На работилница на ССНМ отворено прашањето за грански колективен договор за новинарите и медиумските работници

Датум

ССНМ на 28 април 2025 година во Скопје одржа уште една работилница за подигање на свеста за силата на синдикатите, и најконкретно на новинарскиот, но и на неопходното обединување во обид да се остварат работничките права.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на 28 април во Скопје одржа уште една работилница за подигање на свеста за силата на синдикатите, и најконкретно на новинарскиот, но и на неопходното обединување во обид да се остварат работничките права. Ова беше шеста едукативна работилница за работнички права со што безмалку 100 наши колеги од повеќе градови и од сите видови на медиуми беа упатени во тековните процеси во нашиот медиумски простор со акцент на методологијата на препознавање на борбата и натамошниот развој на синдикализмот меѓу новинарите и медиумските работници.

Работилницата во кафе „Котур“ на која предавач беше професорот на Институтот на хуманистички и општествени науки Здравко Савески носеше наслов „Судбоносниот триаголник: работникот, синдикатот и правата“ и беше дел од проектот „Работнички права за независно новинарство“ што ССНМ го реализира во партнерство со Институтот РЕСИС, а е поддржан од Европската Унија.

Колегите од неколку медиуми низ дебата за актуелни состојби ги посочија проблемите на релација работници и работодавци, како две страни на истиот медал и не ја криеја потребата од дополнителен развој на синдикалното движење меѓу новинарите со цел постојан притисок кој треба да обезбеди подобар амбиент за работа што несомнено ќе го зголеми и квалитетот.

На едукативната работилница на ССНМ во Скопје отворено беше и прашањето за потребата од грански колективен договор за македонските медиуми, со оглед на тоа дека во моментов во земјава само 30 проценти од вкупниот број ангажирани (тој според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС изнесува 2.146 лица) се опфатени од актот кој дополнително ги уредува правата на вработените. Од дискусијата извлекуваме дека Законот за работни односи не ги „покрива“ до крај спецификите на медиумите и дека Колективен договор на ниво на гранка би бил вистински исчекор кон подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници, но во продолжение би имал и позитивни ефекти на демократските процеси во земјава.

Обуката беше организирана во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани на настанот не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на организаторот и учесниците.

Останати
објави

Сподели на...