Одржан вебинар на тема „Психолошката состојба на новинарите по известувањето од кризи“

Датум

Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) во четврток, 11 ноември, одржа вебинар на тема „Психолошката состојба на новинарите по известувањето од кризи“ на кои присуствува 20 новинари и медиумски работници. За известување при кризи, соочување и справување со психолошки последници зборуваше новинарката Лепа Џундева од Телевизија 24.

Џундева го сподели своето искуство од работата како дописничка од бегалската криза во 2015 и 2016 година и како известувањето од јужната граница, при такви услови влијаело врз нејзиното секојдневие и менталното здравје.

„Има една слика што можеби никогаш нема да ја заборавам, можеби затоа што никогаш не можам да си простам самата. Близу до мене стоеше еден татко со мало бебе на кое му се слоши и почна да губи воздух. Таткото бараше помош, но немаше никој околу освен мене. Јас го фрлив микрофонот, бидејќи во тие моменти забораваш дека си новинар, затоа што пред сè си човек и почнав наоколу да барам помош, пробував да го „вратам“ со вода и во тој момент дојде некој од екипите на Црвен Крст. Не знам што се случи, и иако ги барав со денови, бебето и неговиот татко не можев да ги најдам“, раскажа новинарката Џундева.

Таа додаде дека долг период тешко се справувала со последиците од трауматичните настани и додаде дека тие оставиле траен белег врз неа.

Доктор Ана Блажева, дипломиран психолог и сертифициран психотерапевт, пак, зборуваше за тоа како новинарите и медиумските работници да препознаат симптоми на прегорување, пост-трауматски стрес и анксиозно растројство, кои честопати настануваат поради известување од кризи.

„Кога зборуваме за криза, зборуваме за период кој е поврзан со настан во кој личноста се соочува со предизвик, нарушена е рамнотежата и постоечките капацитети и механизми за справување не се доволни. Примерот што го наведе Лепа, кога дошла на границата со црвените чевли и шокот кој го доживеала и потешкотиите со справување со исиот е токму тоа“, нагласи Блажева.

Блажева зборуваше за тоа како медиумските работници самите да си помогнат при стрестни и трауматски настани, но нагласи дека професионалната помош треба секогаш да биде опција кога другите механизми не функционираат.
Овој вебинар ССНМ го организира во рамки на проектот „Дигитално организирање на ЦИЕ“ во партнерство со Union to Union, Меѓународната Федерација на новинари (IFJ) и Шведските Синдикати на новинари.

Останати
објави

Сподели на...