Мобингот го убива новинарството

Фото: Роберт Атанасовски

Хроничен стрес, панични напади и депресија се само некои од психичките симптоми на мобингот, кој е стар синдром на лошо меѓучовечко однесување во различни заедници, но како модерна „болест“ е прифатен од скоро, и e санкциониран во демократскиот свет. Денес мобингот е реален проблем во транзициските земји, бидејќи тие се обидуваат да го третираат како во развиените демократии, но легислативата и праксата често не одат заедно.

Психичкото малтретирање на работникот на работното место, од едно или повеќе лица – мобери, најчесто раководни лица, го има во речиси секоја македонска фирма. Го има и во новинарската професија, со сите свои специфичности што ги носи таа. Анкетата на ССНМ покажа дека повеќе од 60% од новинарите имале искуство со мобинг, биле сведоци или самите биле жртви, а 16 проценти од нив го рангираат мобингот како главен притисок врз новинарите во редакциите.

Мобингот најмногу се користи како алатка за „ослободување“ од вработените кои се пријавени на неопределено време и кои заради одредена економско и социјална сигурност тешко се манипулираат и не подлегнуваат на притисок затоа што имаат изграден идентитет, интегритет и стил на информирање од кој не се откажуваат.

Мобингот во новинарството ја уништи(ува) професијата затоа што ја убива самата нејзина суштина, а тоа е  слободата во изразувањето и информирањето. Новинарот изложен на мобинг всушност е неслободен, тескобен, исплашен и тоа се рефлектира и врз содржината која ја создава.

Искуството на ССНМ покажува дека жртви на мобингот се најчесно оние вработени кои се етикетираат како „непослушни“. Оние  кои не се согласуваат со уредувачката политика на  медиумот, кои одбиваат нарачани текстови или однапред зададени тези , но и оние кои се критични за начинот на менаџирањето со медиумот, независно дали тоа се случило во директна конфронтација со претпоставените, во приватни разговори или на социјалните мрежи.

Еден фејбук статус може да ве издвои и изложи на мобинг во редакцијата“ ни кажа колега кој се соочил со такво искуство во сопствениот медиум. „Заради тоа внимавам каде ставам лајк и што пишувам на социјалните мрежи“.

Мобингот најмногу се користи како алатка за „ослободување“ од вработените кои се пријавени на неопределено време и кои заради одредена економско и социјална сигурност тешко се манипулираат и не подлегнуваат на притисок затоа што имаат изграден идентитет, интегритет и стил на информирање од кој не се откажуваат.

ССНМ се сретна со ситуации кога при промена на уредувачка политика, мобингот бил користен за елиминирање не само на поединци туку и на цели групи вработени. Најчесто професионалци со дефиниран интегритет или како лица доживувани како блиски до старата уредувачка политика или начин на функционирање на медиумот.

Во ситуација кога голем  дел од медиумите во Македонија се инструмент на политичките партии за пласирање на информации што им одат во прилог не треба да чуди што мобингот во медиумите во последните 20-тина години, а посебно во последните неколку, стана вообичаена појава.

Следење на настан. Фото: Роберт Атанасовски

Следење настан. Фото: Роберт Атанасовски

Како изгледа мобинг во редакција

Уредникот одбива секаков разговор во врска со работата, иако службената комуникација е неопходна за нормално одвивање на работниот процес во редакцијата. Тој е дрзок, нељубезен и потценувачки се однесува кон мене. Не прифаќа мои предлози и идеи за работа, без разлика на актуелноста и издржаноста, а посебно не, ако тие имаат било каква допирна точка со некоја личност од политичка партија, чиј припадник или симпатизер е сопственикот на медиумот“ ни раскажа колешка од печатен медиум врз која мобингот бил искористен како алатка за цензура.

Таа вели дека најтешки се навредите, исмејувањата и потценувањето на кое била изложена по 15 годишно професионално искуство и  додава дека многу често, напишана, завршена тема, претходно договорена на колегиум, после два – три часа е оценета од уредникот како „глупост“ и не се објавува во весникот.

Станува збор за маргинализација со намалување на работата на новинарот или медиумскиот работник што потоа се користи како аргумент за казнување, намалување на плата, навреди и психичко малтретирање, а некогаш и отказ. Намерата на моберот е жртвата да ја доведе до таков степен на морална и физичка исфрустираност  за да престане да даваат отпор и професионално да капитулира или да си замине.

Намерата на моберот е жртвата да ја доведе до таков степен на морална и физичка исфрустираност  за да престане да дава отпор и професионално да капитулира или да си замине

Новинарот или медиумскиот работник кој е маргинализиран добива се помалку задачи, предлозите му се одбиваат, а темите кои претходно ги работел без образложение се даваат на друг, најчесто нов или помлад колега кој е во „кругот на доверба“ со уредникот.

Понекогаш жртвите на мобинг не можат да ја одредат причината заради која се издвоени и изложени на таков третман особено ако не се изложени на директни критики од главниот уредник или другите претпоставени, туку тоа се прави молкум зад грб на работникот.

Жртвите се препознаени од другите, кон нив се однесуваат како кон „проблематични“ дури и од страна на колегите.

Со ноќи не можев да спијам, а најстрашно ми беше што и колегите почнаа поинаку да ме гледаат. Како да имам знак врз себе дека ‘ќе летам’ од работа , само е прашање на време кога тоа ќе се случи“, ни раскажа еден член вработен во национална телевизија.

Со време ситуацијата станува хронична. Храброста да се праша зошто темите на новинарот или работните задачи на медиумскиот работник се намалуваат  полека ја снемува, како и енергијата да се предлагаат теми или превземаат инцијативи. Во редакцијата доминираат инсинуации, озборувања кои често имаат личен карактер, а кај жртвата се јавува огорченост.

Некогаш молкум, а некогаш директно работникот или групата зиложена на мобинг е етикетирана како неработничка. Работната средина станува непријателска за нив.

Ефектите на маргинализацијата и изолацијата се претставуваат како одговорност на самиот вработен  и моберот кој најчесто е на раководна позиција со тоа го објаснува отпуштањето

Одам на работа, а нозеве ми се враќаат“ е честа реплика која ја слушаме од колегите што се обраќаат до ССНМ.

Подмолната вистина е дека всушност целта на моберот е исполнета. Третманот на „неработник“ постигнат преку маргинализација сега има и привид на реалност. Тогаш настапуваат казнувања, деградација на статусот или омилената „систематизација“ преку која се укинуваат или намалуваат работните позиции и заради „слабото“ работење на новинарот или медиумскиот работник тој бива отпуштен.

Ефектите на маргинализацијата и изолацијата се претставуваат како одговорност на самиот вработен  и моберот кој најчесто е на раководна позиција со тоа го објаснува отпуштањето.

Мобингот мора да се препознае

По дефиниција, но и по искуство класична жртва на мобинг е онаа која како популарно се вели „голта во себе“, на сметка на сопствената самодоверба и здравје.

Во моментот кога мобингот е препознаен следи и првата реакција  која најчесто е – вербална расправија. За жал таа без исклучок не завршува добро по новинарот или медиумскиот работник.

Нашата професија е изложена на брутално изживување и секојдневни притисоци од уредниците. Работиме под акутен стрес, а со страв да не добиеме отказ и да не ја изгубиме и онака недоволно високата плата, принудени сме да попуштаме, да прифаќаме цензура и да вметнуваме автоцензура во прилозите, што доволно говори на кое ниво стаса индивидуалната и колективната свест кај новинарите“, вели долгогодишен новинар .

Во природата на новинарот е да биде ослободен од страв и затоа мобингот во редакциите е многу поопасна форма на мобинг, во споредба со класичното малтретирање на работното место, присутно во другите професии“ вели тој додавајќи дека е несфатливо во една професија која почива врз принципите на толерантност и почит кон поинакво мислење некој да биде изложен на мобинг заради поинаков политички, синдикален или некој општествен став.

За многумина единственото решение да се стави крај на психичкото малтретирање е да се замине од редакцијата и да се бара работа во друг медиум. Всушност тоа е најчесто и целта на мобингот во редакциите.

Но, на  претесниот новинарски и слабо платен пазар, веќе нема многу простор за менување на работни места, па затоа новинарите и медиумските работници се принудени да останат таму каде што се дури и ако се изложени на мобинг.

Непоправливи штети по здравјето и професионалниот интегритет

Речиси секој ден имаше ситуации кога главниот уредник беше до таа мерка дрзок во односот, што дури и за најобични технички прашања во врска со работата, ме бркаше од канцеларија и ми викаше дека сум неспособна. Имаше денови кога ми се делеа многу задачи, и да сакав не можев да постигнам да ги сработам. Во неговиот однос кон мене се чувствуваше лична нетрпеливост која често се манифестираше со парични казни, а под изговор за некакви банални пропусти во работата “,  ни го раскажа своето искуство колешка која како последица од таквиот однос се соочила со сериозни здравствени проблеми.

Секое боледување ми се претвораше во пекол, поради неизвесност дали ќе останам на работа. Доживував големи стресови што ми се одрази врз здравствената состојба со трагичен крај, загуба на плодот“, вели таа.

Класични симптоми на изложеност на мобинг се психичка, но и физичка истоштеност:  хроничен умор, депресивност, анксиозност, несоница , срцебиење, висок притисок…

Искуството од претрпеното малтретирање новинарите и медиумските работници ги прави слаби, подложни на компромиси, исплашени повторно да не бидат изложени на истото мачење од кое еднаш се спасиле.

Од аспект на професијата последиците се: загубена лична и професионална самодоверба  која тешко се враќа дури и во ситуација на преминување на ново работно место. Искуството од претрпеното малтретирање новинарите и медиумските работници ги прави слаби, подложни на компромиси, исплашени повторно да не бидат изложени на истото мачење од кое еднаш се спасиле.

Законски санкциониран, пресуда само една

Според адвокатот Маја Ристова, од донесувањето на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место, мобинг, во мај 2013 година, како и од актуелизирањето на ова прашање од лица кои се занимаваат со оваа проблематика, тужбите за утврдување на мобинг се зголемуваат.

Не можам да кажам дека е голема храброста кај поединците и дека е голем бројот на иницираните тужбени барања, но денеска е за нијанса подобра ситуацијата од претходните години. Има започнати и тековни судски предмети по овој основ, но засега има само една првостепена и се уште неправосилна пресуда, каде е утврдено вознемирување на работното место од претпоставен кона колега или т.н. „вертикален мобинг”, вели Ристова.

Таа додава дека постојната законска регулатива во Македонија за мобингот не е доволна и не ја дава потребната заштита на жртвите кои се вознемирувани. На пример, може да се посочи вонсудската постапка, или постапка за посредување, која ја води лице-посредник вработено во компанијата.

Тука се доведува во прашање пристрасноста на целата постапка, прво затоа што тоа лице е вработено во истата компанија, а второ, затоа што обично на листата на посредници се наоѓаат лица кои се блиски на раководителите или управителите, кои, пак, најчесто се вршители на мобингот или истото дело од нив е делегирано. Освен ова, законската регулатива дава минимална заштита на жртвите кои ќе се осмелат да иницираат постапка за заштита од вознемирување на работното место“, појаснува Ристова и нагласува дека „има неколку причини кои ги обесхрабруваат жртвите да иницираат судски постапки. Тие се недовербата во правниот систем, стравот од дополнително вознемирување и – или губење на работното место, како и судските трошоци“.

 Помош и заштита при мобинг вработените можат да побараат кај синдикатите кои треба да ја имаат клучната улога и да арбитрираат меѓу жртвата и моберот, а ако треба и да обезбедат правна или друга стручна помош за лицето.

Ристова вели дека вознемирување има во секоја работна средина, независно дали е приватен или јавен сектор. А, за да се превенира,  вработените пред се треба да бидат едуцирани и да знаат што е мобинг, и да можат да го разликуваат од класичната повреда на работните права, како и од дискриминација на работно место.

Следниот чекор е обидот преку разговор, мирно, спогодбено и вонсудски да се реши настаната ситуација, како што предвидува и самиот Закон. Доколку истото не е  можно, правдата треба да се бара на суд. Најмногу од се, ги советувам жртвите и – или потенцијалните жртви, да бидат храбри, истрајни и да го кренат гласот против оваа болест на модерното општество“, препорачува Ристова.

Помош и заштита при мобинг вработените можат да побараат кај синдикатите кои треба да ја имаат клучната улога и да арбитрираат меѓу жртвата и моберот, а ако треба и да обезбедат правна или друга стручна помош за лицето.

Оваа анализа  е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на анализа  е единствена одговорност на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници  и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија“.