Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на свое односно на барање на своите членови во Македонската радио телевизија одржа средба со раководните луѓе на Првиот програмски сервис на која се разговараше за серија прашања кои се однесуваат на подобрување на условите за работа. Темите беа: бројот на слободни денови на вработените во дел од секторите во МРТ, шансите за унапредување по позиции, за статусот на хонорарните соработници, за ангажманот на дописниците, за завршените, и конкурсите за вработување кои треба да се случат во следниот период.
На средбата беше изграден заеднички став дека услови за подобрување на статусот на новинарите и медиумските работници во МРТ постојат, а раководителот на Првиот програмски сервис Анета Андонова вети дека сите барања ќе бидат проследени до менаџментот на Македонската радио телевизија.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници Павле Беловски истакна дека МРТ како најстар и најзначаен медиум во државата треба да биде пример за сите останати, и затоа ССНМ инсистира условите за работа во Јавниот сервис да бидат на највисоко ниво, а во продолжение и “репер“ за другите.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Синдикатите за правично закрепнување“ спроведуван во партнерство со Европската федерација на новинари, а поддржан од Европската програма за вработување и социјални иновации “EASI” 2014-2021. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.
