Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја потпишаа декларацијата „Плата за живот“ на шестата „Текстилијада“, која е организирана од Здружението „Гласен Текстилец“.
Со оваа декларација се бара промена на формулата за формирање и на минималната плата.
Ова регионално барање , а истражувањата на синдикатите и невладините покажуваат дека мининималната плата во земјите на Источна и Југоисточна Европа е 25 проценти од платата за достоинствен живот на работниците, а две третини од границата на сиромаштија во ЕУ.

Перо Момировски од ССНМ на дебатата „За пристојна плата“ која следеше по потпишувањето на декларација ги претстави проблемите со кои секојдневно се соочуваат новинарите и медиумските работници во земјава и ја поздрави иницијативата за вака декларација.
„Декларацијата плата за живот ја потпишуваме со чиста совест, со отворено срце и со широко отворени раце. Не затоа што ние треба да ја подржиме Кристана Ампева или Гласен Текстилец, туку затоа што тоа едноставно е суштината за која што сите ние треба да се бориме“ потенцираше Момировски.
А, по повод одбележувањето на Светскиот ден за пристојна работа денеска, Меѓународната федерација на новинари (IFJ), најголемата светска организација на новинари, се приклучува на повикот на Меѓународната конфедерација на синдикати за борбата за фер и достоинствена плата.
МФЈ бара сопствениците на медиумите да ги вратат пристојните плати во новинарството и да престанат со практиките на попречување на синдикалното здружување.
Инаку, согласно меѓународно прифатените критериуми, пресметката на платата за живот треба да се заснова на реалните трошоци за достоинствен живот и да ги покрива основните потреби на работниците и нивните семејства: храна, облека, домување, јавен превоз, трошоци за комунални услуги и телекомуникации, образование, здравствена заштита, слободно време и култура, вклучувајќи ги и дискреционите приходи, т.е. можност за заштеда до 10% од платата.