Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска (17.02.2023) организираа протестен марш „За одбрана на новинарското достоинство“.
Неколку стотини новинари и медиумски работници се собраа пред македонската влада и пред Собранието од каде беа испратени пораки и барања за подобрување на состојбата и условите за работа на новинарите и медиумските работници.
На протестниот марш беше искажано незадоволство од потценувачкиот однос на јавните функционери, навредите и нападите кон новинарите и медиумските работници, недонесувањето на важни закони за работата на медиумите, агресивниот владин пи-ар кој им ја зема работата на новинарите, непочитувањето на работничките права во голем дел од медиумите. Беше изразена и поддршка и солидарност со новинарите и медиумските работници од локалните и регионалните медиуми за тешката состојба во која се наоѓаат.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Павле Беловски истакна дека новинарите и медиумските работници се повеќе се шиканирани, напаѓани, навредувани, тепани и газени.
„Тој наратив потекнува од повеќе извори, но за жал забележуваме дека и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани. Го поздравуваме донесувањето на измените на Кривичниот закон со кои се предвидува нападот врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице, но предупредуваме дека соодветна и доследна примена на овој закон е она што нас не интересира и она што на крајот ќе се мери“, рече Беловски пред владата.
Како една од причините за маршот тој ја наведе и лошата состојба во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од локалните медиуми и побара да се донесат системски решенија за подобрување на нивната состојба.
„Тие работат во навистина тешки услови, со се помалку кадар, со ниски плати, и нивната социо-економска состојба е незавидна. Затоа и се повеќе се чувствува недостигот на локални теми, на известувања од локалните заедници што претставува сериозен недостиг во една демократија“, рече Беловски.
Тој се осврна и на работничките права на новинарите и медиумските работници кои, според него, во значитечен дел од медиумите не се почитуваат.
„Мораме заедно и сплотени како што сме и на овој марш да продолжиме да ги бараме и да се бориме за она што ни следува според законот за работни односи, а истовремено ги охрабруваме и сопствениците на медиумите да не се плашат од синдикатот и укажуваме дека овие состојби може да се подобрат пред се со потпишување на колективни договори со што далеку попрецизно ќе се утврдат условите за работа, како и обврските и задолженијата на двете страни. Дијалог со сите и победа за сите“, рече претседателот на ССНМ.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски наведе дел од барањата доставени до владата и истакна дека мора да сопре неспроведувањето на законите важни за медиумите, како и потценувачкиот однос на јавните функционери кон новинарите и снимателите.
„Работите тапкаат во место, а дури и се влошуваат. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентост кога со денови чекате одговор, а добивате пи-ар памфлет за објава. Некој ме праша деновиве: Што ви текна да протестирате кога немате затворени или не дај боже убиени новинари. А и слободата на говор е подобра денес отколку што беше пред неколку години? Му одговорив: Така е прав си. Но, излегуваме на протестен марш за да спречиме можност тенденциите кои ги набројав претходно утре да ни се преточат во нешто многу полошо. Да превенираме работите да не отидат во неврат и да ја испратиме пораката: Тука сме, може да разговараме, ама имаме сериозни барања до Владата и до парламентот“, рече Чадиковски.
Еснафските организации до Владата и до Собранието доставија акциски план со точки и потточки, но и рокови за реализација.
„Доста ни е од изговори. Бараме почит за новинарската професија, за сите нас. Никој не смее да не потценува и навредува затоа што на крајот од денот работиме за граѓаните и за јавниот интерес. Новинарството е јавно добро кое не припаѓа ниту на Владата, ниту на опозицијата, ниту на партиите, ниту на газдите на медиумите. Им припаѓа на новинарите и новинарките“, изјави Чадиковски.
Барањата испратени до Владата
Итно да запре негативниот тренд на понижувачки и агресивен говор од страна на јавните службеници, претставниците на Владата и на политичари кон новинарите со кои се почесто се соочуваме.
Владата како и јавни институции мора да престанат со агресивните Пи-ар практики што ги користат, а со тоа ја попречуваат работата на медиумите и претставуваат нелојална конкуренција на новинарите. Разграничување на тоа што е владин пи-ар, а што интерес на медиумите.
Формирање на медиумски фонд за новинарски производи кој ќе биде отворен, фер и транспарентен за сите заинтересирани медиумски професионалци, а кој е неопходен за да се подобри квалитетот на медиумската содржина и да се задоволат потребите на публиката во доставувањето на содржината што ја заслужуваат.
Поддршка за локалните новинари:
– Системски можности за вработувања, односно преку законски решенија во јавниот сервис МРТВ, како и државната агенција МИА.
– Владата да укаже дека е потребна поголема транспарентност на дел од државните институции кои што функционираат на локално ниво (болници, инспекторати, агенции и сл.). Освен ова, истакнуваме дека локалните власти, мора да престанат да ги потценуваат локалните новинари со нивниот однос. Бараме ослободување од одредени давачки за овие медиуми.
Мерки за подобрување на социо-економските услови на новинарите и медиумските работници:
– Доследно, целосно и неселективно спроведување на одредбите од Законот за работни односи, поголеми контроли околу исплатата на К-15 во медиумите, доследно спроведување на Законот за недела неработен ден.
– Вклучување на ССНМ, како синдикат на специфична професија која е од голема важност за јавниот интерес во подготвувањето на новиот ЗРО.
– Прифаќање на специфичните барања на ССНМ во однос на договорите за работа на определено (да биде врзано за работник во една компанија, а не за работна позиција).
– Разгледување на можноста за обврзувачки колективни договори во сите правни субјекти каде бројот на вработени надминува 20, бидејќи колективните договори се клучна алатка за уредување на работните односи во медиумите согласно спецификите на професијата.
Барањата доставени до Собранието
Поголемо разбирање и итност во носењето на медиумските закони кои се важни за работата и за социо-економската состојба на новинарите и сите медиумски работници, како и итно имплементирање на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во делот на МРТ и АВМУ.
Итно да запре негативниот тренд на понижувачки и агресивен говор од страна на пратеници и на политичари кон новинарите со кои се почесто се соочуваме. Функционерите и политичарите мора да ги почитуваат новинарите и снимателите, навредата кон нив е навреда за граѓаните. Ова е многу негативен тренд и мора да се запре.
Собранието како и јавните институции мора да престанат со агресивните Пи-ар практики што ги користат, а со тоа ја попречуваат работата на медиумите и претставуваат нелојална конкуренција на новинарите. Новинарите и снимателите не смеат да бидат попречувани во својата работа за време на официјални настани и не смеат да бидат третирани како лица од втор ред од страна на службениците.
Изработка на Протоколи за слободно движење на новинарите и медиумските работници во Собранието, како и за сите настани од интерес на јавноста како изјави, прес-конференции, поединечни интервјуа и слично.