Новинари и медиумски работници поминаа низ обука за известување за време на еколошки кризи

Датум

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници организираше обука наменета за новинари и медиумски работници на тема „Улогата на медиумите за време на еколошки кризи?“. На обуката којашто се одржа на 16 и 17 март во Виница учествуваа претставници од повеќе новинарски куќи во земјава.

Дводневната обука беше модерирана од Фросина Пандурска-Драмиќанин од здружението на граѓани „Македонско еколошко друштво“, која направи вовед во темата животна средина и еколошки кризи и, исто така, презентираше теми што новинарите би можеле понатаму да ги разработат во производи за медиумите, а се од проблематиката која сериозно се наметнува да биде најважна во светот во следниот период.

Предавач на обуката беше професорот Тони Милевски, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет – Институт за безбедност, одбрана и мир кој го претстави концептот на еколошка безбедност и пренесе истражувања со фокус на темите климатски мигранти, топлотни острови и глобални еколошки закани.

Александра Ристовски од Црвен крст на град Скопје ја претстави улогата на Црвениот крст при информирање и дисеминација како самостоен стручен соработник за дисеминација, информирање, ПХВ програма, како и искуствата на црвениот крст при справување со кризи и катастрофи во изминативе години.

Државниот советник од Центарот за управување со кризи Драги Тарчуговски ја објасни улогата на Центарот за управување со кризи во поглед на рано предупредување и тревожење, европскиот телефонски број за итни случаи 112, како и важната улога на институцијата во врска со меѓуресорската и меѓународната соработка и координација во врска со управување со кризи. Додека Илија Бојаровски од Центарот за управување со кризи ја истакна важната улога на медиумите при известување со кризи и направи дистинкција меѓу криза и кризна состојба.

ССНМ обуката ја организираше во соработка со Институтот РЕСИС, а во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, поддржан од ЕУ и проектот „Обучување на медиумските работници во Македонија за покривање на климатските промени и теми од животната околина“, поддржан од JournalismFund.

Останати
објави

Сподели на...