Радио МОФ е добитник на наградата „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“ за 2020 година што ја доделува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажни вести“, поддржан од Европската Унија.
За членовите на тимот на Радио МОФ добивањето на наградата претставува обврска, но и одговорност да продолжат со практикување на професионално и одговорно новинарство.
„Да се биде добитник на наградата „Роберто Беличанец е големо признание за Радио МОФ и за она што досега го имаме сработено како една релативно мала редакција. Радио МОФ од самото основање се води од премисата дека новинарството е, и мора да биде третирано и признаено како јавно добро. Ова за нас е признание, но и голема обврска за во иднина да бидеме уште подобри, поодговорни и да работиме за јавниот интерес. Да поттикнуваме иновативни, креативни и ангажирани луѓе, а истовремено и одговорни институции, отворени кон јавноста“, велат од тимот на Радио МОФ.
Членовите на жирито едногласно оценија дека Радио МОФ, од повеќе аспекти, заслужува да ја добие наградата, особено имајќи ги предвид заложбите што ги прави овој медиум во промоцијата на новинарството како јавно добро.
„Основан како програмска активност на невладината организација Младински образовен форум, Радио МОФ, во годините на своето постоење целосно е посветен на целта на публиката да ѝ обезбеди квалитетно, разновидно и етично информирање. Функционирајќи како „медиум на заедница“ (community media) и потпирајќи се на постулатите на „активистичкото новинарство“, Радио МОФ опстојува на позицијата дека не е доволно само да се известува, туку дека треба да се придонесе во подобрувањето на состојбите и корекција на проблемите со кои се соочуваат сите граѓани и граѓанки и општеството во целина“, пишува во образложението на жирито.
Комисијата за доделување на оваа награда разгледуваше четири номинации кои дојдоа од самите новинари или нивни колеги и тоа: Либертас, Пресонлајн, МИА и Радио МОФ.
Критериуми кои беа земени предвид се: континуирано чувство за општествена одговорност и третирање на новинарството како јавно добро, односно залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари и постојано третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените т.е. почитување на работничките и професионалните права на вработените.
Поради пандемијата со коронавирусот церемонијата за доделување на наградата нема да се одржи, а плакетите наскоро ќе им бидат доставени на добитниците.
Роберто Беличанец (1972 – 2013) беше борец за слобода на изразување и експерт за медиуми. Тој со својата работа остави силен печат во медиумската сфера, но и со својот општествен ангажман, критиките кон секое застранување на властите, кон негативните општествени појави, извртени вредности, како и постојаната борба за слободни медиуми и слобода на изразување
Наградата за медиум промотор на новинарството како јавно добро „Роберто Беличанец“ оваа година се доделува по третпат и е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажни вести“ кој ССНМ го спроведува заедно со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот од Лондон.