Ботовите се директна закана за новинарството

Иако ботовите се еден од главните трендови во дигиталната комуникација, многу корисници не знаат многу за нив – или нивната моќ да влијаат врз јавното мислење преку ширење дезинформации и пропаганда, пишува Ана Сиу во блог за Меѓународната новинарска мрежа.

Според Џовани Лука Киампаља, истражувачки научник од Универзитетот Индијана, ботовите се „едноставен компјутерски програм кој оперира со една или повеќе сметки на социјалните медиуми за да врши одредени операции“. Иако многу од овие програми се користат за маркетинг, злоупотребата на ботовите ги предизвикува новинарите на нови начини.

Видови ботови

Еден вообичаен вид на бот е chatbot, кој е програмиран да одговара на пораките на корисниците. Chatbot-овите се користат за подобрување на грижата за корисници на компаниите, што им заштедува пари и придонесува кон побрза и поефективна услуга.

Медиумите како Си-ен-ен имаат создадено сопствени chatbot-ови за да испорачуваат вести во формат еден-на-еден. Ботовите може да им праќаат на корисниците утрински вести, да одговараат на прашања, па дури и да препорачуваат рецепти.

Chatbot-овите вообичаено ги известуваат корисниците дека се компјутер; меѓутоа, некои ботови се програмирани да го сокријат овој факт за да се прикажат како вистински. Тоа е вообичаено кај социјалните ботови, вид на chatbot кој автоматски создава содржина на социјалните медиуми, обично во поддршка на кампањи, брендови, политичари, итн.

„Тие вообичаено се обидуваат да се претстават како вистински“, вели Киампаља. „Некои од овие ботови се користат за следење на одредени луѓе на Твитер, а други се користат за ширење информации кои поддржуваат групи на луѓе.

Како резултат, влијателните луѓе и политичарите често имаа милиони лажни следбеници. Иако овие ботови вообичаено се користат да го зголемат бројот на следбеници на корисниците на социјалните медиуми, тие се исто така ефективна алатка за ширење лажни информации.

Постои и друг вид сметки кои шират лажни вести, но тие не се компјутерски програми.

„Сметките кои се креирани од луѓе и кои се користат за злонамерни цели се викаат сајборзи (cyborgs),” вели Киампаља. Тоа се вистински луѓе кои се платени да креираат дузина лажни сметки кои се користат за да влијаат и да го манипулираат јавното мислење на социјалните медиуми, особено на Фејсбук и Твитер.

Армии ботови

Многу маркетинг агенции и влади користат сајборзи за да прават пари со манипулирање на информации за политичари, брендови или други моќни групи. Една интернет истражувачка агенција во Соединетите Држави и Виктори лаб во Мексико креираат и шират дезинформации со користење на сајборзи за да ја манипулираат комуникацијата на социјалните медиуми.

Овие организации вработуваат млади луѓе да креираат лажни сметки и им плаќаат за сомнителни или лажирани услуги за да ги држат во тајност. Иако не е етички, ниту легално да се користат сајборзи за да се манипулира јавното мислење, многу млади луѓе го прават тоа, најчесто за пари, а поретко за политички интереси.

Алберто Ескорсиа е мексикански интернет активист кој се бори против овие групи на сајборзи, кои ги нарекува “decks”. Како резултат на неговата работа против лажните корисници, тој добивал смртни закани до тој степен што речиси ја напуштил земјата.

„Двата начина се користат да се полнат социјалните мрежи со пораки кои поддржуваат или се борат против одредена кауза“, вели Ескорсиа. „Се работи за брутална оперативна група која ги преплавува социјалните медиуми, креира актуелни теми и ги претставува како вистинити.“

Овие групи работат на многу организирам начин, соработувајќи со лажни сметки за да ги измамат корисниците на социјалните мрежи. „Симулацијата која ја креираат е масовна“, рече Ескорсиа. „Често се потребни илјадници ботови кои коментираат на или споделуваат иста содржина, и некој ќе помисли дека тоа е вистина, иако нема смисла.“

Ботови: тајната на лажните вести

Злонамерни чинители користат ботови да манипулираат конверзации за време на политички настани или избори. Во текот на претседателските избори во 2016 и гласањето за Брегзит, ботовите може да имале влијание врз исходот. За време на изборите во Мексико во 2018 година биле детектирани милиони ботови кои што ширеле лажни информации за кандидатите.

Меѓутоа, Ескорсиа не гледа на ботовите како на единствена причина зад лажните вести. „Ботовите се последната алка во ланецот“, рече тој. „Главната одговорност е на Твитер, Гугл и Фејсбук, бидејќи тие ги маат ресурсите да детектираат лажни сметки. Но, бидејќи ботовите им носат на технолошките компании и социјалните мрежи милиони долари во приходи од реклами, овие сајтови не преземаат мерки против нив. Нивниот главен приход се рекламите. Не е важно дали промовираат лажни вести“, вели Ескорсиа.

Идни предизвици

„Користењето на ботовите не се намалува; напротив, се зголемува,“ вели Киампаља. „Не само поради маркетиншките можности, туку и за да се манипулира јавното мислење.“ Овие ботови стануваат сè попаметни,“ вели тој.

Ескорсиа е загрижен дека ботовите, во комбинација со вештачката интелигенција, ќе се користат како информациско оружје, ставајќи цели земји во ризик од манипулација. Тој верува дека за 10 години ќе биде уште потешко да се направи разлика помеѓу реалноста и лагите.

Медиумите се соочени со потенцијална криза. Новинарите треба да се подготвени да ги образуваат своите читатели за лажните вести, да се едуцираат за новите технологии и да формираат групи за верификација за време на големи настани како што се избори. Еден пример е Verificado 2018, иницијатива за проверка на факти водена од повеќе новински редакции во Мексико. Тимот користи платформи како WhatsApp за да пресретнува лажни вести за време на национални избори.

„Истражувачкото новинарство треба сериозно да го сфати овој проблем. Можеби изгледа како научна фантастика, но тоа е директна закана против индустријата. Новинарите не треба да се предаваат на индустрија која е волна да плаќа пари за извртување на реалноста“, вели Ескорсиа.

Единствениот начин да се подготвиме за ова неизбежно сценарио е да се здружиме со технолози како што се Ескорсиа и Киампаља, и да развиеме алатки и техники за борба против армиите ботови заедно со капацитети за истражување и кодирање.

За среќа,тоа веќе се случува. Киампаља и тим истражувачи од Опсерваторијата за социјални медиуми на Универзитетот во Индијана развиле алатки за препознавање на лажни сметки на социјалните мрежи. Нивните алатки, Hoaxy and Botometer, овозможуваат лесно да се детектираат веб страници со низок кредибилитет и препознаваат автоматизирани сметки за новинарите и просечните корисници.