Средба на претставниците на ССНМ со евроамбасадорот Дејвид Гир

Датум

Првите луѓе на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници денеска (среда, 06.09.2023) одржаа средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир на која беа опфатени низа тековни прашања од работата и обврските на ССНМ како активен чинител во нашиот медиумски простор.

На средбата на евроамбасадорот му беа презентирани активностите во проектите кои се помогнати од Европската Унија и прелиминарните резултати од мапирањето на новинарите во земјава, кое во соработка со Институтот РЕСИС се уште трае и кое треба да даде вистинска слика за бројот, статусот, потребите и моменталната положба на вработените во медиумската индустрија.

Во рамката социо-економски статус амбасадорот на ЕУ беше информиран и за одразот на економската криза врз висината на примањата на новинарите и медиумските работници, што заедно со сите други форми на притисок што им се случуваат на колегите, ја прават професијата тешка.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски на средбата го пренесе цврстиот став на организацијата за спроведувањето на измените на законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги во делот на јавни кампањи на националните ТВ концесионери. Синдикатот останува на истата гледна точка дека таква измена би ја вратило корупцијата во медиумите, а на никаков начин не би се подобрила ситуацијата на вработените.

Дејвид Гир се интересираше и за нерегуларните вработувања на определено време и за предлогот на ССНМ таквиот начин на ангажирање да се ограничи на една година, како и за проблемот на дописниците и новинарите и медиумските работници ангажирани во локалните медиуми.

Останати
објави

Сподели на...