ССНМ на разговори во АВМУ за регулација на медиумите и за ангажманот на дописниците

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска одржа работна средба во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги на која отвори неколку теми кои најдиректно ги засегаат вработените во македонските информативни гласила. На барање на нашите членови од онлајн просторот баравме објаснување за подготовката на изменните на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, за предлогот кој се работи и кој треба да биде доставен на гласање во месец мај, но и за втората фаза во која ќе биде опфатен делот за регулација на онлајн медиумите во Македонија.

Според директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски во моментов се работи на легислатива која оди по брза постапка поради усогласување на македонското законодавство со она на Европската Унија, а во втората фаза би се разработувале елементи за мониторинг на аудио и аудио-визуелни содржини во онлајн медиумите.

На средбата стана збор и за можните промени во однос на онлајн медиумите и нивно регистрирање или евентуално регуларање согласно европските стандарди и искуства. Според првично разменетите мислења и искуства една од најпрактичните опции е воведување на таканаречена мека регулација според која онлајн медиумите ќе треба да се регистрираат според одредени критериуми како импресум, сопственост, константност и придржување до постоечките акти за говор на омраза и дискриминација.

Во делот за статусот на дописниците на националните концесионери, претставниците на ССНМ инсистираа дека тие не се секаде присутни, дека нивната ситуција во најголем број е лоша и често имаат нерегулиран статус и беше потенцирано дека треба да се размислува за решение кое би ја подобрило целокупната слика. Ова се однесува и на социо-економскиот статус на колегите, но и на програмата на нашите радија и телевизии. Одговорот од АВМУ е дека според постоечките законски акти нема ингеренции да наметнува вакви решенија, но и дека од веќе остварените средби со сопствениците на медиумите добиле крајно негативен став.     

Средбата е организирана во рамките на проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ во партнерство со Европската федерација на новинари, финансиран од Европската Унија.

Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.

Останати
објави

Сподели на...