Довербата е најсилниот капитал на медиумот


Разговараше: Тамара Чаусидис

Јованка Матиќ е истражувач и научен соработник на Институтот за општествени науки од Белград со 25-годишно искуство. Автор е на бројни истражувања и научни текстови од областа на комуникациите, медиумите и новинарството. На конференцијата на ОБСЕ што се одржа на 10 и 11 мај во Струга таа говореше на панелот „Медиумите во ерата на дигитализацијата“, по што и поставивме неколку прашања за предизвиците и улогата на медиумите во општеството.

ССНМ: Што е според вас клучното прашање на кое медиумите во дигиталната ера треба да бидат фокусирани?

Како прво би ја нагласила довербата и кредибилитетот на медиумите, затоа што со појавата на нови дигитални медиуми и со појавата на социјалните мрежи е регистриран глобален тренд на опаѓање на довербата во медиумите. Оттаму и терминот „пост- вистина“ затоа што се повеќе има лажни вести, информации на кои што не може да им се верува, некредибилни информации и слично.

Медиумите денес можат да го адресираат проблемот така што повторно ќе го воспостават својот кредибилитет, значи да ја уверат публиката дека тие се тие кои нудат проверени информации, дека во тој општ хаос на информации тие се разликуваат по тоа што на публиката и нудат проверени информации. Кај светските медиуми постои една френетична трка за тоа да воспостават што поголем број алатки со кои ги проверуваат фактите и само со такви да излегуваат пред публиката.

Тоа оди дотаму што постојат програми кои се во состојба да ја проверуваат точноста на исказот во моментот додека тој се дава, но за нас тоа не е толку релевантно, но важно е да се врати довербата врз основа на тоа што медиумите ќе бидат тие што ќе даваат проверени информации на кои им се верува. Веќе не е важна брзината колку што е важен кредибилитетот.

ССНМ: Дали тоа значи дека кредибилитетот на медиумите е нешто што може да се смета за столб на идните бизнис модели врз кои ќе се градат или преуредуваат медиумите?

Токму така, тоа е важно. Медиумите мора да се издвојат од тој информациски хаос како извор на кој може да му се верува и зад кој стои професионална одговорност и професионални стандарди. Тоа е она на што медиумите можат да сметаат во однос на нивната иднина, тоа е она според што ќе се разликуваат од мноштвото информации во дигиталната ера.

ССНМ: Тешко е да се зборува за доверба во услови на драматична поларизираност на општеството, медиумите се делат на „наши“ и „нивни“, луѓето функционираат само во својот дел од социјален балон, без каква и да е интеракција со условно кажано „другата страна“.

Токму социјалните мрежи покажаа дека медиумите до сега потфрлаа во таа важна улога, а тоа е дека тие се поле за јавна дебата, но поле за дебата во кое се слушаат гласови на сите делови на општеството. Во нашите општества медиумите главно се тие кои ги пренесуваат гласовите одозгора, од врвот, од елитата кон доле. И колку и да успеале некогаш гласовите на општеството да ги пренесат од базата кон врвот, таа своја улога тие ја запоставуваа, таа хоризонтална комуникација.

Придобивката од социјалните мрежи е токму во тоа што воспоставија нови форми на хоризонтална комуникација која на луѓето страшно им недостигаше. Во ситуација на политички кризи и силна политичка поларизација, а особено во популистички демократии многу е важно медиумите да ја преземат новата улога во која тие ќе бидат место за градење консензус меѓу поларизираните делови на општеството.

Во Србија во поново време се развива една остра политичка поделба помеѓу поддржувачите на популизмот и неговите противници кои се сметаат себеси за либерални, а другите за манипулирани. Суштината не е во тоа приврзаниците на популизмот да се осудуваат како незнајковци, глупави, неиформирани, манипулирани. Тие луѓе имаат некои фрустрации и проблеми за кои не виделе решение во постојната политичка понуда, па го прифатија решението на популизмот.

По правило популистите нудат демагошки опортунистички нереални решенија, со цел да го задоволат гласачкото тело така што ќе им го понудат она што тие сакаат да го чујат. Но сега е многу важно да се разбере кои проблеми тие луѓе ги гледаат и што ги поттикнува да гласаат за демагози, односно популисти. Во таа размена на аргументи, во еден рационален јавен дијалог треба да се воспостави некое мнозинско демократско решение.

Популизмот е опасен затоа што е тој антиплуралистички. Тој всушност ја уништува можноста од создавање на алтернатива на популистичката власт и тој се смета за дефект на демократијата. Ова приврзаниците на демократијата не сакаат да го разберат и затоа е потребна ситуација во која тие навистина ќе ги слушнат фрустрациите на приврзаниците на популизмот.

И во Европа десницата расте затоа што неолибералната политика не дозволува жртвите на таа политика да се свртат против власта која ја спроведува, туку се вртат против групите кои по степенот на моќта се уште послаби од нив: малцинства, мигранти и маргинализирани групи. И судирот главно се води на хоризонтално ниво.

ССНМ: И каде е тука улогата на медиумите?

Медиумите се тие кои треба да ги откријат вистинските проблеми кои ги мачат граѓаните. На пример: транзиција, дали таа требаше да се движи баш во оваа насока, дали резултатите од неа беа единствено можни, дали згрешивме и каде. Се она што досега го правевме мора да се изложи на критичка анализа за да се види во која насока општеството треба да се развива. Многу е важно во таа дебата да биде вклучено целото општество. Воопшто не мора да се зборува за релацијата кон ЕУ или Русија, треба да се зборува за теми кои сите нас не засегаат: образование, здравство… Дали коцептот на бесплатно образование бил погрешен? Значи да се развие нова дебата за насоките на општеството, а проблемите да се решаваат на демократски, а не популистички начин.

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија