„Медија Дејли“ – медиум на сите медиуми

На 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите почна со работа новиот онлајн портал „Медија Дејли“ (http://www.mediadaily.biz) koj ќе ги следи случувањата во и околу медиумите на просторот на југоисточна Европа. Целта на порталот е да стане централен портал за случувањата во медиумите во регионот, на границата на ЕУ и остатокот од Европа. Порталот ќе се фокусира на електронските медиуми, порталите, телевизиите и радијата, но ќе се објавува и за печатените изданија.

Седиштетот на порталот е во Загреб со дописничка мрежа во Хрватска, Србија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Косово и Словенија. Текстовите ќе бидат објавувани на мајчиниот јазик на новинарите со тоа што текстовите на словенечки, македонски и албански ќе бидат објавени и во некоја од варијантите на српски, хрватски, босански или црногорски јазик. Сите текстови ќе бидат објавувани и на англиски јазик со цел порталот да го следат и заинтересираните за медиумите ширум Европа и светот.

Порталот ќе ги објавува сите видови на информации за медиумите, почнувајќи од вестите за тоа кој каде преминал и зошто, ситуацијата во медиумите, преку теми анализи и споредби, до законските медиумски регулативи.

Ќе има простор и за новости во медиумската технологија, медиумските трендови во светот, а ќе има и ќоше за студентите на новинарство. Повремено ќе се огласат гости коментатори, познати и угледни медиумски личности од овие простори.

Сите кои ќе ја посетат страницата ќе можат 15 дена бесплатно да ги читаат содржините, а по тој рок ќе им биде понудена претплата, пристапна за граѓаните, но пред се за луѓето во медиумите и оние кои ги интересираат медиумите.

Главен уредник на порталот е Невен Шантиќ, долгогодишен колумнист на „Нови лист“ од Ријека, додека двигател и иницијатор на проектот е Зоран Ковачиќ, коопственик на ТВ Мрежа од Хрватска.