Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во делот на редовната комуникација со своите членови, но и со сите колеги кои се ангажирани во македонските медиуми, во Велес и Штип одржа работни состаноци во рамките на дебатата „Улогата на новинарите од локалните заедници и подобрување на нивните услови за работа“ како дел од проектот „Градење на моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ спроведуван со поддршка на Меѓународната федерација на новинари и Union to Union.
Во опширната дискусија и на двете локации провејуваше загриженост за перспективите за развој на професијата и обезбедување на елементарни услови за извршување на задачите во медиумите. Колегите предупредуваат дека голем дел од медиумите се гасат, бројот на новинари драматично се намалува, а во исто време, притисокот за известување за локални теми и случувања се зголемува.
По констатацијата за влошување на општиот амбиент во новинарството во Велес, следуваа низа прашања кои се однесуваат на создавање на кадар, внесување и привлекување на млади медиумски работници, обезбедување на средства за одржување на постојните гласила, па и за огласувањето во локалните и регионалните медиуми во пресрет на изборите следната година.
Во Штип од ССНМ беше побарано во следниот период да се изработи детална компаративна анализа на состојбите во медиумската индустрија во тој дел од Македонија, со акцент на споредба на тоа што постоело и што функционирало пред десет, дваесет години, а што во понудата постои во моментов. Секако и за актуелниот број на луѓе во медиумите и нивните приходи.
Заедничка тема во двата града беше идејата на ССНМ за унифицирање на договорите за работа на новинарите и медиумските работници, и подготовка од страна на правниот тим на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумски работници на образец на договор за вработување, кој би ги содржел основните услови до кои сопствениците би морале да се придржуваат при договарање за ангажман. Секако присутните се свесни дека за таков потфат ќе треба обединување на сите кои во моментов исполнуваат обврски кон македонските медиуми во рамките на седумте плански региони.