Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше организатор и домаќин на четиринаесет новинари и медиумски работници од повеќе македонски медиуми во текот на викендот (4 и 5 ноември 2023 година) кои зедоа учество на тренингот за известување за теми од животна средина и климатски промени со наслов: „Што се случува со климата и зошто е тоа важно за новинарите?“.
Обуката што се одржа во хотелот „Скардус“ на Попова Шапка беше поддржана од Journalism Fund и од проектот „Работнички права за независно новинарство“ поддржан од Европската Унија.
Учесниците низ двата дена на Шар Планина во кои предавач беше медиумскиот консултант и поранешен новинар на Би-Би-Си, Кевин Бурден се стекнаа со практични и теоретски знаења од известување за настани поврзани со животната средина и климатските промени, лоцирање на теми и нивна разработка.
Бурден кој има повеќе од 30-годишно новинарско искуство во таа област, како и 20-годишно искуство со обучување на новинари за покривање теми од областа на животната средина целосно го задржа вниманието на колегите кои многу активно беа вклучени во дискусијата на темата.
Со оглед на актуелноста на проблематиката која се разработуваше на Попова Шапка и секојдневното соочување со проблеми од тој тип, новинари и медиумски работници во својот опсег на работа ќе можат да ги применат сознанијата стекнати во текот на минатиот викенд.
Обуката што се одржа на 4 и 5 октомври 2023 година е прв дел од серијата тренинзи на оваа тема, а веќе на 11 и 12 ноември 2023 година, ќе биде одржана уште една сесија на тема известување за животната средина и климатски промени со наслов: „Што се случува со климата и зошто е тоа важно за новинарите?“.