Средба на ССНМ со претседателот Пендаровски

Датум

Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) се сретнаа денеска со претседателот Стево Пендаровски во „Вила Водно.

На средбата ССНМ и претседателот Пендаровски разговараа за состојбата со медиумските слободи во Македонија, синдикалното организирање, како и условите во кои работат новинарите и медиумските работници.

Меѓудругото на средбата се разговараше за прашањата кои е потребно да се уредат во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, како и за овозможување на соодветни услови за новинарите слободно да ја вршат својата работа, со оглед на тоа дека медиумските слободи се уште остануваат предизвик за кој е потребен ангажман на сите засегнати страни со цел изнаоѓање на долгорочни решенија.

Претседателот Пендаровски беше информиран за иницијативата на ССНМ и ЗНМ за измена на одредбите во Кривичниот законик, со цел нападите врз новинари и медиумски работници да бидат истражувани по службена должност. Претседателот Пендаровски даде поддршка за измени во Кривичниот законик со кои ќе се овозможи нападите врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела кои ќе се гонат по службена должност.

Исто така, на средбата се разговараше и за работата на новинарите и медиумските работници во услови на КОВИД-19, при што беше истакната важноста на медиумите за известување во време на пандемии и непогоди. Дополнително беше нагласено дека сите институции, организации и компании кои ги канат медиумите на своите настани е потребно да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од КОВИД-19 и да се обезбедат соодветни услови за медиумите да ја извршуваат својата работа.

 

 

Останати
објави

Сподели на...