Претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во сабота (06.11.2021) во Велес се сретнаа со сниматели од локалните и регионалните медиуми од земјава.
На средбата која беше организирана со цел запознавање со проблемите на колегите снимателите во таканаречените „помали“ медиуми, како и за вмрежување со цел утврдување на активности кои може да се корисни за подобрување на состојбата и условите во кои работат снимателите се обратија претседателот на ССНМ, Павле Беловски, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Беловски ги претстави активностите на ССНМ, како и погодностите за членовите кои се однесуваат пред се на одбрана на работничките права.
„Оваа средба е особено важна поради тоа што се собравме за да слушнеме со какви предизвици се соочуваат вработените во локалните и регионалните медиуми. Социо-економската состојба на медиумските работници е многу важна за професионално функционирање и таа може да се подобри само преку заедничко делување“, рече Беловски.
Претседателот на ЗНМ, Чадиковски пак, рече дека активирањето на секцијата на сниматели е од големо значење бидејќи само низ такви контакти и вмрежување може да се знаат и проблемите со кои тие се соочуваат.
„Мислам дека треба особено да се негува однсоот новинар – снимател и тие се во нераскинлива врска, проблемите и од социјален и од професионален карактер се исто така заеднички како и работата“, рече Чадиковски.
Поголем дел од средбата им беше посветен на снимателите кои укажаа на низа предизвици од социјално-економска природа како што се договори на определено, ниски плати, хонорарни ангажмани кои не даваат сигурност, но и проблеми од професионален карактер како оневозможување на извржување на работните задачи на терен и друго.
Оваа средба беше петта од серијата средби со новинари и медиумски работници од заедничкиот проект на ССНМ и ЗНМ, насловен како Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија, поддржан од Балканскиот труст за демократија (Balkan Trust for Democracy) преку Програмата за слобода на медиуми.