„Ми се објавува, ми се плаче“, „Право на вистината пред бизнис интересите“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“, „Не се претставувам лажно, сакам да објавам нешто важно…“ беа дел од пораките што новинарите и медиумските работници ги испратија на денешниот (17.11.2023) протест во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) што се одржа пред Граѓанскиот суд во Скопје.
Под мотото ПРАВОТО НА ГРАЃАНИТЕ ПРЕД ИНТЕРЕСОТ НА МОЌНИЦИТЕ новинарите и медиумските работници го кренаа гласот против неправдите врз новинарите кои кулминираа со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар.
Сметаме дека судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство.
Пред колегите новинари и медиумски работници свои обраќања имаа: новинарите Сеад Ризвановиќ, Ирена Мулачка, Мефаил Исмаили, како и претставничката на Блупринт – групата за реформи во правосудството Тона Карева.
„Се повторува сценариото од времето на А1, и тогаш како и сега знаевме за што се работи, не беше целта да се затвори телевизијата, беше целта да не замолчат, постапка која се преслика после тоа на други медиуми и на други начини. Се сеќаваме и на прогонот на Томислав Кежаровски и други случаи. Сега се случува во друга форма, но содржината е иста. Овие судии и судот треба да знаат нешто – ние сите овде не зборуваме во наше име и во име на медиумите за кои работиме, туку во име на граѓаните“, рече Сеад Ризвановиќ.
„Тука сме сите медиуми кои посебно се занимаваме со истражувачко новинарство. Истата судијка која што ја донесе таа скандалозна одлука и кажа дека новинарите не се новинари и треба да си ги објавуваат текстовите кај нив дома, во 2014 година има донесено уште една скандалозна одлука каде што беше осуден „Фокус“ за тужбата од Сашо Мијалков. Истата судијка колегата и новинар од „Сакам да кажам“ го направи (не)новинар за време на „крвавиот четврток“ кога тој беше дел од луѓето во Собранието кои беа повредени, а можеа да бидат и убиени. Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените и политичарите, а ние новинарите сме тука да ја кажеме вистината. Не може никој да не“, рече Ирена Мулачка.
Гласот на невладините организации кои исто така беа опфатени со скандалозното образложение на судот пред присутните го пренесе Тона Карева.
„Како претставник на граѓанските организации го пренесувам гласот на истите и би сакала да кажам дека го поддржуваме и протестот и реагираме остро на ваквата пресуда која што е скандалозна и директно ги повредува правата на здружување и правата на приватност како основни права загарантирани со Уставот на РСМ, но и со сите меѓународни конвенции. Кога довербата во правосудството е на вакво ниското ниво, овој тип на пресуда не придонесува за зголемување на довербата и судиите мора да се одважат и да работат согласно законите и меѓународните стандарди и принципи. Ваквата пресуда праќа порака до граѓаните дека треба да останат безгласни и пасивни во однос на корупцијата и на правдата“, рече Карева.
Новинарот Мефаил Исмаили рече дека пресудата кон ИРЛ и колешката Сашка Цветковска докажува дека од зборот демократија во државата не останува ниту почетната буква.
„За да се донесе таква пресуда за истражувачка сторија која ја кажува вистината е погрешно. Се добива впечаток дека смееме да објавуваме само кога имаме да кажеме тоа што тие сакаат да го слушнат. Се додека има ваква пракса, додека на овој начин сме третирани ние новинарите, постои опасност дека за кусо време нема ни да има демократска држава, туку само држава во која што граѓаните ќе бидат обични работници за политичарите и бизнисмените“, изјави Исмаили.
На протестот се обрати и колегата Горан Теменугов кој рече: „Молчењето не е злато. Денеска ви протестираат новинари, ко во старите времиња на Никола Груевски. Димитар Ковачевски, Талат Џафери, Христијан Мицковски, и претседателите на Уставен и Врховен суд елајте, кажете што мислите за слободата на говорот и дали сакате во иднина со закон да ни кажувате кој е новинар, а кој не е“.
ССНМ и ЗНМ доставија конкретни барања до претседателите на Основниот граѓански и Апелациониот суд во Скопје во кои се бара со особена внимателност да се испитаат сите аспекти по јавните реакции од страна на сите релевантни невладини организации како и реакциите од Меѓународната федерација на новинари (ИФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) поврзани со скандалозната пресуда на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Брако против ИРЛ“, како и поголемо разбирање и со сериозна внимателност да се постапува во иднина за постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници во државава.
ЗНМ и ССНМ побараа да се земаат во предвид одлуките на Советот за етика во медиумите на Македонија како и одлуките на Советот на честа при ЗНМ во насока на кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници во Македонија.