Според искуствата изнесени од учесниците, физички закани кон новинарите во регионот нема, но ги има на социјалните мрежи. Токму на самата средба од страна на претставници од телевизијата М-Нет беше презентирано видео во кое на фудбалски натпревар, навивачка група скандира заканувачки и навредливо кон телевизијата, што секако може да предизвика и други закани кон новинарите од телевизијата.
Дека нема физички закани, покажува и информацијата од СВР Штип, од каде ни потврдија дека во 2021 година досега нема пријава за закана кон новинар или медиумски работник. За одбележување е дека имаше случаи кога претставници на полицијата ги спречуваа новинарите и репортерите да ја вршат својата работа на терен, кои случаи беа решавани во соработка со СВР Штип.
За тоа дека нема закани кон новинарите, од повеќето учесници беше изнесен загрижувачки став – дека причина за тоа е што новинарите, поради лошата економска состопјба, како и поради се поголемиот број на нерегулиурани медиуми /портали, се повеќе се самоцензурираат и избегнуваат критички прилози.
За стравот кај новинарите за својата безбедност влијае и праксата на нерешавање на големиот број на закани на социјалните мрежи – во овој дел судството е прилично неефикасно, па голлем број на новинари и медиуми се предмет на говор на омраза на социјалните мрежи.
Кај новинарите од регионот и понатаму преовладува чувството дека тие пишуваат за неправдите и непочитувањето на работничките права на сите останати категории на вработени, додека нивните права не се почитуваат. Во најголем дел, новинарите работат и во саботи, недели и на празници, без плаќање на патни трошоци кога се на терен. Во почитувањето на работничките права, новинарите не се ништо подобри од оние за чии проблеми пишуваат.
Беше кажано дека за да се подобрат условите во медиумите, неопходно е конечно да се реши статусот на државните медиуми – јавниот сервис, каде уште има дописници со нерешен статус. Исто така, беше истакнато дека треба да се реафирмира и реализира идејата за постоење на еден телефонски број на кој ќе може да се пријави закана кон новинари и медиумски работници.
Средбата беше дел од проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија“ поддржана од Балканскиот труст за демократија, спроведуван од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија.