Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници целосно ги поддржа барањата на вработените во Медиумската информативна агенција кои денеска, во време на паузата, излегоа на предупредувачки протест пред просториите на агенцијата. Барањата за зголемување на платите и усогласување со инфлацијата, и неодобрувањето на нови вработувања е заглавено во административни лавиринти што ги намалува капацитетите на МИА, и тие најконкретно беа причина за ваков начин на изразување револт кон владата и надлежните министерства.
“Првпат во 25-годишното постоење на МИА вработените се принудени преку протест да бараат остварувања на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот“, изјави Марина Илиевска, вработена во МИА и член на ИО на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Илиевска вели дека потпросечните плати и неодобрувањето на нови вработувања, ќе ја стави МИА во ситуација да се соочи со одлив и недостаток на кадар и дека барањето веќе неколку месеци чека да биде ставено на дневен ред.
“Зголемувањето на платите во МИА е предвидено во планираните расходи за плати утврдени во Финансискиот план за 2023 година односно за тоа не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот“, рече Илиевска.
Протестот се одржа во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а претседателот Павле Беловски кој за МИА, заради потпишаниот колективен договор, смета дека е бисер на синдикализмот во македонското новинарство.
“Тука го имаме единствениот колективен договор што е изработен и потпишан и нуди унапредување на работничките права и заштита на работничките права. Јас се надевам дека нема да застанеме тука и ќе најдеме трајно решение за проблемот МИА, бидејќи проблемот тлее 25 години, со оглед на тоа дека МИА е во вазална состојба секогаш кон Владата, бидејќи буџетирањето доаѓа од таму“, рече Беловски.
Беловски дополни дека се надева оти овој протест ќе биде само импулс, а тоа е со носење на Закон за МИА со кој, како што рече, еднаш засекогаш ќе се раскине врската на финансирање Влада-медиум, а буџетирањето на МИА ќе биде со предвиден процент договорен однапред, односно со пари на граѓаните при што граѓаните ќе ја плаќаат содржината и контентот што го произведува МИА, а не Владата.
“Се надевам дека од тука ќе почнеме и ќе резултираме со изработка на Закон за МИА, нешто на што целиме, како што успеавме колективен договор да потпишеме, а се надевам дека многу брзо ќе седнеме на маса и ќе разговараме за Закон за МИА и нашите колеги ќе ја добијат потполно независноста, уредувачката политика и планирањето и растот на нивните плати, бидејќи МИА, да не заборавиме, остварува и приход со нивното квалитетно работење“, дополни тој.
Највено е дека протестот кој беше поддржан и од Синдикатот на медиумски информативни агенции може да биде радикализиран доколку барањата не бидат прифатени од надлежните.