На барање на колегите од Куманово, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 27 март 2023 година одржа состанок на кој присуствуваа новинари и медиумски работници кои зборуваа за проблемите со кои се соочуваат при извршување на својата работа.
На работната средба беше констатирано дека условите во кои работат локалните медиуми се лоши и имаат проблем со задоцнето исплаќање на платите и кратење на истите, па затоа и вкупната бројка на новинари и медиумски работници постојано се намалува.
Колегите од Куманово апелираат, а ССНМ ќе воспостави контакт со надлежните органи со цел поведување сметка за состојбата во оваа професија, бидејќи забележителен е падот во професијата поради постојано кратење на платите и хонорарите и честото непочитување на основните работнички права во гласилата што може да доведе до сериозни последици по развојот на слободите и демократијата во медиумскиот простор.
На средбата беше изграден заеднички став дека со синдикално здружување постојат услови за подобрување на статусот на новинарите и медиумските работници во локалните медиуми.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Подигање на свеста за работничките права во медиумите и проширување на мрежата на членство“, а поддржан од Меѓународниот Центар Олоф Палме.
Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.