Според заклучокот од координативната средба на младинската секција на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, канцеларија на ССНМ брзо прејде во исполнување на обврските околу организација на обука која на нашите колеги ќе им помогне во професионалниот развој, и вчера го одржа првиот од низата тренинзи.
ВО КЦ Јадро во Скопје колегите М-р Билјана Жеревска и Срѓан Ивановиќ одржаа предавање од областа Вештини на јавниот настап во медиумите на која присуствуваа триесетина новинари и медиумски работници од различна возраст и профили. Тие имаа можност да се потсетат на основите од работата во медиумите, но и да ги проследат новитетите што се практикуваат во најпознатите светски ТВ куќи, во поткастите, радио емисиите и во другите форми на видео и аудио изработки.

Жеревска и Ивановиќ со четиричасовната презентација во која беа вклучени научни трудови, анализи, примери, извадоци и вежби одново, како што тоа беше и во декември го задржаа вниманието на пријавените и присустните на обуката, за што најдобро говори аплаузот кој им беше наменет на крајот од обуката за Вештини на јавниот настап во медиумите.
Следната среда, на 22 март 2023 година, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на истото место во КЦ Јадро во Скопје организира нова обука со тема “Медиумска писменост: опасност од дезинформации во медиумите и на социјалните мрежи”.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Синдикатите за правично закрепнување“ спроведуван во партнерство со Европската федерација на новинари, а поддржан од Европската програма за вработување и социјални иновации “EASI” 2014-2021.
