Скриените закани на лиценцирањето

Некои влади бараат лиценца за поединци да работат во медиуми, со образложение дека тоа ќе обезбеди нивен интегритет. Во повеќето случаи, таквото лиценцирање се користи како политичка алатка на владите да потиснат алтернативни, критички или спротивставени гласови.

Во некои држави е неопходно лицата кои сакаат да работат во медиуми, особено новинарите, да добијат официјална дозвола пред да започнат со работа.

Моќта на лиценцирањето може да стане политичка алатка, која се користи за да се спречи објавувањето на критичките или независните новинари

Понекогаш, лиценца или дозвола е потребна, Во други случаи, на новинарите може да им се забрани да работат во професијата поради условот за членство во професионална организација, кое може да биде одбиено. Бидејќи нивниот практичен ефект е ист, таквите услови ги нарекуваме со заедничко име „шеми за лиценцирање“.

Привидната цел на шемите за лиценцирање е обично да обезбеди дека задачата на информирање на јавноста е резервирана за компетентни лица со висок морален интегритет.

Во пракса, меѓутоа, моќта на лиценцирањето може да стане политичка алатка, која се користи за да се спречи објавувањето на критичките или независните новинари. Од таа причина, и едноставно поради тоа што правото на лично изразување преку масовните медиуми му припаѓа на секој, независно од квалификациите или моралните вредности, шемите за лиценцирање за медиумските работници се сметаа за повреда на правото на слобода на изразување.

Важен извор на правно толкување на шемите за лиценцирање е мислењето на Меѓуамериканскиот суд за човекови права од 1985 година. Во конкретниот предмет беше утврдено дека лиценцирањето претставува ограничување на слободата на изразување. Костарика и нејзините поддржувачки тврдеа дека условот за новинарите да станат членови на “colegio” (здружение) е легитимен од три различни причини: прво, бидејќи е неопходно за јавниот ред и „нормалниот“ начин да се регулира професијата во многу држави; второ, бидејќи со тоа се промовираат повисоки професионални и етички стандарди кои би биле од корист за целото општество и кои би го обезбедиле правото на јавноста да добие целосни и точни информации; и, трето, бидејќи шемите за лиценцирање ќе ја гарантираат независноста на новинарите во однос на нивните работодавци.

Анализирајќи го првиот аргумент, Меѓуамериканскиот суд за човекови права забележа дека професионалното организирање, вклучувајќи и на новинарите, преку здруженија, може да помогне во развојот на еден кохерентен систем на вредности и принципи, како и да придонесе кон јавниот ред, во широка смисла на значењето на тој израз. Меѓутоа, тој исто така забележа дека истиот концепт на јавен ред би имал многу поголема корист од почитувањето на слободата на изразување:

Слободата на изразување претставува примарен и основен елемент на јавниот ред на едно демократско општество, кое не може да се замисли без слободна дебата и можност да се слушнат различни мислења … во интерес на демократскиот јавен ред е совесно да се почитува … правото на секој поединец слободно да се изрази и правото на општеството во целина да биде информирано.

Оттука, Меѓуамериканскиот суд за човекови права одлучи дека лиценцирањето, преку ограничување на пристапот до новинарската професија, е штетно за, повеќе отколку во корист на, јавниот ред.

Како одговор на тврдењето дека режимот на лиценцирање е едноставно „нормален начин“ да се регулираат одредени професии, Меѓуамериканскиот суд за човекови права направи разлика помеѓу новинарството и, на пример, примената на правото или медицината. Спротивно на адвокатите и лекарите, активностите на новинарите – барањето, добивањето и споделувањето на информации и идеи – конкретно се заштитени како човеково право, името правото на слобода на изразување.

Меѓуамериканскиот суд за човекови права исто така го отфрли аргументот дека шемите за лиценцирање се неопходни за да се обезбеди правото на јавноста да биде информирана, преку селекција на новинарите. Меѓуамериканскиот суд за човекови права сметаше дека таквиот систем конечно ќе се покаже како контрапродуктивен:

Општата добросостојба изискува најголем можен степен на информирање, и само целосната примена на правото на слобода на изразување може да е од корист за општата добросостојба … систем кој го контролира правото на изразување и точноста и вистинитоста на информациите кои ги добива општеството може да биде извор на злоупотреба и, конечно, повреда на правото на информирање на истото општество.

Во однос пак на аргументот дека шемата за лиценцирање ќе ја зајакне професијата и со тоа ќе ги заштити медиумските работници од нивните работодавци, Меѓуамериканскиот суд за човекови права одлучи дека оваа цел може да се постигне преку помалку интрузивни мерки, без потребата да се ограничи практикувањето на новинарството на ограничена група. Така, шемата за лиценцирање не го исполни неопходниот тест.

Отфрлајќи ги трите главни аргументи во корист на шемата за лиценцирање за новинари-поединци, Меѓуамериканскиот суд за човекови права заклучи, едногласно, дека таквите шеми претставуваат повреда на правото на слобода на изразување.

Други судови, национални и меѓународни, биле на слично мислење. На пример, во август 1997 година, Високиот суд на Замбија го оневозможи обидот за воспоставување на законско тело за регулирање на новинарите, наведувајќи дека каков било обид за лиценцирање на новинарите би значел повреда на правото на слобода на изразување, независно од формата на таквиот обид.

Трите специјални мандати за заштита на слободата на изразувањето  Специјалниот известувач на ОН за слобода на мислење и изразуање, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и Специјалниот известувач на ОАС за слобода на изразување – секоја година усвојуваат Заедничка декларација во која се утврдуваат стандардите во однос на важни прашања поврзани со слободата на изразување. Во нивната декларација од 2004 година, тие наведуваат: „Од новинарите не треба да се бара да се лиценцираат или регистрираат“.

Така, јасно е дека, според меѓународното право, лиценцирањето па дури и регистрацијата на медиумските работници е забрането. Во пракса, шемите за лиценцирање на новинари се во суштина нечуени во јаките демократии.

ДРУГИ ПОТРЕБНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ УСЛОВИ

Во некои држави постојат и други услови за примена на професијата во медиумите, како што е условот за одредена возраст, одредени академски квалификации или новинарот да не е кривично осудуван.

Ваквите услови се разликуваат од шемите за лиценцирање во тоа што не вклучуваат официјално тело кое одлучува за тоа кој може и не може да практикува новинарство. Сепак, условите за влез во професијата се неконзистентни со меѓународното право од истите причини: тие не признаваат дека правото на слободно изразување преку масовните медиуми им припаѓа на сите, не само на лица кои владата ги смета за посебно квалификувани или подобни. Тие исто така ја лишуваат општата јавност од правото на примање информации и идеи од различни извори по сопствен избор.

Покрај тоа, практичната ефективност на условите како начин на обезбеување квалитетно новинарство е сомнителна. Тие може да спречат талентирани млади луѓе кои не ја достигнале возрасната граница да ги развијат своите вештини на истражување и пишување, или да одвратат компетентни новинари кои немаат диплома на сметка на академици без вештини.

Меѓуамериканската комисија за човекови права објави Декларација со која се осудува еден конретен услов за влез во професијата:

Секое лице има право да го изразува своето мислење на кој било начин и во која било форма. Задолжителното членство или условот за универзитетска диплома за практикување на новинарството преставува незаконско ограничување на слободата на изразување.

Трите специјални мандати за слобода на изразување на ОАС, ОН и ОБСЕ истакнуваат: „Не смее да постои законско ограничување за тоа кој смее да практикува новинарство.“

ЗАБРАНА ЗА ВРШЕЊЕ НА ПРОФЕСИЈАТА

Во мал број држави, законот предвидува можност за привремено, или дури и трајно, лишување на одредено лице од правото да практикува новинарство или друга медиумска професија.

Доколку власта применува вакво овластување, тоа во дејство е еднакво на шема на лиценцирање, па поради тоа на сличен начин недозволиво според меѓународното право. Најчесто, сепак, таквото овластување се применува од страна на судовите како санкција во кривична постапка. На пример, во 1997 година, на одреден број киргистански новинари им беше забрането да практикуваат новинарство 18 месеци, дел од пресудата за клевета врз директорот на државна компанија за ископување злато.

Меѓународните судови ретко кога дале осврт на прашање то дали забрана на новинар, наметната како кривична санкција, некогаш може да биде оправдано ограничување на слободата на изразување. Предметот Де Бекер против Белгија, во кој одлучуваше Меѓуамериканскиот суд за човекови права, покажува дека казна од таков вид може да се примени само во исклучителни околности, доколку такви постојат.

Де Бекер, белгиски новинар и писател, беше осуден на смрт за соработка со германските власти за време на Втората светска војна. Пресудата беше преиначена и де Бекер беше ослободен, но му беше изречена доживотна забрана за работа во весник. Меѓуамериканскиот суд за човекови права пресуди дека Белгија го повредила правото на слобода на изразување, бидејќи забраната била наметната без флексибилност, без одредба за олеснување во иднина кога повторно би се воспоставил јавниот морал и ред. Оттука, таквата одлука не била „неопходна во едно демокатско општетсво“, како што се бара со трипартитивниот тест за ограничување на слободата на изразување.

Иако Меѓуамериканскиот суд за човекови права не ја исклучи можноста за забрана на лице да работи во издавачка дејност, тој јасно им даде значење на екстремните околности на тој конкретен предмет – Белгија само што излегуваше од петгодишна војна и окупација, во текот на која де Бекер извршил предавство – и сметаше дека забраната треба да биде укината венаш штом одново се воспостави одредено ниво на нормалност.

Во денешниот помирен свет, многу е неверојатно меѓународен суд да поддржи забрана за практикување на новинарство, особено за помалку сериозни прекршоци како што се клевета или избегнување данок. Треба да се тргне од претпоставката дека забраната на новинарите да работат во издаваштво претставува повреда на меѓународното право.

СЛОБОДА НА ЗДРУЖУВАЊЕ

Многу новинари можеби и навистина би сакале доброволно да се приклучат кон професионално здружение, или да основаат нови групи помеѓу себе. Правото на формирање здруженија и синдикати е препознаено како одделно човеково право според главните меѓународни инструменти за човекови права, вклучувајќи ги УДХР и ИЦЦПР, со што се гарантира слободата на здружување во Член 22: „Секој има право на слобода на здружување, вклучувајќи го и правото да формира и да се приклучува кон синдикати за заштита на неговите интереси.“

Правото на слобода на здружување е предмет на слични ограничувања како и правото на слобода на изразување. Секое мешање во тоа право, затоа, мора да помине низ строгиот трипартитивен тест. Владина политика која го забранува воспоставувањето на независни новинарски организации практично никогаш нема да го помине овој тест.

Новинарските здруженија може да играат корисна улога во подобрувањето на работните услови на медиумските работници. Тие исто така може да помогнат во подигањето на професионалните и етичките стандарди, на пример преку органзирање обуки и развој на доброволни кодекси на однесување.

ПРАВОТО НА СОБИРАЊЕ ВЕСТИ И ШЕМИ НА АКРЕДИТАЦИЈА

Собирањето информации е очигледно од основно значење за медиумите, и националните судови често потврдиле дека активноста на собирање информации е заштитена со правото на слобода на изразување кое го вклучува правото „да се бараат и добиваат“ информации и идеи.

На пример, јапонскиот Врховен суд истакнува:

Се подразбира дека слободата да се известуваат факти, заедно со слободата да се изразуваат идеи, е вкоренета во гаранциите на Член 21 [од Уставот] …., кој пропишува слобода на изразување. Покрај тоа, за содржината на известувањата во масовните медиуми да биде точна, слободата на собирање информации за целите на информирање, како и слободата на известување, мора соодветно да се почитува…

Државите вообичаено наметнуваат некои ограничувања на правото на новинарите да собираат информации, како што се забрана за влез во чувствителни воени или цивилни инсталации, или забрана за присуство на одредени судски процеси. Како и сите ограничувања на слободата на изразување, ограничувањата на собирањето информации моа да се во согласност со трипартитивниот тест.

Чест извор на конфликт во однос на собирањето информации е правото на новинарите да добијат физички пристап до владини објекти. Од една страна, на медиумите мора да им биде дозволено да присуствуваат на собраниски седници и состаноци на други јавни тела за да можат точно да известуваат за политичките случувања и да ја извршат нивната витална улога на чувари на јавниот интерес.

За да се спречи преголема гужва во галеријата за прес, поголемите институции како националниот парламент често го регулираат пристапот преку шема на акредитација. Вообичаено, тоа значи дека новинарите може да аплицираат за прес карта, која мора да се покаже на влез во оние денови кога публиката го надминува предвидениот број на седишта. Помалите тела или користат сличен систем, или воведуваат ограничувања во зависност од случајот. Имателите на прес карти понекогаш добиваат одредени привилегии, како што се пристап до средства за комуникација или седишта во прв ред. Во Велика Британија, на пример, така наречените „лоби известувачи“ имаат пристап до целосно опремена просторија, со компјутер и пристап до интернет.

Додека шемите на акредитација може да бидат вистински неопходни, тие се исто така и чест извор на злоупотреба. Владите често одбиваат да дадат прес карти на критички новинари, или бараат такви карти во ситуации кога не постојат автентични просторни или други ограничувања. За да дадат осврт на овој проблем, различни меѓународни тела развиле стандарди кои држави шеми на акредитација мора да ги исполнат.

УНХРЦ истакнува дека ‘тестот за неопходност’ значи дека процедурата за акредитација не треба да биде подложна на политичко мешање и треба во најмала можна мерка да го попречува правото на собирање информации. Понатаму, бројот на акредитирани новинари на кој им е дозволено присуство на одреден настан може да се ограничи само кога постојат видливи проблеми во врска со дозволувањето влез на сите заинтересирани. Конкретно, УНХРЦ истакнува:

Нивната примена мора да се покаже како неопходна и пропорционална на целта во прашања, и не смее да биде произволна … Релевантните критериуми за шемата на акредитација треба да бидат конкретни, правични и разумни, и нивната примена треба да биде транспарентна.

Специјалните мендати на ОН, ОБСЕ и ОАС ги повторуваат истите поенти и ги дополнуваат:

Шемите на акредитација за новинари се соодветни само кога е неопходно да им се обезбеди привилегиран пристап до одредени места и/или настани; таквите шеми треба да бидат надгледувани од страна на независно тело и одлуките за акредитација треба да се носат во согласност со фер и транспарентен процес, врз основа на однапред објавени јасни и недискиминирачки критериуми. Акредитацијата никогаш не треба да биде предмет на повлекување врз основа на содржината на работата на поединечен новинар.

ОБСЕ на сличен начин истакна дека новинарите не треба да ги губат своите акредитации врз основа на содржината на нивните текстови:

Имајќи на ум дека легитимното вршење на професионалната новинарска работа нема да ги направи подложни на исклучување или друга казна, [земјите членки] ќе се воздржуваат од преземање рестриктивни мерки како што се повлекување на акредитација на новинари или нивно исклучување поради содржината на известувањето на новинарот или неговиот информативен медиум.

Како резиме на овие точки, за да биде во согласност со меѓународните стандарди, шемата на акредитација мора, најмалку:

  1. Да биде спроведена од тело кое е независно од владата и следи транспаретна постапка
  2. Да се темели на конретни, недискриминирачки и разумни критериуми кои се однапред објавени
  3. Да се применува само до степенот кој е оправдан со реални просторни ограничувања
  4. Да не дозволува повлекување на акредитација врз основа на работата на новинарот или неговиот медиум.

Извор