Потребни се измени на законот за подобрување на пристапот до информации од јавен карактер, е заклучокот од дебатата на оваа тема, како и од искуствата на новинарите
Маја Јовановска
Христина Беловска
Долгите процедури и неквалитетните одговори кои ги добиваат од институциите ги одвраќаат новинарите да бараат информации формално. Најчесто одлучуваат информациите да ги добијат по “скратен пат”, преку свои извори. Жалбената постапка која се води пред Агенцијата, а која на крај завршува во Управниот суд е исцрпувачка и по поминување на сите законски рокови станува бесмислена.
Темата во медиумите застарела и е неатрактивна, а одлука во корист на новинарите кои тужеле до Управниот суд на крај се сведува на морална сатисфакција. По критиките и искуствата кои новинарите ги споделија на онлајн дебатата „Слободен пристап до информации од јавен карактер во време на Ковид-19“ организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамки на проектот финансиран од ЕУ – Писменост за вести и дигитална писмесност – справување со лажни вести“, може да се заклучи дека најефикасен начин за одржување на транспарентноста “во форма” ќе бидат законски измени.
Новинарите предлагаат измени со цел да се скусат роковите кои ќе се однесуваат само на медиумските барања за пристап до информации од јавен карактер и од предвидените 20, да се одговори за максимални 10-15 дена. Се разгледува оваа можност, но и предлогот за зголемување на прекршочните санкции, кои се движат од 250-500 евра по различни основи. Слух за овие барања има од страна на директорката на Агенцијата, но засега конкретни чекори не се најавени. До следните законски измени, на новинарите кои употребуваат јавни информации и се служат со нив во истражувањата им останува и по усмен пат да ги бараат податоците, по што институциите имаат обврска да дадат одговор веднаш, или најдоцна за пет дена.
Владата месец и половина нема објавено ниту еден записник од одржаните седници. Последниот записник на нејзината интернет страница е од седницата одржана на 14 септември. Оттогаш наваму јавноста нема детали за точките на дневен ред на 11 изминати седници. На веб сајтот се објавуваат само куси соопштенија со одлуки кои Владата одлучила дека се важни да ги обелодени, а не целите соопштенија со сите детали како течела владината седница.
Ако, пак, ја отворите секцијата “Отворена влада” на истиот интернет портал каде пишува „Работиме на трансформација на Владата и институциите, од затворени, во отворени и отчетни, а државната администрација ја професионализираме и департизираме“ ќе можете да ја прочитате последна објавена статија од 23 декември минатата година. Податоците одамна не се ажурирани, па наместо платите на актуелните министри, ќе можете да ги најдете на некои веќе поранешни како Кочо Анѓушев или Дамјан Манчевски.
Кога новинар од Владата побара список на посебни советници на премиерот, вицепремиерите и министрите, дел од нив одговорија за два до три дена, а дел посочија дека тие информации треба да се побараат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тоа значи дека информациите нема да ги достават веднаш, бидејќи овој Закон им дозволува податоците да ги дадат во рок од 20 дена или пак, да решат воопшто да не ги споделат бараните информации.
По објавената сторија за намалената транспарентност на Владата, владиниот кабинет донесе одлука и ги задолжи сите министри и премиерот јавно да ги објават имињата на посебните советници.
Според последното истражување за „Индексот на активна транспарентност 2020“ на Центарот за граѓански комуникации најголем дел од институциите во земјава не го почитуваат законскиот рок од 20 дена за одговор на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Многу често сум имала проблеми кога сум барала информации согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, вели новинарката Менче Точи.
„Најчесто се чека да помине цел месец, односно на крај на истекот на рокот да ми се одговори. Такво последно искуство имав со Фондот за здравствено осигурување, а исто така и со Генералниот секретаријат на Владата, од каде по долго чекање добивав небулозни одговори. Тоа беше случајот со владин функционер, за чија биографија во Владата сметаа дека е негова лична работа и не треба да jа засега јавноста“, изјави Точи.
Пандемијата со ковид-19 уште повеќе ја намали транспарентноста на институциите и го ограничи пристапот до информации од јавен карактер. Ова беше заклучокот на дебатата организирана од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на тема „Пристап до информации од јавен карактер во време на пандемија“.
Тамара Чаусидис од БИРН истакна дека транспарентноста која отсекогаш е на килави нозе сега е ставена ад акта, со образложение дека, референтите кои во институциите се задолжени за давање на информации од јавен карактер, работат од дома и не се во можност да ги достават информациите.
„Префрлувањето на одговорност за да се одбегне давање на информации од јавен карактер доби уште еден аргумент, а тоа е пандемијата. Луѓето задолжени за давање на тие информации се брана, за да не ја добиете информацијата. Тешко е таа брана да се пробие. Новинарите, невладините организации, граѓаните креваат раце бидејќи губат време при упатување на други институции или добивање на бесмислени одговори. Проблемот со транспарентноста е голем бидејќи се нема таква волја, администрацијата оневозможува пристап до информации. Во оној момент кога ќе го добијат барањето, размислуваат како да ве одбијат,“ вели Чаусидис.
Концептот на слободен пристап до информации предвидува двонасочен процес. Граѓаните да побараат и да добијат детали од државните институции, со што вршат контрола на нивната работа, особено во делот на финансиите. Од друга страна, институциите кои се иматели на информации од јавен карактер преку информирањето ги извршуваат обврските на транспарентност и отчетност.
Меѓутоа, едно е на хартија, а друго во пракса. За многумина овој закон е и најдолгиот пат кој треба да се изоди за да се стигне до информациите, токму поради административните процедури, зад кои се кријат оние од кои се побарани податоците.
„Еден таков пример е искуството кое го имаме со Агенцијата за лекови и медицински средства, МАЛМЕД, од каде побаравме да ни дадат поголем обем на документација за одобренија издадени од страна на институцијата. Повеќе од два месеци се обидуваме да ги добиеме овие документи. Од МАЛМЕД ни дадоа низа изговори зошто не може да ни ги дадат. Сега сме во фаза на жалбена постапка преку Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер“, вели Давид Илиески од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Правото на слободен пристап до информации е загарантирано во највисокиот правен акт- Уставот. Главната материја со која се уредени обврските и правата со информации од јавен карактер е Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Според последниот Извештај на Агенцијата во 2019-та година во Македонија се регистирани 1257 иматели на јавен карактер. Тука влегуваат 21 државна институција, Судска власт, Општините, Јавни претпријатија(комунални, радиодифузна дејност), Јавни установи(Институти, библиотеки, театри,студентски домови), здравствени установи, образовни институции, Комори и акционерски друштва. Од 2019 иматели на информации станаа и политичките партии.
Токму транспарентноста на политичките партии новинарите ја посочија како голем проблем, бидејќи се однесува само на делот на финансирањето на партиите и во ниту еден друг сегмент.
„Политичките партии се сива зона за новинарите. Имаат назначено лица за контакт за слободен пристап до информации, но ние како новинари не знаеме кои се информациите кои се обврзани да ни ги дадат,“ рече Маја Јовановска од ИРЛ.
Кога јавниот интерес не е оправдан , а кога институциите ги злоупотребуваат исклучоците?
Во остварување на правото на пристап до информации јавниот интерес е оправдан кога се открива: злоупотреба на службена положба, противправно стекнување и трошење на државни пари, потенцијален судир на интереси,спречување на закани по живот, загрозување на животната средина,еднаков третман на граѓаните.
И покрај обврската да се споделат информации, сепак Законот предвидува и исклучоци. Се работи за информации со одреден степен на тајност, или кога информацијата е класифицирана, кога станува збор за евентуална повреда на лични податоци, повреда на доверливоста на даночната постапка, загрозување на правото на интелектуална сопственост. Кога постои опасност од повреда на овие права во институцијата задолжително се прави тест на штетност, со кој се проверуваат последиците врз интересот кој се заштитува.
Многу често овој „тест на штетност“ се злоупотребува и граѓаните остануваат без одговор, не можејќи да докажат што точно е доверливо во бараната информација, a што не е.
Новинарот Васко Маглешов од БИРН посочи на конкретни примери кога од Обвинителство или суд се бара да се одговори за датумот кога е отворена истрага, или пак податоци кои не спаѓаат во категоријата класифицирани.
„Истрагата е тајна, но мора да се разграничи што е навистина тајно, а што може да се сподели. Датум на отворена постапка, или на пример решенија за притвор од јавна седница не може да бидат тајни. Таа информација не штети на постапката, но правосудните органи не ја даваат бидејќи се повикуваат на тој член 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и тука завршува потрагата“, вели Маглешов.
Институциите различно ги третираат информациите во зависност од тоа дали во прашањето е напоменато дека се работи за барање до пристап до информации од јавен карактер или пак се бара друг податок, вели Тони Ангеловски, портпарол во МВР.
„За другите институции не можам да кажам како одговараат и како функционираат, меѓутоа сите прашања кои пристигнуваат во МВР вообичаено имаат нагласок, дали се работи за барање до пристап или прашање за кое новинарите не се повикуваат на законски рокови за одговор. Многу често одговорите се испраќани веднаш, затоа што се работи за прашања поставени устно“, вели Ангеловски.
Законот предвидува 20 дена рок за одговор на имателите на информации, со можност за продолжување уште 10 дена, доколку на имателот му се потребни да одговори. Во случај да се одбие барањето се пишува решение со образложение зошто е одбиено. Ако нема решение, се смета дека институцијата го одбива барањето и на барателот му останува можноста да напише жалба до Агенцијата. Рокот кој го има на располагање е 15 дена, исто толку време има и Агенцијата за да одлучи. Доколку одлуката не е во корист на барателот тогаш има право на управен спор кој се покренува во надлежниот Управен суд.
Новинарот Тео Блажевски од информативната агенција МЕТА предлага прилагодување на роковите и издвојување на новинарските барања од оние на граѓаните, со оглед на фактот дека на медиумите им се потребни квалитетни, но и брзи информации.
“Да се размисли за степенест рок. На пример, ако граѓанин е барател на информација би можело да остане истиот рок од 20 дена, бидејќи најчесто се работи за обемни информации за кои институциите дека немаат доволно вработени за да постигнат да ги одговорат. Но, кога се новинарски барања во прашање, тој рок да биде скратен. Дополнително да се размисли и за зголемување на висината на казните, бидејќи гледаме некоја тенденција на законски намалувања на прекршочни одредби, што е контрапродуктивно“, вели Блажевски.
Билјана Бејкова од НВО инфоцентар информираше дека во рамки на нивно истражување, над 80 проценти од општините одговориле на барањата за слободен пристап до информации, но малку од нив го испочитувале рокот, доцнеле со одговорите, а и квалитетот на одговорите бил дискутабилен.
„Општините имаа намалена транспарентност. Ковид-19 се користи како изговор дека немаат време, квалитетот на информациите е послаб, намалена е соработката со граѓанските организации и поддршката. Ситуацијата се влошува во делот на транспарентноста и пристапот до информации“, рече Бејкова.
Увидот за бараната информација е бесплатен, притоа може да се побара фотокопија, електронски запис и сл, но доколку се работи за информација од поголем обем, се плаќа надоместок во висина на материјалните трошоци. Надлежна за сите прашања кои се однесуваат за пристап до информации од јавен карактер е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Институциите имаат можност да назначат и заменици на лицата кои се задолжени за давање на информации од јавен карактер, за да нема оправдувања за непостапувањето по барањата“, вели директорката Бојчева како одговор на поплаките од новинарите на сметка на институциите.
Бојчева потсетува дека законските прекршочни одредби предвидуваат 500 евра казна за функционерот или раководителот кој не определува лице посредник за информации од јавен карактер и 250 евра-прекршок за службено лице постапи спротивно на член 6, не ја ажурира листата на информации, бара образложение зошто се бараат информации, што е спротивно на законот, ако не ја даде информацијата на барателот, не даде годишен извештај на Агенцијата.
Незадоволство од институциите и во регионот, се бара повисоки казни и пократки рокови
Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер не е доследно спроведено ниту во земјите од регионот. Според некои истражувања во Хрватска новинарите најмногу се жалат на роковите.
„Ако работиш во информативна програма потребен ти е брз одговор, а многумина го користат тој рок од 15 дена и дури потоа одговараат дека немааат доволно информации и со тоа ја исполнуваат законската обврска, а всушност не ти одговориле ништо. Пристапот до информации е болна точка, особено кога се работи за довербата за работењето на институциите. Често вработените во институциите изложени на притисок да ги игнорираат медиумите и од страв да не останат без работа не одговараат на прашањата. Ако нема санкции никој не се замара“, вели за оваа анализа Јасмина Поповиќ, новинарка од ХРТ, Хрватска.
Слична е сликата и во Србија. Новинарите најчесто информациите ги добиваат од своите извори и избираат да ги прескокнат сите процедури со официјални барања, затоа што одговорите се добиваат кога темите веќе се неатрактивни за читање и гледање.
„Во Србија за информации од јавен карактер и сите жалби против институциите задолжен е Повереник. Информации од институциите може да бараат сите граѓани… Бараме и ние новинарите, но многу ретко бидејќи процедурата е предолга за дневните вести кои ги покриваме и најчесто се добива бирократски одговор. Трае околу еден месец, со право на жалби, но на крај сѐ се сведува на одговор кој не ни ѐ потребен и затоа и се откажуваме“, вели Петар Гајиќ, новинар од Н1, Србија.
Сепак хрватскиот синдикат и новинарско здружение реагираат на нетранспарентност на актуелната влада и затворени институции, па поради тоа предлагаат скусување на роковите од 15 дена. Паралелно се води расправа не само поврзана со роковите, туку и заострување на казните врз институциите кои ги блокираат информациите за кои се должни да ги дадат на увид на граѓаните. Казните се движат меѓу 700 и 3000 евра и се бара нивно зголемување.
Анализата е производ од дебатата на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер во време на Ковид-19“, активност од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт, поддржан од Европската Унија.