Се што важи за оффлајн важи и за онлајн сферата

Како клучен аргумент во наивните повици за државно регулирање на онлајн медиумите често се наведува непочитувањето на авторските права, односно бесправното копирање на содржини од други домашни и странски веб-страници и објавување без дозвола на изворот.

Погрешна е перцепцијата во јавноста дека за онлајн медиумите не важи ниеден закон. Законите постојат, проблем е примената.

Евидентна е култура на неказнивост на престапите кај онлајн медиумите. Некогаш причината е инертноста не институциите, некогаш неразбирањето на оваа релативно нова сфера, анонимноста на ентитетите, а некогаш штетната заблуда дека за онлајн сферата не важат законите бидејќи дека онлајн медиумите не се „регулирани“ со медиумските закони.

Во суштина, сè што важи офлајн важи и онлајн. Битен е престапот, а не начинот и платформата каде е сторен.

Факт е дека во пракса, многу ретко се случува медиум или автор да тужи за неовластено преземање на авторска содржина. Причините за тоа може да се бараат во неинформираноста за правната рамка, недовербата во системот или пак поради непочитувањето на истата и од страна на оштетениот (!).

Почитувањето и примената на легислативата ќе придонесе кон зголемување на вредноста на авторската содржина и ќе ги стимулира авторите самостојно да креираат поквалитетен новинарски продукт коj се нуди под нормални пазарни услови. Примената на оваа легислатива е клучна за зголемување на квалитетот на онлајн информирањето преку консолидација на пазарот на онлајн медиумите со што ќе се направи разликата меѓу важните и лажните – меѓу оние што навистина создаваат содржина и тие што бесправно заработуваат од туѓ труд.