Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во Штип се сретнаа со новинари и медиумски работници од локалните медиуми и дописници во јавниот сервис и националните телевизии во земјава.
На средбата се разговараше за непочитувањето на работничките права дека во најголем дел, новинарите работат и во саботи, недели и на празници, без плаќање на патни трошоци кога се на терен. Во почитувањето на работничките права, новинарите не се ништо подобри од оние за чии проблеми пишуваат, истакнаа тие.
Беше кажано дека за да се подобрат условите во медиумите, неопходно е конечно да се реши статусот на државните медиуми – јавниот сервис, каде уште има дописници со нерешен статус.
Еден од заклучоците на средбата беше предлогот на присутните за правење на синдикална дописничка група.
Оваа средба беше организирана во рамките на проектот „Синдикатите за правично закрепнување“ спроведуван во партнерство со Европската федерација на новинари, а поддржан од Европската програма за вработување и социјални иновации “EASI” 2014-2021. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.