Новинарите на НоваТВ се првите меѓу дигиталните медиуми кои колективно станаа членови на ССНМ. На состанокот што беше одржан во просториите на Нова ТВ, меѓу претставници на ССНМ и менаџментот, како и со вработените беше разговарано за активностите на ССНМ, и потребата по синдикално организирање во интернет порталите.
Во услови кога традиционалните медиуми изумираат и новинарството се пренесува на дигиталните платформи, синдикалното организирање преставува огромен предизвик за ССНМ. Имено, овие медиуми имаат мал број на вработени лица, а поголемиот дел имаат дури по еден до двајца вработени, нивниот работен статус е недефиниран и тенка е линијата помеѓу сопственикот, уредникот и новинарот. Сепак во услови кога ги има во се поголем број, должност е на синдикатот да се прилагоди на новата реалност.
На средбата, беше разговарано и за важноста и значењето на медиумите како општествено одговорни компании, почитувањето на новинарските стандарди, работничките права и минималните критериуми кои треба да ги задоволуваат дигиталните медиуми. Од страна на НОВАТВ е поддржана иницијативата на ССНМ, ЗНМ и СЕММ за саморегулација на порталите и воспоставување на минимални критериуми за препознавање на интернет порталоте како медиуми како што се: објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот, прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите и регистрација на правен субјект во Македонија.
По средбата новинарите на НОВАТВ потпишаа пристапници за членство во ССНМ и назначија синдикален преставник кој ќе преставува вокална точка помеѓу синдикатот и вработените новинари во овој медиум.