Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во рамките на проектот „Подигање на свеста за работничките права во медиумите и проширување на мрежата за членство“ во партнерство со Меѓународниот центар „Олаф Палме“, Шведска, на 15 февруари 2023 година одржа средба со новинари и медиумски работници од Струмица и регионот.
Упатени во ситуацијата на колегите и на нивните секојдневни премрежија, претставниците на ССНМ се понудија за сите форми на помош во обид, прво, јавноста да добие вистинската слика за проблемите со кои се соочуваат вработените и хонорарните соработници во медиумите од Струмица и дописниците на националните медиуми во земјава, и второ, да се превенира и интервенира во различните состојби.
Колегите новинари, дописници, сниматели, монтажери преупредија на алармантно лошата ситуација во која се наоѓаат: во делот на премногу обврски што ги извршуваат, во делот на вршење на повеќе активности во исто време, на работа без викенд, на премалите примања и нерегулираниот статус кај најголем дел од нив, и најмногу, на драматично намалениот број на новинари и медиумски работници што во иднина ќе има последици на информирањето, па и целокупниот демократски амбиент во градот и околните места.
Присутните на средбата се заблагодарија за потегот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и грижата за ангажираните во локалните медиуми бидејќи, како што рекоа, никој одамна не ги посетил и не прашал за проблемите со кои се соочуваат.
Настанот беше организиран во рамките на проектот „Подигање на свеста за работничките права во медиумите и проширување на мрежата на членство“, а поддржан од Меѓународниот Центар Олоф Палме.
Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.