Одржан вебинар на тема „Стереотипи и предрасуди – нивно зацврстување преку медиумите“

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) одржа вебинар на тема „Стереотипи и предрасуди – нивно зацврстување преку медиумите“, на кој присуствуваа околу 20 новинари, медиумски работници и претставници од невладиониот сектор.

Христана Ѓорѓиевска, новинарка од „Види Вака“, зборуваше за тоа како да се известува за маргинализираните групи и на што треба да внимаваат новинарите кога пишуваат на овие теми.

„Кога се известува за маргинализираните групи, потребно е новинарот да знае кој е терминот со којшто треба да ја означи заедницата, бидејќи зборовите имаат многу важна улога во истражувањето“ – нагласи Ѓеоргиевска.

Таа кажа дека е од голема важност да не се приоѓа со предрасуди, стереотипи или погрешни информации кон припадниците на различните заедници, затоа што недостигот од информации резултира со неточно и необјективно информирање.

На вебинарот, младата истражувачка од „Коалиција Маргини“, Мања Величковска презентираше дел од „Анализа на медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство“.

„Моралната паника придонесе кон парцијално прикажување на нивните проблеми, а Предлог-законот за матична евиденција, кој требаше да им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, е повлечен од дневен ред во Собранието, покажуваат податоците од анализата“ – потенцираше Величковска.

Овој вебинар ССНМ го организира во рамки на проектот „Дигитално организирање на ЦИЕ“ во партнерство со Union to Union, Меѓународната Федерација на новинари (IFJ) и Шведските Синдикати на новинари.

Останати
објави

Сподели на...