Како „лажните вести“ на Трамп им дадоа ново оружје на авторитарните лидери

Откако беше избран за Претседател, Доналд Трамп го популаризираше терминот лажни вести, користејќи го да ги критикува нему неомилените вести во мејнстрим медиумите, медиумските организации, а во една прилика дури и поединец.

Но, откако Претседателот на САД го воведе во јавниот дискурс, овој термин исто така беше позајмен од лидери на држави низ целиот свет – особено оние кои се на врвот на авторитарни режими, пишува Гардијан. Иако Трамп тврдеше дека ја смислил фразата лажни вести, и се фалеше дека тоа е „еден од најдобрите термини на кои сум се сетил“, терминот постоеше и претходно, но се користеше за да се опишат намерно фабрикувани дезинформации, а во некои случаи и комплетно измислени вести.

Со прифаќањето на фразата „лажни вести“за да се опише секоја форма на негативно медиумско известување, Трамп им помогна на држави од Венецуела до Сирија и Мјанмар во нивниот обид да ги објаснат ѕверствата и кршењето на човековите права.

Британскиот весник Гардијан во својата анализа посебно ги одвојува Претседателите на Венецуела, Николас Мадуро, на Сирија Башар ал Асад, како и шпанскиот министер за надворешни работи Алфонсо Дастис.

Венецуела е држава во која власта контролира најголем дел од медиумите, а лидерите на оваа јужно-американска земја постојано се мета на критики поради кршењето на човековите права и слободи.

„Венецуела е изложена на малтретирање од светските медиуми кои ја опкружуваат. Шират лаги, многу лаги. Тоа е она што денеска го нарекуваме лажни вести, зарем не? Ова е ера на пост-вистината“, изјавил Мадуро.

Сирискиот Претседател Асад, пак, според Гардијан е одговорен за еден од најтешките случаи на кршење на човекови права во модерната историја. Од долгогодишните воени дејствија дури шест милиони Сиријци беа приморани да ја напуштат државата. Последниот извештај на Амнести Интернешнл покажа дека сиријската влада убила 13.000 луѓе во воените затвори во периодот од 2011 до 2015 година. Асад се разбира го оспори овој извештај.

„Денес сешто можете да фалсификувате. Живееме во ера на лажни вести“, рече тој.

И кинеската влада која е позната по гушењето на слободата на медиумите, во обидот да ги отфрли наводите на кинеските борци за слобода на говор дела полицијата мачела некои од нивните активисти, го употреби омилениот термин на Трамп.

„Тоа е лажна вест“, објави кинеската државна агенција Синхуа во текст на англиски јазик.

Покусо не остана ниту руското министерство за надворешни работи кое на својот сајт има посебен дел за „лажни вести“. Во него како „лажни вести“ најмногу се пренесуваат текстови од американските телевизи Си-Би-Ес и  Си-Ен-Ен, како и од весникот Вашингтон Пост.

Овој тренд зафати и некои демократски земји како членката на Европската Унија, Шпанија. По минатогодишните инциденти во Каталонија кога беа повредени илјадници луѓе при обидот на полицијата да ги спречи да гласаат на референдумот за независност од Шпанија, илјадници фотографии и снимки на кои се гледа како полицијата ги тепа луѓето го обиколија светот. На тоа шпанскиот министер за надворешни работи, Алфонсо Дастис рече:

„Не сакам да кажам дека сите слики се лажни, но некои од нив се, а има и многу лажни вести“.

Извор