Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денска оствари средба со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска на која се разговараше за почитувањето на Законот за работни односи од страна на работодавачите како и потребата од унапредување на социоекономска сигурност на медиумските работници.
Во воведното обраќање Тамара Грнчароска, членка на Извршниот одбор , посочи дека за жал ССНМ мора да повторува истите работи од претходние средби.
„По искуствата од минатото, важно е да потенцираме дека постои потреба од исклучување на неколку членови кога станува збор за оранизирање на штајтк. Да се оранизира штрајк во некоја друга дејност и во нашата е комплетно поинаку и прекинот на работа значи и лишување на јавноста од информирање“ – нагласи Грнчароска.
Понатаму се дискутираше за условите за работа, работата во смени и прекувремена работа, работа во недела-ден на неделен одмор, исполнителноста на обврските од страна на работодавачите на договорите за вработување и потребата од предвремено пензионирање (бенефициран стаж).
Министерката Јована Тренчевска истакна дека Министерството за труд и социјална политика е отворено за соработка за медиумските работници и сите засегнати страни при подготовка на измените и дополнувањата на нацрт верзијата на Законот за работните односи, со кои заштитата и почитувањето на работничките права се става на повисоко ниво.
„Најавуваме отворање на широка јавна дебата за Законот за работни односи во која ќе бидат повикани сите засегнати страни, и секако подготвени сме за понатамошна отворена соработка, која има за цел надминување на предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници“ – изјава Тренчевска.
Оваа средба беше организирана во рамките на проектот „Синдикатите за правично закрепнување“ спроведуван во партнерство со Европската федерација на новинари, а поддржан од Европската програма за вработување и социјални иновации “EASI” 2014-2021. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.