Средба на претставници на ССНМ и ЗНМ со медиумски работници во Скопје

Датум

Во рамки на активностите од проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ претставници на раководните тела на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и други новинари оствари средба во петокот (1 октомври) во Скопје на која дискутираа за состојбата во медиумите, слободата на изразување и други теми кои ги засегаат новинарите.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски на средбата се осврна на главните проблеми со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, особено истакнувајќи ја социо-економската состојба. Тој притоа истакна неколку успешни активности на синдикатот како што се коорганизацијата на вакцинацијата заедно со ЗНМ, преговорите за мерката за помош за медиуми во ковид кризата, односно уредбата за ослободување на медиумите од придонеси на плата за вработените, преговори со работодавци, низа истражувања за социо-економската состојба на новинарите и друго.

„Борбата за подобри и попрофесионални медиуми не е целосна без заедничка работа, и тоа го покажува токму оваа соработка помеѓу двете организации. Професионално новинарство е можно само доколку се исполнети сите услови бидејќи професионално новинарство и почитување на новинарските стандарди не се можни без стабилна социо-економска состојба на медиумските работници“, истакна Беловски.

На средбата се зборуваше за новинарските стандарди, како и за економската состојба на медиумите, за можностите за формирање медиумски фонд и начините на финансирање на медиумите со цел тие да ја извршуваат својата основна функција на заштита на јавниот интерес.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, рече дека двете организации остануваат на ставот против враќањето на државни средства во приватни медиуми бидејќи тоа се покажало како лошо искуство по слободата на медиумите.

„Ние остануваме на ставот дека членот 102 не треба да се менува. Дадовме конструктивен предлог за формирање на Фонд за медиуми за поддршка на професионалното новинарство, како и друг вид на индиректна помош која би важела за сите со цел да се спречи клиентелизмот и влијанието на политиката врз медиумите“, истакна Чадиковски.

Присутните на средбата се согласија дека се потребни почести консултации во фелата, утврдување на приоритетните проблеми со цел преземање на соодветни активности.

Настанот е организиран во рамките на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ (Safer Media Workers for Quality Journalism in North Macedonia) финансиран од Балканскиот труст за демократија (Balkan Trust for Democracy) преку Програмата за слобода на медиуми

Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.

 

Останати
објави

Сподели на...