Довербата во медиумите во Македонија меѓу најниските во Европа

Според најновиот извештај на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), довербата во медиумите кај граѓаните на Македонија е меѓу најниските во Европа и бележи пад во изминативе пет години, пренесува Опсерваторија на медиумски реформи.

Во анализата што се темели претежно на 88-от извештај на Еуробарометар, се вели и дека ниската доверба на македонските граѓани во медиумите е во тесна врска и со индексот за слобода на медиумите изработен од „Фридом Хаус“. Така, според последниот индекс, Македонија е на претпоследно место во Европа, пред Турција, а во поглед на довербата во радиодифузните медиуми е подобра од Србија и Грција.

Генерално погледнато, според процентот на недоверба, кон медиумите воопшто, Македонија е втора во Европа, заедно со Обединетото Кралство, каде дури 52 отсто од населението не им верува на медиумите. Состојбата е полоша само во Малта, каде недовербата изнесува 53 отсто.

Кога станува збор за довербата на публиката во различните категории медиуми, во Македонија најмногу се верува на телевизиите, потоа се радијата и и порталите и другите категории страници на интернет, додека довербата во печатените медиуми е најниска.

За разлика од земјите на ЕУ, каде најголема доверба имаат радијата, во Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Турција и голем број земји во ЕУ, најмногу се верува на телевизиите. Најниска доверба во ЕУ, но и во Турција и во Албанија, имаат содржините од социјалните мрежи, а пак во Македонија, Србија и Бугарија најмала доверба уживаат печатените медиуми.

На ниво на Европа, најголема доверба имаат радијата, со 59 отсто, потоа се телевизиите со 51 отсто, следени од печатените медиуми со 47 отсто, интернет со 34 отсто и социјалните мрежи со 20 отсто.

Во поглед на довербата кон радијата, Македонија е последна со само 28 отсто, а процентот на недоверба е 67 отсто. Во периодот од 2012 до 2017 довербата во радијата во Македонија опаѓала умерено, односно со пад помал од 10 проценти.

Кога станува збор за телевизиите, тие во Македонија имаат доверба кај 49 отсто од граѓаните, а подеднаков процент граѓани не им веруваат. Во периодот 2012 до 2017 речиси и да нема промена на процентите.

Во поглед на печатените медиуми, Македонија по недоверба е втора во Европа, односно само 24 отсто од граѓаните им веруваат, а 63 отсто немаат доверба во нив. Пред нас е само Обединетото Кралство, со 23 отсто доверба и 73 отсто недоверба. Во последните 5 години, довербата во овие медиуми опаднала значително, односно повеќе од 10 отсто, а ситуацијата е иста и во Србија, Црна Гора и во Словачка.

Во поглед на медиумите на интернет, Македонија по недоверба е некаде во средината на листата на европските земји, со 37 отсто доверба и 47 отсто недоверба. Таа доверба во периодот од 2012 до 2017 година, опаднала значително, односно за повеќе од 10 проценти, а иста е состојбата и во Црна Гора, Романија, Словачка, Чешка, Балтичките републики, Финска, Шведска, Данска, Холандија, Франција и Обединетото Кралство.

Во социјалните мрежи во Македонија доверба имаат 30 отсто и таа е на деветто место. На оваа листа води Албанија со 42 отсто доверба, потоа е Турција со 39 отсто, Бугарија со 37 отсто, а Хрватска има 32 отсто доверба. Недовербата во Македонија кон социјалните мрежи изнесува 53 отсто.