Борбата против лажните вести е строго поврзана со враќањето на достоинството и кредибилитетот на новинарската професија и на медиумите. Таа е повеќеслојна, комплицирана и долготрајна и не може да се разгледува само од еден аспект, како што е на пример одвојувањето на професионалните од непрофесионалните новинари преку своевидно акредитирање, туку треба да се води на повеќе фронтови одеднаш. Ова се дел од заклучоците од денешната (10.10.2019) дебата „Професионална поставеност на новинарската професија – предизвици и компаративни искуства“ организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Македонски институт за медиуми – МИМ / Macedonian Institute for Media – MIM Институт За Комуникациски Студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажни вести“, поддржан од Европската Унија.
На дебатата беа разгледани компаративни искуства поврзани со регулирање или саморегулирање на новинарската професија при што беше речиси едногласно заклучено дека каква било форма на лиценцирање на новинарите не смее ниту да се разгледува. За акредитирањето на професионалните новинари од страна на независни невладини професионални здруженија како едно од искуствата во Западно европските и скандинавските земји беше речено дека можеби заслужува внимание, но дека во овој контекст и услови за работа во медиумската сфера е прерано да се имплементира.
Излагања на дебатата имаа в.д. претседателот на ССНМ, Ѕвездан Георгиевски кој истакна дека новинарството се наоѓа во фаза на самоуништување, полно е со спинови, дезинформации, полувистини, дури и целосни лаги, и во тој квантум на несигурни вести читателот многу тешко може да препознае квалитетно новинарство или кредибилни медиуми.
Претседателот на здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, пак, смета дека проблемот со напливот на дезинформации и рушењето на стандардите на професијата не може да се реши со едноставни решенија.
„Проблемот на создавањето лажни вести и рушењето на стандардите во професијата во многу нешта во изминатиот период, освен што беше проблематичен што новинарството загуби дел од својот кредибилитет, тоа се случуваше и поради тоа што политичарите се обидоа и наметнаа критериуми и услови за работа на медиумите во кои тие не можеа да функционираат така како што треба, и почнаа да се рушат стандардите на професијата“, рече Чадиковски.
Министерот без ресор, одговорен за транспарентност, отчетност и комуникации во македонската влада, Роберт Поповски се согласи дека треба да се разгледуваат сите опции за подобрување на состојбата со кредибилитетот на новинарството, но истакна дека е многу тешко да се дефинира кој може, а кој не може да биде новинар.
„Дебати треба да има, но ризично е некому да кажете дали смее или не смее да биде новинар, бидејќи тоа може да се сфати како многу сериозно ограничување“, рече Поповски.
Лиценцирањето на новинари беше споменато во контекст на тоа дека во изминативе месеци беше дел од јавниот дискурс во Македонија, но учесниците на оваа дебата речиси едногласно го отфрлија ваквото решение, кое е карактеристично за недемократски, авторитарни држави.
Катерина Синадиновска, претседател на Советот за етика во медиумите во Македонија рече дека засега повеќето напори треба да се насочат кон саморегулација на медиумите и сите алатки и можности кои ни стојат на располагање во таа сфера.
„Лиценцирањето секако е недозволиво и опасно, но своевидно акредитирање на професионалните новинари заслужува внимание и треба да се разгледа, иако мислам дека засега, во овие услови и оваа поставеност на медиумската и новинарската сфера, прерано е да се зборува или имплементира такво нешто“, рече Синадиновска.