Декларација за подобрување на работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници

Датум

Декларацијата се базира на тоа дека професионалните новинари и медиуми треба да можат да работат во слободна медиумска средина без притисоци и закани за да се гарантира функционирањето на демократските процеси, како и од премисата дека само безбедни и добро платени новинари и медиумски работници можат да продуцираат новинарство кое го штити јавниот интерес

Подобрување на професионалните и работничките права и условите за работа на новинарите и медиумските работници се главните пораки од Декларацијата која денеска на прес-конференција во Скопје беше презентирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Меѓународната федерација на новинари (МФН).

Декларацијата која беше поддржана и од Здружението на новинари на Македонија и Институтот РЕСИС беше создадана по тридневната „Мисија за скрининг и застапување за професионалните и работничките права на новинарите и медиумските работници“ во Република Северна Македонија, дел од проектот „Работнички права за независно новинарство“ поддржан од Европската Унија.

Декларацијата се базира на тоа дека професионалните новинари и медиуми треба да можат да работат во слободна медиумска средина без притисоци и закани за да се гарантира функционирањето на демократските процеси во Република Северна Македонија, како и од премисата дека само безбедни и добро платени новинари и медиумски работници можат да продуцираат новинарство кое го штити јавниот интерес.

Декларацијата беше презентирана од генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер, дел од тимот на мисијата заедно со Нисрин Саламех од МФН и медиумскиот експерт и консултант, Деирдре Кевин.

По тридневните средби со надлежните институции за медиумската легислатива, како и со редакции и медиумски организации, мисијата се запозна со состојбата на слободата на медиумите во Република Северна Македонија и условите во кои работат новинарите.

„Никогаш не заборавајте дека новинарите работат во јавен интерес, никогаш не заборавајте дека новинарите работат во интерес на граѓаните на својата земја. Демократијата мора да брани слободен и независен печат. Демократијата мора да им овозможи на медиумите и новинарите да работат во добри услови. Демократијата мора да обезбеди етичка и економска независност на своите новинари и медиумски плурализам“, рече Беланжер на прес-конференцијата.

Тој испрати и силна порака дека Законот за медиумите мора да ги зема предвид демократските стандарди, но и меѓународните документи и одлуки, како на МФН така и на главните агенции на Обединетите Нации.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски се осврна на борбата за работничките и професионалните права, како и важноста на поддршката од професионалните организации како МФН.

„Оваа посета или мисија за нас е важна од повеќе аспекти, пред се многу ни значи поддршката која ја добиваме од Меѓународната федерација на новинари која претставува стотици илјади новинари од целиот свет, но е важна и поради искуството и знаењето кое го имаат тие како и Деирдре Кевин кога се работи за борбата за работничките права и застапувањето за нивно остварување како преку директна борба, така и преку подобрување на законските решенија кои се однесуваат на медиумите“, рече Беловски.

Експертот за медиумска легислатива Деирдре Кевин ја истакна потребата од развивање на целосно нова легислатива за медиумите.

„Многу е важно да се проодлжи со процесот на подобрување на медиумската легислатива, особено усогласување со Европскиот закон за слобода на медиуми. Ова се однесува и на заштитата на условите за работа на новинарите. Секако, потребна е и транспарентност на финансирањето на медиумите. Преку ЕУ проект во 2023 година веќе беа изработени низа анализи и препораки за нов Закон за медиуми со кои се подобруваат и заштитуваат работничките права на новинарите. Исто така се препорачува и формирање на фонд за медиумски плурализам и квалитетно новинарство“, рече Кевин.

Останати
објави

Сподели на...