинарските печатени, радио, телевизиските и онлајн продукти.

–        најмалку 3 члена вработени во правни или невладини организации чија што работа е релевантна за медиумската заедница

–        најмалку три члена кои работат како фриленсери

Синдикалните групи на предлог на своите членови со мнозинство гласови бираат свој синдикален преставник и негов заменик.

За изборот на синдикалниот преставник, синдикалната група го известува Претседателот на Синдикатот.

Синдикалните претставници и нивните заменици се бираат со мандат од 4 години и истите можат да бидат разрешени пред истекот на мандатот доколку за тоа поведе постапка било кој член на синдикалната група, ако истиот постапува спротивно на нивнитe интереси. Одлуката се носи со мнозинство гласови од вкупниот број членови на синдикалната група.

 

 

7.2  СОБРАНИЕ

 

 

член 23

Собранието на ССНМ е највисок орган и него го сочинуваат сите членови.

Собранието се одржува по потреба, а најмалку еднаш годишно. Собранието може да се одржи само ако се поканети сите членови (преку електронска пошта, социјалните мрежи,телефон) и ако се присутни најмалку 3% од активните членови, но не помалку од 20 члена. Одлуките се носат со мнозинство гласови од присутните членови.

Гласањето може да биде тајно или јавно во зависност од одлуката на мнозинството.

Собранието може да биде редовно или вонредно.

Редовното Собрание го свикува Претседателот на синдикатот најмалку 7 дена пред неговото одржување.

Вонредното Собрание може да го свика 1/3 од полноправното членство, Претседателот на ССНМ, 4 члена на извршниот одбор или по писмен предлог на Надзорниот одбор.

Секој член на Собранието има право на собранието да му поднесе предлог одлука, заклучок, препорака или друг акт и да покренува други прашања што се во надлежност на собранието.

 

член 24

 

Собранието ги има следните надлежности:

–           Го донесува и менува статутот;

–           Го избира Претседателот на синдикатот, Статутарната комисија и членовите на извршниот и надзорниот одбор со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови на Собранието;

–           Одлучување за разрешување на Претседателот на Синдикатот и на членовите на извршниот и надзорниот одбор, како и на Статутарната комисија е со мнозинство од вкупниот број на присутни членови на Собранието;

–           Донесува Деловник за работа на Собранието

–           Одобрува финансиски план и завршна сметка;

–           Донесува и утврдува планови и прогами за работа на синдикатот;

–           Ја оценува работата на Претседателот;

–           Го усвојува извештајот на надзорниот одбор;

–           Ги разгледува и усвојува извештаите за работа на синдикатот;

–           Врши избор на претставници во други органи и организации каде што е потребна застапеност на ССНМ;

–           Ги донесува сите општи акти на синдикатот

–            донесува одлука за престанување на дејствување на Синдикатот

 

 

7.3  ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СИНДИКАТ

 

член 25

Претседателот на Синдикатот го избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови.

Мандатот на Претседателот на синдикалната организација трае 4 години со можност за еден реизбор.

Има задача истовремено и вистинито информирање на членството и на органите и телата на ССНМ.

Претседателот на ССНМ остварува соработка со други синдикати и социјални партнери како и со професионални здруженија на државно и меѓународно ниво. Во отсуство на Претседателот неговата надлежност ја врши заменик претседателот.

Во случај на трајна спреченост или постапка за смена на Претседателот, се свикува вонредно Собрание во рок од најмногу 60 дена.

Функцијата Претседател на синдикатот може да се извршува и професионално, а прашањето за негово финансирање и работниот статус ќе го регулира Собранието на синдикатот.

 

член 26

 

Претседателот ги има следните надлежности:

–           Го застапува и претставува синдикатот;

–           Свикува состаноци на Собранието и Извршниот одбор и претседава со нив;

–           Ги застапува членовите во преговори со работодавачите;

–           Се грижи за доследно остварување на правата на членовите кои произлегуваат од колективните договори;

–           Ангажира правна помош во случаи на повреда на овие права;

–           Иницира активности и се грижи за реализација на ставовите, заклучоците и одлуките на синдикалните органи;

–           Врши и други работи кои ќе му ги довери Собранието или Извршниот одбор;

–           Може усмено или во писмена форма, во име на синдикатот да реагира на појава на загрозување на работните, материјалните и статусните права на членовите како и на другите противзаконитости и манипулации на кои можат да бидат изложени членовите;

–           Претседателот е потписник на сите документи , наредбодавател е на средствата и го застапува Синдикатот во правниот и финансискиот промет;

–            Ги склучува и потпишува колективните договори на Синдикатот како и други договори

–            По потреба може да свика состанок во било која Синдикална група

–           Ги чува документацијата, печтот и штембилот на Синдикатот;

 

7.4 ИЗВРШЕН ОДБОР

 

член 27

 

Извршниот одбор е колективен извршен орган на ССНМ кој ги извршува одлуките на собранието и е составен од 7 членови.

Извршиот одбор може да работи во проширен состав, при што него го сочинуваат 7 –те членови на извршниот одбор и синдикалните претставници на секоја синдикална група.

За начинот на работа Извршниот одбор донесува Деловник за работа.

Претседателот на синдикатот е претседател и на Извршниот одбор.

Извршниот одбор од редот на своите членови именува заменик на претседателот на извршниот одбор кој го заменува претседателот во случај на негово отсуство или привремена спреченост.

Извршниот одбор се состанува по потреба и него го свикува претседателот.

Мандатот на членовите на извршниот одбор трае 2 години со право на еден реизбор.

 

член 28

 

Извршниот одбор во рамките на своите надлежности:

–           Ги спроведува одлуките и заклучоците на Собранието;

–           Предлага годишен финансиски план и се грижи за негово спроведување;

–           Свикува Собрание;

–           Ги склучува колективните договори;

–           Преговара со раководството и работодавачите;

–           Донесува одлуки и предлага начин за решавање на прашања од интерес на материјалната и социјалната положба на членовите;

–           Донесува посебни одлуки за прашања кој не се регулирани со Статутот и носи одлука за промена на седиште;

–           Ги разгледува барањата, иницијативите и предлозите на членовите;

–           Се грижи за имотот на организацијата и води сметка за неговото оддржување и користење;

–           Се грижи за континуирано зголемување на членството;

–           Извршува и други работи поврзани со остварување на програмата за работа и тековни работи кои не се во надлежност на собранието;

–           За работата на извршниот одбор се води записник во кој се внесуваат заклучоците и одлуките донесени на седниците;

–           Извршниот одбор одлучува ако е присутно мнозинство од членови, а одлуките се донесуваат со мнозинството од присутните членови;

–           Работата на извршниот одбор е јавна и тој е должен за своите одлуки редовно да ги информира членовите

 

–         Доколку членот на Извршниот одбор неоправдано отсуствува повеќе од три пати во текот на една мандатна година, мандатот на членот престанува по сила на Статут.

 

 

–         Во случај на предвремен престанок на мандатот на член на Извршниот одбор, мандатот продолжува да го врши следниот кандидат, кој по број на гласови утврден на изборното Собрание, доаѓа на ред.

 

7.5 НАДЗОРЕН ОДБОР

 

член 29

 

Собранието го избира Надзорниот одбор кој е составен од 3 члена.

Мандатот на членовите на надзорниот одбор трае3 години без право на реизбор.

Надзорниот одбор од својот состав избира Претседател.

Членовите на Извршниот одбор и Претседателот не можат да бидат членови на Надзорниот одбор.

Во случај на предвремен престанок на мандатот на член на Надзорниот одбор, мандатот продолжува да го врши следниот кандидат, кој по број на гласови утврден на изборното Собрание, доаѓа на ред.

 

член 30

 

Надзорниот одбор ги извршува следниве работи:

–           Надзор на материјално – финансиското работење;

–           Врши контрола на распределбата и употребата на финансиските средства;

–           Врши контрола и ревизија на примената на одлуките, правилниците и користењето на имотот;

–           Ја контролира употребата на средствата собрани од синдикалната чланарина;

–           Контролира исправност на извештаите и другите документи на ССНМ;

–           Поднесува извештај за материјално – финансиското работење на ССНМ на Собранието;

–           Врши и други задачи во согласност со закон и овој Статут.

 

член 31

Најмалку 5 члена од ССНМ можат да поднесат писмено барање до Надзорниот одбор за ревизија на работата на раководните органи. Во барањето треба да се наведе причината за вршење на контролата. Претседателот на Надзорниот одбор е должен да закаже седница на одборот најмалку за 8 дена од добивањето на барањето.

За работата на Надзорниот одбор се поднесува писмен извештај до Собранието најмалку еднаш годишно.

Членовите на Надзорниот одбор одговараат за својата работа пред Собранието и солидарно се одговорни за штетата, која во вршењето на своите овластувања ја предизвикале намерно или со грубо невнимание.

За отповикување на член на Надзорниот одбор решава Собранието.

Надзорниот одбор може полноважно да работи и одлучува ако на седницата присуствуваат сите членови.

Надзорниот одбор одлуките и заклучоците ги донесува едногласно.

 

7.6 СТАТУТАРНА КОМИСИЈА

 

член 32

 

Статутарната комисија

–        Го следи остварувањето и спроведувањето на Статутот на Синдикатот

–        Дава толкување на одредбите на овој Статут и подготвува негови дополнувања и измени

–        Ја оценува усогласеноста на одредбите на други акти на Синдикатот и органите и телата на Синдикатот со одредбите на Статутот

–        Утврдува предлог за усогласување на Статутот со прописите

–        Арбитрира во спорови меѓу синдикални групи и Синдикатот

Статутарната комисија има три члена и нив ги бира Собранието со мандат од 4 години со право на еден реизбор.

Членови на Статутарната комисија не можат истовремено да бидат и членови на Извршен и Надзорен одбор.

Статутарната комисија од редот на своите членови бира претседател и заменик претседател на Статутарната комисија.

 

8.       ФИНАНСИРАЊЕ НА ССНМ

 

член 33

 

Работата на ССНМ се финансира од чланарината и од други приходи, како што се: донаторство, спонзорство, камати на своите средства, акции, банкарски записи и подароци.

Висината и начинот на уплата на чланарината е посебно уредена со Правилник.

 

член 34

Користењето и располагањето со средствата на Синдикатот добиени по основите од член 33 се врши на начин утврдени со овој Статут и други интерни акти на Синдикатот.

 

член 35

За користењето и располагањето со средствата или за формирање на посебни фондови одлучува Собранието на Синдикатот, согласно надлежностите утвредени со овој Статут, кое превзема мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.

 

член 36

Синдикатот донесува финансиски план за приходите и расходите на синдикатот.

Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуваат по член 33 од Статутот, како и расходите за планираните активности, за заедничка потрошувачка на членовите, матријални трошоци за работата на Синдикатот и други расходи поврзани за работата.

 

член 37

ССНМ е правно лице, со права, обврски и одговорности што произлегуваат од законските прописи и овој Статут.

ССНМ има свој имот, и со него не може да се располага, ниту да се оттуѓува без претходна согласност на Собранието на ССНМ.

Унапредувањето на синдикалниот имот е обврска на сите членови.

ССНМ има своја жиро сметка и може да формира наменски фондови за своите членови.

 

9.       СИНДИКАЛЕН ФОНД НА ССНМ

 

член 38

 

За остварување на солидарна матријална помош и користење на други материјални погодности, во рамките на ССНМ, ќе се формира Синдикален фонд (во понатамошниот текст: Фонд)

 

Начинот на организација и работењето со Фондот ќе бидат дополнително уредени со Правилник за работа на фондот.

10.     СТРУЧНА СЛУЖБА

 

член 39

За вршење на стручните, административните, техничките и други работи за потребите на ССНМ, може да се формира стучна служба.

Бројот на извршителите и работните задачи ќе се регулираат со посебни Правилници.

 

11.     ПЕЧАТ И АМБЛЕМ

член 40

Печатот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е тркалезен со логото во средина и името на ССНМ напишано во круг.

 

член 41

Амблемот (логото) на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е сива стилизирана тупаница која држи  црно перо со црн врв и бела позадина.

12.     ПРЕСТАНОК НА СИНДИКАТОТ

член 42

 

Синдикатот престанува:

•           Со одлука на собранието донесена со 2/3 мнозинство;

•           Кога бројот на членовите ке се намали под определениот број за основање;

•           Кога со правосилна одлука на надлежен орган ќе се забрани работата на синдикатот;

•           во други случаи утврдени со Закон

 

 

член 43

 

По престанокот на работата на Синдикатот, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на оснивачите на Синдикатот.

 

 

13.               ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

член 44

 

Статутот на ССНМ го усвојува Собранието на ССНМ со две третини мнозинство од присутните членови, а го потпишува избраниот претседател на ССНМ.

Измени и дополнувања на Статутот се вршат со иста постапка како и при неговото донесување.

Сите прашања значајни за организацијата, дејствувањето и работата на ССНМ кои не се регулирани со Статутот, се регулираат со посебни одлуки на Извршниот одбор.

 

член 45

 

Овој Статут влегува во сила на денот на неговото донесување.

 

 

03.11.2012