Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници претставуван од претседателот Павле Беловски учествува на 31-от Конгрес на Меѓународната федерација на новинари (МФН) кој денес започна во Мускат, Оман. Овогодинешниот конгрес е најголемиот и најзначајниот медиумски настан на Блискиот Исток на кој учествуваат околу 250 новинари и медиумски работници кои претставуваат федерации, синдикати и здруженија од 92 земји, како и повеќе од 50 новинари и медиумски професионалци како претставници на весници, радија, телевизии и онлајн медиуми.
Главни теми на Конгресот се борбата против неказнивоста на нападите врз новинарите и медиумските работници, следењето на новинарите, солидарноста во Авганистан, Украина и Јемен.
Светскиот конгрес на кој домаќин е Здружението на новинари на Оман започна со конференција за влијанието на ковид пандемијата на новинарството и редакциите и активностите на членките на Меѓународната федерација на новинари за зачувување на работните места и животите на новинарите во последните две години.
Делегатите исто така ќе дебатираат и ќе ја одобрат работната програма на МФЈ за 2022-2025, а ќе бидат разгледани и 34 иницијативи вклучувајќи поттикнување на родова еднаквост во медиумите, промоција на Конвенцијата на Обединетите Нации за безбедност и заштита на новинарите, потребата од регулација на продажбата и употребата на шпионски софтвер, осуда на нападите врз новинарите и слободата на медиумите во многу земји, вклучувајќи ги Украина, Јемен и Авганистан, како и повик за итно ослободување на новинарите кои се во затвор поради вршење на нивната работа.
На крајот, делегатите ќе изберат нов Извршен комитет и пет високи офицери вклучувајќи го и Претседателот. ССНМ исто така за прв пат зема учество во работните тела делегирајќи ја Тамара Грнчароска за постојан член во комисијата за родова рамноправност, тело на Меѓународната федерација на новинари.