Содржајна средба на ССНМ со снимателите

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во четвртокот (22.09.2022) одржа средба со дел од нашите колеги и соработници, снимателите во ТВ куќите, порталите и агенциите. Проектниот менаџер на ССНМ Дарко Дуридански им повтори на поканетите дека ССНМ со полн погон е ставен во функција на вработените во нашите медиуми и дека канцеларијата им нуди поддршка и правна помош на своите членови, а координаторот Перо Момировски соопшти детали од тековните обврски и случувања. Модератор на средбата беше еден од најискусните сниматели Трајче Илиевски од МРТ.

Во присуство на 13 претставници од фелата на средбата беше разговарано за повеќе теми кои ги засегаат колегите сниматели, пред се, за нивниот статус и условите во кои работат, а беа споделени и искуства со кои тие се соочуваат секојдневно. Од нив е споделено дека моментално основниот проблем е егзистенционален и дека станува збор за исклучително мали плати на снимателите во голем број медиуми. Оттука произлегоа и предлози за заштита на професијата со ангажирање на лица образувани за таа дејност и обуки за кои ССНМ искажа подготвеност да ги организира. Колегите сниматели размислуваат и за минималната плата што во моментов, до обединување под капата на ССНМ, е неостварливо.

Проблем за снимателите се и непостојаните договори за вработување, нивната безбедност на терен, како и нееднаквата родова застапеност во професијата. Од ССНМ потсетија дека стојат на располагање за потребите на снимателите, но беше подвлечена и неопходноста од обединување на сите, по области, за полесно обезбедување на неопходните услови за работа.

На работниот состанок на ССНМ со снимателите имаше дискусија и за се позачестената потреба на медиумите тие да извршуваат повеќе обврски во исто време. И да бидат возачи, тонци, светлаџии, линкаџии, па и новинари, што во следниот период ќе бара нивна адаптација и усовршување.

Останати
објави

Сподели на...