Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 5 ноември 2024 година во својата канцеларија одржа средба со дел од членките, средба која беше искористена и за координацијата на новата секција при ССНМ за основање на Мрежата на жени во медиумите. Сите девет колешки кои на Попова Шапка презедоа обврска да ги подготват материјалите за почеток на работата на новото тело учествуваа и разработуваа план за чекорите што ќе бидат преземени.
На состанокот на групата се говореше за регрутирањето во ССНМ како најдобар модел за окрупнување и омасовување на Мрежата која во следниот период ќе се обиде да се наметне како организација која ќе се грижи за остварување на правата на новинарите и медиумските работници во овој случај на новинарките и медиумските работнички. Став на присутните е дека форми на обука за привлекување и презентација ќе бидат неопходни и дека ќе се искористат сите релации да се дојде до луѓето и организациите кои ќе можат да помогнат во реализација на идеите.
Учесниците на состанокот говореа и за спецификите на правата на жените и дека тоа е акција за која треба сериозно да се заложат сите ангажирани во нашите медиуми, особено што сме сведоци дека истите се нарушувани во повеќе сфери. Нападите врз колешките, нивно застрашување, постојано присутната дискриминација при ангажирање, модернизирање на договорите за вработување и заштита на бремените новинарки и медиумски работнички се само дел од областите кои ќе треба и ќе мора бидат предмет на реакција.
Оваа средба беше организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“. во партнерство со Union to Union и Меѓународната федерација на новинари.