Македонија на последното место на индексот за медиумска писменост

Македонските граѓани се најранливи на ширењето на лажни вест, покажа вториот годишен индекс за медиумска писменост изготвен при Иницијативата за европски политики на Институтот отворено општество – Софија. Македонија е рангирана на последното место на листата од 35 земји кои биле оценувани според квалитетот на образование, слободата на медиуми и јавната доверба. Медиумската писменост Институтот ја мерел во 29-те земји на Европската Унија, како и во шесте земји кандидати за членство – Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција и Албанија.

Македонија на 35. место се најде со вкупно 10 индексни поени, со најслаби резултати во категориите јавна доверба и функционална писменост. Во категоријата јавна доверба Македонија има само 3,7 поени од максимални 10, додека оценката за функционална писменост изнесува 352, далеку од максималните 500 поени. Единствено во категоријата слобода на медиуми Македонија е на претпоследното место, пред Турција. Рангирањето во оваа категорија се базира на извештаите на „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“.

Друштвото на земји со публика која најлесно ја заведуваат лажните вести го сочинуваат земјите од западен Балкан, Турција и Бугарија. Најдобро е рангирана Србија на 29. место, а потоа следуваат Бугарија (30.), Црна Гора (31.), Босна и Херцеговина (32.), Албанија (33.) и Турција (34.).  Турција е единствената земја на листата која има полош резултат од Македонија и тоа во категоријата слобода на медиуми.

На врвот на листата, како земја во која граѓаните се најотпорни на лажните вести е Финска со 76 индексни поени. Според извештајот клучно за ова се „силниот јавен образовен систем“ и „широко распостранетите вештини за критичко размислување“. На второто место е Данска, а потоа следат Холандија, Шведска и Естонија – сите со високи резултати во категориите образование, јавна доверба и слобода на медуиуми.

Според Марин Лесенски, автор на извештајот постојат различни начини за борба против лажните вести и пост-вистината, а како еден од позначајните ја наведува регулацијата. Сепак, тој додава дека образованието е најподатливото решение за лажните вести. Резултатите од Извештајот за медиумска писменост покажале дека квалитетот на образованието и постоењето на повеќе и пообразовани граѓани се претпоставка за полесно справување со негативните факти оф лажните вести и пост вистината. Оттука, истражувањето укажува на врска помеѓу квалитетот на образованието и медиумската слобода, односно дека земјите со поголем број на пообразувани граѓани имаат поголемо ниво на слобода на медиуми и обратно.