Експлоатацијата на фриленс новинарите е закана по нашата демократија

Ренате Шредер, Директор на Европската федерација на новинари

Разликата помеѓу приходите на сè помалиот број новинари со стабилни договори и растечкиот број на фриленсери во Европа се зголемува, пишува во својата анализа Ренате Шредер, директор на Европската федерација на новинари. Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и нејзината Експертска група за слободни новинари (ФРЕГ) се запрепастени од ваквото влошување на ситуацијата.

Ваквите нефер практики на плаќање не може да продолжат, бидејќи сè поголем дел од уредувачката содржина ја пишуваат и продуцираат фриленс новинари. Тоа влијае на квалитетот на новинарството и, конечно, на самата демократија. Затоа ЕФЈ ја поддржува кампањата на PayRise на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ).

Една од практиките на Европскиот столб на социјални права на ЕУ (ЕПСР) истакнува дека „Работниците имаат право на фер плати кои обезбедуваат пристоен животен стандард… Сиромаштијата на вработените треба да се спречи“. Убаво зборови – но мора да се стават во пракса. Нашето истражување покажува малку докази дека тоа се случува. Итно е потребно сите работници, вклучително и фриленсерите, да бидат покриени со колективни договори со цел еднаквите плати и еднаквиот третман да станат реалност во дигиталната економија. Затоа го поздравувавме неодамнешниот рамковен договор потпишан помеѓу организацијата на издавачите и новинарите во Норвешка.

Истражувањето спроведено во 2015 година покажа дека иако фриленсерите припаѓаат на синдикати и професионални организации во 33 европски земји, повеќе од половина од нив изјавиле дека е невозможно да се постигнат колективни договори.

Бројни студии и анкети сведочат за сè поголемата разлика помеѓу платите на вработените и фриленс новинарите.

Во Германија, студија спроведена од страна на Универзитетот Лудвиг Макимилиан откри дека фриленс новинарите се сè пообразовани, а сè помалку платени. Вкупно, 83% од германските фриленс новинари имаат универзитетска диплома споредено со 74.1% од постојано вработените новинари, но оваа бројка се зголемува на 91% помеѓу жените фриленс новинари. Една третина од самовработените новинари мора да работат втора работа за да опстанат.

Во француските говорни региони на Белгија, истражувањето на Асоцијацијата на професионални новинари (AJP) ги потенцира ниските хонорари за фриленс новинарите, кои се движат од 20 евра за долги статии во дневни весници до 120-150 евра во периодични публикации и 12 евра за телевизиска репортажа.

Анкета спроведена помеѓу фриленс новинарите од холандското говорно подрачје  во Фландрија во 2016 година покажа дека хонорарите на фриленсерите се во пад. Некои специјализирани списанија и веб-страници, како што се локални, кулинарски или списанија за патување, не плаќаат ништо за фриленсерската работа – третирајќи ја како еден вид на волонтерски ангажман.

Во Шпанија, речиси четири проценти од фриленс новинарите вкупно заработуваат помалку од 1.000 евра месечно. Но, оваа бројка маскира огромна возрасна разлика: 51% од жените фриленсери се ниско платени во споредба со 26% од мажите. Шпанската телевизија плаќа помеѓу 200 и 400 евра по извештај, во зависност од обемот на подготвителната работа.

Платите на фриленсерите се во пад и во Обединетото Кралство, додека бројот на фриленс новинари расте. Приходите драстично се разликуваат. Околу 14% од самовработените новинари заработуваат помалку од 5.700 евра годишно, додека само два проценти заработуваат над 85.000 евра. Заработката на фриленсерите драстично се намали во последните 10 години.

Во Франција е забележан голем подем на прекарната работа која ја вршат самовработените новинари. Според Националниот синдикат на новинари (Snj-CGT), околу 6.500 фриленсери (pigistes) имаат прес карта, додека најмалку исто толку не ги исполнуваат критериумите да бидат официјално акредитирани. Тоа значи дека речиси една четвртина од новинарите кои имаат прес карти се фриленсери, и бројката расте секоја година: минатата година 65% од сите нови прес-карти биле издадени на фриленсери. А тоа не се само млади новинари кои само што влегле во професијата: 57% од фриленсерите се над 35 години.

Фриленсерите со статус на pigiste се покриени со законот за вработување и добиваат социјална заштита. Тие се платени по ред од пишан текст, или по минута од емисија. Оние со прес-карта имаат просечна месечна плата од 1.969 евра, во споредба со вработените новинари кои заработуваат 3.549 евра. Приходот на pigistes е опаднат од 2000 година, кога изнесуваше 2.058 евра, додека многуте самовработени новинари кои не можат да добијат прес карта заработуваат многу помалку. Некои работат и до 70 часа неделно за неколку стотини евра. Во 2017 година, група од 15 фриленсери колективно јавно ги осудија медиумските работодавци за постојаното намалување на хонорарите, независно од професионалните квалификации и искуството на поединци.

Во Италија, фриленсерите сочинуваат 65% од новинарите признаени од Националниот институт за социјална безбедност за италијанските новинари (INPGI). Просечниот годишен приход од 11.241 евра во 2015 година претставуваше една петина од она што нивните колеги заработувале. Околу 83% од фриленсерите заработуваат помалку од 10.000 евра годишно, што ги сместува под официјалното ниво на сиромаштија.

Во ЕУ, платите и работните услови на новинарите се поткопани, и фриленсерите го трпат подебелиот крај. Индексот на World Press Freedom од 2018 година, објавен во април, покажува дека на глобално ниво, Европа е регион во кој е забележан најголем пад во стандардите на слободата на изразување. Овој алармантен наод претставува закана по самата демократија. Но, без да се инвестира во високо-квалитетно новинарство, постои ризик дека проблемот само ќе се влошува.