Над две третини, односно 69,3 проценти од новинарите кои работат во дигиталните медиуми во Македонија би ја напуштиле професијата ако за тоа им се укаже подобра прилика, покажаа резултатите од истражувањето кое го спроведе Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), а кои беа презентирани на средбата на раководството на Синдикатот одржана во Маврово на 17 ноември. Истражувањето кое беше направено во септември и октомври се однесуваше на работните и професионалните услови, познавање на синдикализмот, како и потребите на новинарите од дигиталните медиуми е дел од проектот „Синдикатот до синдикат – поддршка за регрутирање“ на Меѓународната федерација на новинари фокусиран на дигиталните медиуми.
Според Дарко Чекеровски, кој ги анализираше потребите на новинарите во дигиталните медиуми како главни причини за напуштање на професијата испитаниците ја навеле ниската плата и интензитетот на работата. На прашањето, каков тип на обуки би посетиле доколку имате можност да изберете, повеќето од новинарите се одлучиле за јакнење на дигиталните вештини и истражувачко новинарсто. Со овие вештини тие сметаат дека би биле поконкурентни и подобро би ги задоволиле потребите на јавноста. Тие иднината на новинарството ја гледаат во дигителните медиуми, каде потребно е да се создадат услови кои би овозможиле раст на нивните плати, поголем степен на организација, намалување на обврските, можност за напредок, зголемување на бројот на слободни денови итн.
Според анализата на работните и професионални услови на која работеше Маја Томиќ, новинарите од дигиталните медиуми се соочуваат со лоши услови за работа, но се и недоволно информирани за нивниот статус и недоволно го познаваат Законот за работни односи. Голем дел од нив работат дополнителни часови без паричен надомест и не се задоволни од висината на нивните плати. Истражувањето покажа дека просечната плата изнесува 18.348 денари или околу 300 евра, што е за речиси 100 евра помалку од просечната плата на ниво на држава. Според Томиќ најзагрижувачки е фактот дека 45 проценти од испитаните новинари работат хонорарно без работен договор.
Во делот за синдикално здружување и познавање на синдикализмот анализата на Тамара Чаусидис покажа дека голем дел од новинарите не ја разбираат суштината на синдикализмот и се незаинтересирани за колективна заштита. Само 26, од вкупно 88 испитаници одговориле точно на прашањето, според кој закон се формира синдикат. Останатите 62 испитаници или не знаеле или дале погрешен одговор на ова прашање.
Врз основа на резултатите од истражувањето, но и од другите сознанија на ССНМ раководството дебатираше и донесе низа заклучоци и чекори кои треба да се преземат за подобрување на состојбата: поактивна работа на синдикалните преставници, активна промоција на работата на социјалните мрежи, како што се Фејсбук и Твитер, директни посети на медиумите и агитација на лице место, поголем ангажман на синдикалните претставници, зголемување на обемот на бенефиции, олеснување на постапката за плаќање на членарина (преку интернет) и едукација на новинарите и медиумските работници за одредбите од Законот за работни односи.