Средба на новинари и медиумски работници од Југо-источниот регион

Безбедноста на новинарите и медиумските работници при извршување на работните задачи и работничките права во медиумите беа тема на дискусија на средбата која во четвртокот се одржа во Струмица.

Средбата беше дел од проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија“ поддржана од Балканскиот труст за демократија, спроведуван од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија.

Присутните новинари и медиумски работници од регионот и од Велес разговараа за безбедноста на новинарите во извршувањето на нивните секојдневни задачи и притоа беше констатирано дека на подрачјето кое го опфаќа овој регионален центар не се забележани посериозни инциденти или напади на новинарите, а нападите преку социјалните мрежи се минимални и нема закани по безбедноста на колегите и колешките. Притоа беше заеднички заклучено доколку се случи напад на новинар задолжително истиот да биде пријавен во полицијата лично за да може понатаму да се процесуира.

„Од големо значење е Собранието што побрзо да ги донесе законските измени со кои новинарите добиваат статус на службено лице во извршување на задачите, бидејќи со тоа се очекува генерално да се зголеми безбедноста на новинарите за да можат што поквалитетно да ја вршат својата работа“, беше заклучено на средбата.

Новинарките од овој регион констатираа дека досега нема обиди за посериозно загрозување на нивната безбедност, но предупредија дека треба да се подобри нивниот статус во редакциите, посебно на дописничките и да им се овозможат подобри услови за работа.

На средбата беше опфатен и делот за работничките права во медумите како и за условите за работа, при што беше констатирано дека во оваа област има уште многу работи за подобрување, особено во делот на платите, како и во почитувањето на основните работнички права.

Сподели:

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn