По повод 8 март

„Најреволуционерното нешто што некој може да го направи е гласно да говори за она што се случува“  Роза Луксембург. 

Денес, на 8 март, во екот на кампањата за обелоденување на праксата на сексуално малтретирање на жените во светот и акцијата #сегакажувам кај нас, која откри фрапантни примери на сексизам и во медиумите, ССНМ до своите колешки и колеги по повод меѓународниот Ден на правата на жената има само една порака – престанете да молчите, престанете да бидете дел на културата која го негува и овозможува секусалното насилство и родовата дискриминација.

ССНМ уште во 2013, исто така на 8 март, алармираше за сексуалното вознемирување во редакциите за кое се молчи. Системот на поддршка на сексистите и насилниците, системот на поддршка на родовата дискриминација  и во редакциите и во општеството е многу силен. Одмавнување со рака, вртење глава и премолчување или смеење е дел од тактиката која е дел од тој систем, но како новинари и новинарки ваше е да му се спротивставите.

ССНМ до своите колешки и колеги по повод меѓународниот Ден на правата на жената има само една порака – престанете да молчите, престанете да бидете дел на културата која го негува и овозможува секусалното насилство и родовата дискриминација

Не станува збор за тривијален проблем. Сексуалното, економското или финансиското злоставување имаат драматично влијание на личноста.  Во таа смисла ССНМ им дава безрезервна поддршка на сите жени во редакциите кои сметаат дека се дискриминирани само затоа што се жени или не добиваат третман рамноправен со мажите, а разликата е особено очигледна во платите или функциите.

Синдикатот со големо внимание ги следи  сите примери кои укажуваат и на дискриминација поради мајчинство и апелира на достоинствен и недискриминаторски третман кон бремените жени и родилките во редакциите.

Наша одговорност и обврска како синдикат е да им пружиме помош и да ги охрабриме колешките кои после 41 година од воспоставување на меѓународниот Ден кој е синоним на борбата за правата на жените се изложени на неправда. Новинарите имаат обврска не само да известуваат туку и да го менуваат светот!